Бурмали џамија / Скопје 1495 – 1925
20.12.2021 • XVI - XIX век Истражување
Китор: Карлизаде Мехмедбег
Година: 1495 – 1925
Локација: Главен плоштад Скопје,
Денешниот главен плоштад во Скопје е можеби место кое поминува низ најголем број промени во текот на 20 век. Сепак главниот плоштад за еден град претставува огледало на општеството. Овој дел од градот постанува „главен плоштад“ само во почетокот на 20 век. Далеку од очите во што денеска го гледаме после сите трансформации на градот, почетокот на Скопје бил секогаш од ливадата на Бит-пазар, парчето земја помеѓу двата рида на градот и неговата река, каде е почетокот на Скопска чаршија.
По потпаѓањето на Скопје под Отоманската империја во 1392 година, градот доживува динамична и планска урбанизација во следните 150 години во кои големиот број на Отомански комплекси ќе бидат изградени преку „муслиманската институција на вакаф“. Бурмали џамија била изградена во 1495 година од страна на Карлизаде Мехмедбег и претставувал прв Отомански објект на десната страна на реката Вардар насочено кон планско проширување на градот. Поставена била на главната оска за пристап на градот или оската север-југ. Се до средината на 19 век непосредната близина на Бурмали џамија ќе остане периферијата на градот, се до поврзувањето на Скопје со железнички сообраќај во 1873 година и градењето на главната станица на десната страна на градот.
Железничката станица на десната страна на градот ќе придонесе за забрзан развој и урбанизација на овој дел од градот и плоштадот ќе почне да ја добива својата првична форма. По Балканските војни и потпаѓањето на Скопје под Кралството СХС, Скопје започнува една нова фаза, фаза на европеизација во која многу капитални објекти ќе бидат подигнати. Како тотална спротивност на моделот за Европскиот град, советот на град Скопје во 1925 година донесува одлука за уривање на Џамијата поради изградбата на офицерски дом, за дооформување на главниот плоштад на градот.
Од фотографските извори кои постојат од периодот пред рушењето на џамијата можеме да ја анализираме архитектурата на џамијата. Бурмали џамијата била изградена од делкан камен и два реда на тула техника „опус микстум“, централниот брод имал издолжена основа засводена со три коритести свода, поставени еден покрај друг, а додека тремот бил пресводен со пет кубиња покриени со олово како и останатиот покрив на џамијата. Сводовите од тремот се потпирале на шест мермерни столба со извонредни сталактитни капители. Минарето на џамијата било со база во четириаголна основа со спирално (burmali) стебло од каде и џамијата го добила своето име.
Денеска остатоци од столбовите и од капителите можеме да пронајдеме во градскиот парк во Скопје каде биле преместени по уривањето на објектот.
Интересна композиција од објектот претставува нејзиниот трем, каде петте декорирани сводови имаат експоненцијална пропорција која се зголемува од северниот кон јужниот свод. Истото е преточено и во пропорцијата на куполите.
До Бурмали џамијата се наоѓало и турбе кое било изградено кон крајот на XVI век. Било урнато есента во 1924 година пред уривањето и на џамијата. Основата претставувала шест аголна зграда, ѕидана од камен и тула со карактеристичен шилест покрив, единствен од тој вид во Македонија.
Автор на статија: Мартин Ефремовски
Бурмали џамија / Истражување / отоманска архитектура / религиозна архитектура / Скопје