BrutalSkop / Рудиќ
19.08.2025 • Фотографија

Фотографката Нина Рудиќ на 16 август 2025 година учествуваше на групна изложба во Сараево, каде се претстави со својата серија архитектонски фотографии „BrutalSkop“. Со овој проект, Нина го истражува бруталистичкото наследство на Скопје, претворајќи го во силен визуелен расказ.
По повод нејзиното учество, МАРХ ја покани да го сподели „BrutalSkop“ и со нашата публика.
Опис на проектот според авторот:
Во поново време, терминот „брутализам“ често се користи за да се опишат објекти од крајот на 20 век – огромни, непопуларни, па дури и непријатни за окото. Но, токму тие објекти ја носат суштината на стилот: искреност, скулптуралност и бескомпромисна анти-буржоазиска естетика, која архитектите ја ценеле и ја славеле.
Македонија не останала имуна на светските трендови. Од 60-тите до 80-тите години, особено по катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година, кога биле срушени 80% од градот и загинале илјадници луѓе, започнала нова ера на градба. Под водство на маестро Кензо Танге, Скопје добива нов, модерен лик – исполнет со бруталистички објекти кои и денес сведочат за тој период на обнова и визија.
Скопје, град со длабоки корени од античките времиња, денес е препознатлив по својата уникатна архитектонска палета. Остатоци од Отоманската империја, модерни згради кои се престоруваат дека се стари, и вистински ремек-дела од бетон – сите тие се сместени во срцето на градот.
Во рамки на изложбата посветена на бруталистичката архитектура, учествував со серија фотографии кои за мене имаат длабоко лична вредност. Овие објекти не ги гледам само како архитектонски форми – тие се дел од моето сеќавање, од моето растење, од мојот град. Бетонските фасади, масивните структури и сенките што ги фрлаат ме потсетуваат на детството, на патеките што секојдневно ги минував, на тишината и стабилноста што ја носат.
Како фотограф, но и како графички дизајнер и книжевен преведувач, секогаш сум била привлечена од приказни – оние што ги читаме, оние што ги гледаме, и оние што ги чувствуваме. Брутализмот, со својата сурова искреност и скулптурална моќ, ми зборува на јазик што го разбирам интуитивно. Моите фотографии не се само документирање – тие се обид да се зачува емоцијата, да се фати духот на едно време, и да се пренесе интимната врска што ја имам со овие простори.
Концептот зад мојата серија е едноставен, но длабок: да се покаже дека убавината не секогаш лежи во декоративното, туку во вистинското, во искреното, во она што останува. Бруталистичките згради на Скопје се сведоци на обнова, на отпор, на визија – и заслужуваат да бидат гледани со очи што разбираат, а не само со очи што проценуваат.

Кратка биографија на авторот:
Нина Рудиќ е графички дизајнер, фотограф и книжевен преведувач, чие професионално искуство се протега низ речиси две децении креативна работа. По образование е професор по англиски јазик и книжевност, но нејзината кариера ја води низ визуелни и книжевни светови, каде што секој проект е спој на естетика, прецизност и емоција.Како графички дизајнер, Нина работи на широк спектар на проекти – од издаваштво и брендирање, до дигитални кампањи и визуелни идентитети. Нејзиниот стил се одликува со чиста композиција, внимателен избор на типографија и способност да го претвори концептот во визуелна приказна.
Во последните пет години, активно се бави со професионална фотографија, со сопствено студио каде што создава портрети, уметнички серии и комерцијални фотосесии. За неа, фотографијата е интимен процес – начин да се улови моментот, карактерот и атмосферата, со светлина и перспектива што зборуваат без зборови.
Паралелно со визуелната работа, Нина е и книжевен преведувач со над дваесет објавени преводи од англиски на македонски јазик. Нејзините преводи се препознатливи по јазична префинетост, културна чувствителност и длабоко разбирање на книжевниот контекст.
Нина е личност која постојано истражува нови форми на изразување, комбинирајќи ги зборот, сликата и дизајнот во автентични и инспиративни проекти. Работи со страст, внимание на детали и верба дека добрата приказна – без разлика дали е визуелна или книжевна – секогаш наоѓа начин да допре до луѓето.
Во продолжение фотогалерија од изложбата во Сараево:

Автор на статија: Љубен Трајаноски