БИСТА 2025

Вчера во рамките на програмата на БИМАС XXII, се отвори и Биеналето на студентите по архитектура, во Музејот на современата уметност-Скопје. Оваа година на БИСТА беа претставени  проекти на студенти од 5 факултети за архитектура.

Настанот со воведен збор го отвори арх. Марија Димитриевска, по која следеа говорите на претседателот на БИМАС, арх. Мирковски, Мелоди Леунг ( Zaha Hadid Architects) и Нина Карангелевска Тодоровска, одговорна за организација на БИСТА, со чиј говор официјално беше отворено студентското биенале:

„Добра вечер на сите присутни – колеги, професори, студенти и пријатели.

Би сакала да се заблагодарам на Асоцијацијата на архитекти што ми ја довери организацијата на овогодинешната БИСТА – Биеналето на студентите по архитектура. Од секогаш сум сметала дека ова е една од најубавите улоги во организацијата на целиот фестивал.

БИСТА, како и секогаш, носи нова енергија, свежи идеи и препознатлив студентски ентузијазам. Верувам дека многу од колегите кои денес изложуваат на главната изложба на биеналето со радост и носталгија се сеќаваат на деновите кога, како студенти, изложувале на БИСТА.

 

Денес стоиме пред пет различни школи, пет различни приказни, пет различни начини на учење за архитектурата. Секоја од овие поставки носи нешто свое, свој јазик, свој пристап, но сите имаат нешто заедничко – многу вложен труд и искрени идеи.

Изложбата јас лично не ја доживувам како натпревар, туку како разговор. Разговор помеѓу тие идеи, меѓу луѓе, меѓу различни можни начини на размислување и учење.

 

 

Би сакала да им честитам на сите и да им се заблагодарам на факултетите што земаа учество:

  1. Архитектонски факултет – Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Скопје
    Деканка: Проф. д-р Анета Христова Поповска
    Координатор за БИСТА: Проф. д-р Александар Радевски
  2. Факултет за архитектура и дизајн – Универзитет „Американ Колеџ“, Скопје
    Декан: Проф. д-р Мишко Ралев
    Координаторка за БИСТА: Асс. м-р Паолина Милушева
  3. Факултет за инженерство, Оддел за архитектура – Меѓународен Балкански Универзитет
    Декан: Вонр. Проф. д-р Делчо Лешковски
    Координаторка за БИСТА: Вонр. Проф. д-р Марија Милошевска Јанакиеска
  4. Факултет за архитектура – МИТ Универзитет
    Декан: Проф. д-р Ванѓел Дуновски
    Координатор за БИСТА: Доц. д-р Дамјан Балкоски
  5. Факултет за технички науки – Универзитет на Југоисточна Европа
    Декан: Доц. Ракиб Амдиу
    Координатор за БИСТА: Доц. Бетим Зеќири

Голема благодарност до декан(к)ите, координатор(к)ите и сите вклучени во реализацијата за одличната соработка и лесната комуникација.

 

 

КОНКУРС ЗА ПОСТЕР
Во рамките на активностите поврзани со БИСТА, оваа година се организираше и конкурс за постер, кој помина со одличен одзив – пристигнаа вкупно 28 труда. Освен бројноста, особено радува и високото ниво на квалитет на пристигнатите предлози.

Жирито, составено од четири члена – претставници на четири архитектонски факултети – одлучи да додели три награди, и тоа:

Прва награда ШИФРА 23232 – Бојана Арџелиева

Втора награда ШИФРА 61077 – Мартина Савин

Трета награда: ШИФРА 1М3Ј0 – Марија Јакимовска

 

 

На сите учесници на Биеналето на студентите по архитектура им честитам за нивниот труд, енергија и креативност. Ви посакувам ентузијазмот никогаш да не згасне, а љубопитноста и храброста што ја имате денес да ве водат низ целата ваша професионална кариера.

Го прогласувам Биеналето на студентите по архитектура – БИСТА за отворено.

Ви благодарам! “

 

Студентите со професорите и менторите покажаа посветеност во претставувањето на своите факултети. Секој од 5те факултети имаше свој дел од просторот, каде преку сопствен концепт го презентираа она што сметаа дека овојпат е важно да биде истакнато пред пошироката јавност.

На изложбата можете да погледнете плакати, модели, истражувачки и концептуални проекти, резултати од првата работилница за параметрички дизајн, 3D принтови, макети итн.

 

По свеченото отворање и разгледувањето на изложбата, присутните имаа можност за неформално дружење во дворот на Музејот на современа уметност- Скопје со музика и коктел.

 

 

Фото: Борис Јурмовски

 

Автор на статија:

/ /