Центар за аудиовизуелни уметности – Куманово / Коцева, Михаиловска, Божиноска
27.03.2023 • Студентски проекти
Автори: Љупка Коцева, Елеонора Михаиловска, Елеонора Божиноска
Семестар: IX – 2022/2023
Предмет: Интегративно студио
Тема: „Културата на секојдневието во локалните заедници: „Градски соби“-феномени на секојдневието“
Локација: Куманово
Наслов на проектот: „Центар за аудиовизуелни уметности “ – Куманово
Педагошки тим / ментор: проф. д_р Анета Христова – Поповска
Универзитет: „Св. Кирил и Методиј“-Скопје
Задачата на Интегративно студио „Културата на секојдневието во локалните заедници: „Градски соби“-феномени на секојдневието“ беше препознавање на потребите и културата на секојдневието на жителите на град Куманово и нивна артикулација во нови простори „градски соби“. Концептуалниот пристап е формирање на „градски ‘рбет“ со додавање на нови јавни програми долж реката Кумановка преку низа на интервенции со јавни простори низ зеленило кое води се до старото централно градско јадро.
Резултатот е формирање на „градски соби “ во зелена зона, вметнувајќи нов социјален аспект како дел од културата на секојдневието на жителите на градот Куманово. Овој концептуален пристап е резултат на недостатокот на јавни простори и јавни функции во близина на новоформираните градски населби во самото проширување на градот.
Куманово како град со богата култура, но и препознатлива алтернативна уметност, безброј независни уметници, забележува значителен недостиг на простори за нивна афирмација и промоција. Простори надвор од традиционалните рамки на познатото – простори во кој уметникот твори,презентира,учи но и соработува.
Овде уметникот алтернативец се себереализира но и се претставувува пред другите. Овде контактот меѓу посетителот и уметникот создава нова категорија на уметници. Ваквите стремежи на „новата“ уметност,бараат нова типологија на трансформабилни и мултифункционални простори кои за уметникот ќе претставуваат бегство од секојдневието, а за посетителот дел од „новото“ секојдневие.Токму овие трансформабилни и мултифункционални типологии од сферата на културните објекти се и нашата визија за градот, прикажани преку нашиот проект „Центар за аудиовизуелни уметности “ – Куманово.
Нашиот тим доби задача да работи на една локација која се издигнува како акропол над останатите содржини во опфатот Проевце, дел од новопредвидениот „градски ‘рбет“. Програмски објектот вклучува трансформабилна сцена која според барањата и потребите може да трансформира во театар во круг, театар-арена, сцена за модни ревии, едноставна банкет сала, а во комбинација со џез сцената која е предвидена до неа станува и класичен проскениумски формат на театар.
Програмата во објектот е предвидена да биде во функција на локалните уметници, па така, имаме балетско студио, галерија за мултимедијална уметност, локална радио и телевизија, фото студио како и ателјеа и работилници за уметници од сите возрасти.
Што се однесува до самото тело на објектот и пристапот кон добивање на неговата форма се послуживме со методологијата на “coilings” од речникот “The metapolis dictionary of advanced architecture:city, technology and society in the information age”. Coilings би значело предиплување, наслојување, па така, следејќи ги изохипсите на теренот, кој има значителен пад, добиваме едно каскадно тело кое во главно ја следи линијата на изохипсите, но исто така во делови смело им се спротивставува, со што се добива една форма која се однесува со почит кон контекстот, а во исто време го бележи своето присуство со смелите исфрлања, формирајќи стаклени екрани со поглед кон разгледуваниот опфат и реката.
Во внатрешноста фокусот е ставен на движењето, така што посетителот би имал едно континуирано доживување низ внатрешниот пејзаж. Во појавноста на објектот доминира и патеката со благ наклон, која го поврзува пристапното плато со нивото на првиот кат, а од тука на ваквото движење се надоврзува терасесто решениот партер со кој се формираат тие градски соби во зеленило. На овој начин имаме непрекинато надворешно движење од приземјето до вториот кат со што се поврзуваат и долната со горната улица.
Аудиовизуелниот центар е бегство од секојдневието и традиционалното кон уметност без рамки и граници.
Автор на статија: Љубен Трајаноски
Елеонора Божиноска / Елеонора Михаиловска / Интегративно студио 9 / Куманово / Љупка Коцева