Болнички цркви Св. Никола и Св. Богородица / Охрид, XIV век

 

Период:  XIV век.

Локација: стар дел на Охрид, веднаш до пристаништето и „Долна Порта“

Извори: www.macedonium.org; www.zkn.mk; www.ohridnews.com;

 

Дали некогаш ште погледнале што има на другата страна од ѕидините на „Долна Порта“ во Охрид? Тука, скриени од гужавата на пристаништето и кејот, се наоѓаат две средновековни цркви кои го носат епитетот „болнички“. Храмовите Св. Никола и Св. Богородица се мали еднокорбни цркви кои со себе носат интересни приказни од минатото и исклучителни архитектонски, урбанистички и уметнички карактеристики.

Бидејќи во градот веќе имало многу цркви, и голем дел ги носеле имињата на истите светци, на храмовите им се додавале епитети за да можат да бидат распознаени. Овие називи честопати доаѓале од нивната локација, а тука покрај брегот на Охридското Езеро, во стредновековието постоела болница. Па така овие цркви го добиваат името Св. Никола Болнички и Св. Богородица Болничка.

 

 

Болничките цркви во современиот контекст

 

 

Двете цркви формираат урбанистички комплекс, кој иако сигурно се менувал низ вековите, се уште јасно се чита во современата урбана матрица. Малите храмови се опкружени со пространи дворови чии рабови се целосно исѕидани, некаде со високи полни огради, некаде со ѕидовите од соседните куќи, а кон Охридското Езеро со самиот одбранбен ѕид од градската тврдина. Високите рабови го конзервираат амбиенотот во овој урбан кластер, и донекаде ги кријат самите цркви.

 

 

Двете цркви, поглед од птичја перспектива / извор: www.srbtel.mk

 

 

Впрочем овие мали цркви секогаш биле во сенка на поголемите храмови во Охрид. Интересна е легенедата дека за време на една крштевка детето починало, а при друга венчавка невестата мистериозно умрела. Оттогаш се избегнувало тука да се организираат верски обреди. Во Охридскиот Завод и Музеј – Охрид е пронајден и документ кој забранува вршење на вакви обреди во овие цркви.

Безразлика на преданијата самите објекти секако биле многу мали за масовни собири, особено покрај големите храмовите Св. Софија или Св. Богородица Перивлепта, кои се наоѓаат во близина.

 

 

Надворешен изглед на болничките цркви и нивните дворови / извор: www.Ohrid1.com

 

 

Св. Никола Болнички

 

Св. Никола е постариот источен храм од комплексот болнички цркви во Охрид. Тоа е објект кој го гледаме штом ја поминеме капијата на плоштадот „Долна Порта“.

Наптисот во самиот објект укажува дека Св. Никола е изградена во 1313г. а храмот за прв пат се споменува во пишани извори во 1342/45г.

 

 

Надворешен изглед на црквата Св. Никола Болнички / извор: www.mymacedoniablog.wordpress.com

 

 

Станува збор за еднокорабна црква со полукружен свод, која е целосно изведена од кршен камен и варов малтер, а само декорациите околу кровната партија се изведени од тули.

Во XV-от век е доградена мала капела на југ, од која денес е сочувана само источната апсида. Финаланта доградба е во форма на затворен трем околу јужната и западната фасада на оригиналниот наос.

Најспецифичен елемент е камбанаријата во форма на „фурка“ позиционрана на самиот кров. Ова е архитектонска карактеристика на приморските цркви околу Јадранот, и единствен ваков пример во Македонија.

 

 

Камбанаријата на црквата Св. Никола Болнички / извор: www.commons.wikimedia.org, Marcin Konsek

 

 

Камбанаријата на црквата Св. Никола Болнички / извор: лево – www.zkn.mk; десно: www.Ohrid1.com

 

Црквата е живописана во неколку наврати. Најстарите фрески датираат од првата половина на XIV-от век, и се наоѓаат во наосот . Тие се едни од врвните достигнувања на средновековното сликарство кои имаат и историско-политичка позадина. Во 1334г. Охрид е освоен од страна на Српското царство, а оваа црква – Св. Никола Болнички, е живописана со портретите на охридскиот архиепископ Никола, св. Сава, св. Симеон, царот Душан, неговата сопруга Елена и синот Урош. Фреските кои ги гледаме и денес осликуваат еден краток период во историјата на Охрид пред тој да падне во рацете на Османлиите.

Потоа во 1381г. е изведен втор слој живопис на западниот ѕид од надворешната страна на црквата. Па во XV-ти век е живописана капелата на југот од која денес ја среќаваме само претставата на „Причестувањето на апостолите“. Последната фаза е во 1480-81-та г. кога се насликани фреските на западниот фасаден ѕид.

 

 

Фрескоживописот во црквата Св. Никола Болнички / извор: www.zkn.mk

 

 

 

 

Св. Богородица Болничка

 

Св. Богородица е западниот храм од комплексот, и е изградена помеѓу 1365-67-та г. од Јаков, игумен на Климентовиот манастир на Плаошник.

 

 

Надворешен изглед на црквата Св. Богородица Болничка / извор: www.zkn.mk

 

 

Оригинално црквата била изградена со само еден едноставен брод, но триесет години подоцна била доградена и пресечена со попречен свод. Додавањето на овој свод-трансепт e едноставен начин за зголемање на волуменот на кровната партија и вкупната висината на самиот објектот.

Во XIX-от век црквата е повторно доградена со затворен трем кон југ.

Оригинаните ѕидови се изведени со наизменично менување на редови од камен, тули и малтер, а тремот е затворен со кршен камен и малтер.

 

 

 

Основа и надолжен пресек на црквата Св. Богородица Болничка / извор:  предавања по предметот Историја на Архитектурата и Уметноста во Македонија, при АФС – проф. Елизабета Касапова

 

 

 

Надворешен изглед на црквата Св. Богородица Болничка / извор: лево – www.zkn.mk; десно:  www.commons.wikimedia.org, Raso mk

 

 

Најстараите фрески датираат од од XIV-от век, и се зачувани само како фрагменти на северниот и источниот ѕид. Фреските од овој слој се дело на зограф што претходно го сликал јужниот параклисот на „Богородица Перивлепта“, и подоцна, по завршувањето со сликање на фреските во „Богородица Болничка“, слика во Марков Манастир.

При доградбата на трансептот, внатрешноста имала повеќе празни површини, целата внатрешност се покрила со нов, втор слој на фрескоживопис. Дел од оваа фаза е претставата на неиндентификуваниот охридски архиепископ, насликан на внатрешената страна на јужниот ѕид од црквата, како и претставата на „Страшниот суд“ на надворешнат страна на истиот ѕид.

За време на градежните интервенции во XIX-от век, црквата го добила и третиот, последен слој на фрескоживопис, кој подоцна е отстранет при козарваторски интервенции како би се откриле постарите слоеви.

 

 

Фрескоживописот во црквата Св. Богородица Болничка / извор: www.zkn.mk

 

 

Црквата Св. Богородица Болничка има резбан иконостас украсен со мотиви од растителниот и животинскиот свет. Тој е изработен од Никола Дарковски Караџовиќ од Лазарополе во 1833 година.

Сочувано е и едното крило на царските двери, кои по квалитетот на уметничката изработка се вбројуваат во најубавите дела на охридскиот иконопис од средината на XVI-oт век. За оваа црква во 1864 г. зографот Дичо насликува неколку икони.

 

 

Иконостасот во црквата Св. Богородица Болничка / извор: www.zkn.mk