Chelsea business center / Мојсов

Проектант: Ѓорѓи Мојсов

Проектантска куќа: ГМС проект

Инвеститор: СМС ШОП

Година на проектирање: 2014

Година на изведба: 2017

Текст: Ѓорѓи Мојсов

Фотографии: Филип Конески, Ѓорѓи Мојсов, Ќиро Попов

ЛОКАЦИЈА И ОПШТИ ПАРАМЕТРИ

Во центарот на Скопје, близу Јадран сквер, на улица „27ми Март“ број 11, е годинава е подигнат објектот на  „Chelsea business center“ . Проектирањето на објектот започнал 2014 година кога и овој дел од градот прераснува во најголемата пешачка зона на Скопје. Објектот е подигнат на површина од 240 м2 со вкупна бруто површина од 1200 метри и висина на венец 16,20 м ( П+4). Поради недоволна површина за вклучување на подземното паркирање, истото е решено преку закупување места во катната гаража во непосредна близина.

 

Ситуација

ФУНКЦИЈА

Објектот е предвиден за деловна и комерцијална намена. Горните катови имаат деловна намена со можност секој кат да функционира посебно, додека приземјето и подрумот може да имаат деловна или комерцијална употреба и може да функционираат како една целина.

Основа на приземје

Основа на I кат

КОНСТРУКЦИЈА

Конструкцијата ја сочинуваат армирано-бетонски столбови со кружна основа и греди со распон од 6 до 8 метри. Темелењето е решено со армирано бетонска плоча со дебелина од 100 см, додека кровната конструкција е решена како рамен кров со кровна градина. Конзолните неправилни испусти кои ја обликуваат фасадата се со дебелина од 20 см и без ободна греда поради естетскиот облик на објектот. Поради укрутување на објектот на калканите кон соседните објекти се предвидени и армирано бетонски платна со дебелина од 20 см.

 

Основа на II кат

КОНЦЕПТ НА РЕШЕНИЕ НА ПРОСТОРОТ

Влезот во објектот се наоѓа странично со цел да се добие голема и  компактна просторија во приземјето. Тој е потенциран со ѕид од стара цигла на едната страна и стаклена настрешница. Веднаш води до централно фоаје со пулт за информации, како и вертикалните комуникации. Лифтот и скалите се модерни и комотни, но и природно осветлени и вентилирани. Секој спрат може да функционира како посебна единица и може независно да се користи.

Основа на III кат

Распоредот на канцелариските простории е концепиран соодветно на фасадното обликување. Во задниот дел се наоѓаат помошните фукнции како санитарии, кујна, но и посебна директорска канцеларија, кои се исто како и скалишниот простор природно осветлени. Предниот дел кој се наоѓа кон главната фасада на објектот е слодобен и отворен и фукционира како океанска канцеларија. Стаклената фасада овозможува доволно природно светло во објектот и тераси за користење од страна на вработените. Распоредот на вертикалните поделби на стаклото како и прозорите кои се отвараат овозможуваат лесна поделба на океанската канцеларија на повеќе помали единици во зависност од желбите на клиентот. Приземјето заедно со подрумските простории можат да функционираат како посебен ентитет со сопствен влез од надворешната страна и внатрешно поврзување со скалиште.

Основа на IV кат

ИДЕЈА И КОНСТРУКЦИЈА НА ФАСАДАТА

Бидејќи објектот е лоциран на мала пешачка улица која е засега слабо фреквентна поради недостаток на објекти со комерцијална намена, концептната идеја беше да се создаде динамична разиграна фасада, која што ќе биде примамлива од повеќе агли и ќе ги привлекува минувачите да дојдат кон самиот објект. Ова беше појдовната точка за дизајнирање на формата на објектот, при што секој кат е формиран со различна прекршена поли-линија со остри агли.

@МАРХ

Силуетата на секој спрат е различна и дава особена динамика на објектот. Местата каде овие поли-линии се прекршуваат на еден кат се искористени за настрешници на спратот под него и за тераси на спратот над него. Фасадата е изведена од два типа на стакло, транспарентно и темно рефлектирачко, кои се поставени така да ги пратат прекршувањата на фасадата и дополнително придонесуваат за нејзината разиграност и динамичност. Мaтеријалите кои ја сочинуваат фасадата се структурално стакло со алуминиумска потконструкција и употреба на два типа на стакло со највисок коефициент на термичка заштита.

Пресек 1-1

Вертикалниот фасаден носач кај спојот помеѓу аголните прекршувања е избегнат и поместен кон внатре за да се добие убаво и елегантно спојување на стакло со стакло. Терасите се концепирани со гелендер од структурално транспарентно стакло кое ги прати линиите на долниот спрат. За да се добие контраст со стаклената фасада детали од објектот се обликувани со топли материјали.  Конзолните делови од фасадата се обложени со природно дрво за надворешна употреба кое е заштитено од вода поради самата положба, додека околу влезната партија на објектот се употребува стара цигла, која го потенцира влезот во објектот и продолжува во ентериерот на фоајето. Задната фасада е темно сива изведена од демит фасада и прозори кои се големи и соодветни на предната структурна фасада.

@МАРХ

ВИЗУЕЛНО ПОВРЗУВАЊЕ СО ОКОЛНИТЕ ОБЈЕКТИ

Објектот е сместен помеѓу згради со класичен изглед, главно изведени со армирано-бетонска конструкција и фасада со класични апликации и декорации, со светли бои на завршна фасада. Поради самата локација, објектот е замислен како контрастен од околината со цел да отскокнува од неа. Избрани се материјали како темни и транспарентни стакла за да се добие контраст со околината, но и да се отсликуваат објектите во непосредна близина. Со самата разиграна фасада контрира на останатите објекти, кои се класични и смирени.

ОСВЕТЛУВАЊЕ

Осветлувањето на објектот е дискретно и ненападно со неколку различни типови на осветлување. Самите канцеларии имаат плафонски линеарни светла кои се поставени под различни агли и ја дополнуваат динамичноста на самиот објект. Деловите од објектот кои се обложени со топли материјали како цигла и дрво се дискретно осветлени и само од потекцираат разиграноста на објектот во вечерните часови.

 

ЕНТЕРИЕР

Ентериерот исто како и фасадата на објектот е спој помеѓу индустриски дизајн и топли детали. Дијазнот е неутрален во однос на материјали и бои со цел да се прилагоди идните клиенти и да им овозможи понатамошни интервенции во просторот. Подот е изведен со крената конструкција под која се спроведени сите кабли и цевки што овозможува поголема флексибилност на просторот во зависност од потребите на клиентот. Завршницата е таписон бидејќи е неутрален и лесен за одржување.

Плафонот е оставен во бетонската контрукција со видливи кабли и надградни светла за осветлување и вентилациони канали. Внатрешните прегради се секогаш во стакло со дискретни апликации за да се дозволи транспарентост и осветленост на целата просторија. Употребата на топли детали како дрво, цигла и зеленило се мал но биден дел од ентериерот кои овозможуваат пријатна работна атмосфера.

 

ЗАВРШНИ ЗБОРОВИ

Објектот Челзи бизнис центар претставува детал во квартот во кој се наоѓа кој плени со својата оригиналност, разиграност, контраст и транспарентност. Отскокнува од целата околина и секогаш провоцира со својата динамичност и необичност. Со современиот дизајн и квалитетните материјали претставува автентичен белег на едно време.

Ф.К