Concrete to culture >>> Tрансформaција на рамен кров во нов јавен простор во Софија

Локација: Бизнис Парк Софија, Бугарија

Организатори: The Collective Foundation100stola

Графити артисти: XPOMEDjo Venci, и Aleksi Varna

Година: 2023

Површина: 3 000 m2

Извор: Prizes, New European Bauhaus 2024; www.designboom.com;

Фотографии: Yassen Jubirov

 

„Concrete to culture“, во слободен превод „Од бетон до култура“,  долгогодишен проект во соседна Бугарија чија цел е претворање на  деловниот комплекс Бизнис Парк Софија во активен простор за локалната заедница. Станува збор за партиципативен дизајн базиран на одржливост, кој е создаден преку соработка со локалните жители, вработените во комплексот, архитектите на објектите и разни уметници.

Ова е еден од наградените проекти на  „Фестивалот на европскиот баухаус“ за 2024 година. Станува збор за иницијатива на Европската комисија насочена кон преточување на европските еколошки договори во опипливи промени на терен со кои се подобрува животот на граѓаните.

 

 

Проектот „ Concrete to culture“ започна во 2023 година, по иницијатива на сопствениците на Бизнис Парк Софија, лоциран во населбата Младост, на периферијата на Софија. Тие ја поканија  фондацијата Колектив.бг, која обединува граѓани, експерти и институции во проекти за подобрување на урбаната средина и животот во Бугарија, да учествува во трансформирањето на овој простор.

Иницијативата започна со анкета на 480 жители, која требаше да помогне во разбирањето на моменталните потреби на локалното население. Потоа следуваа низа работилници со уметници, дизајнери, урбанисти и архитекти, во кои тие  беа споени со членовите на локалната заедница (вработените во комплексот и околните жители) со намера заедно да одлучат за идните програми на неколку слободни површини. Користејќи уметност и архитектура, проектот успеа да го надмине јазот меѓу двете групи, со цел обете да го почувствуват овој простор како свој.

Потоа следуваа низа работилници со уметници, дизајнери, урбанисти и архитекти, кои беа споени со локалната заедница со цел заедно да одлучат за идните програми на неколку слободни површини.

 

 

 

 

 

Меѓу другото, иницијативата вклучува и трансформирање на рамниот покрив на катна гаража во нова јавна површина од 3000м2. Самата трансформација на кровот е интересен пример за едноставна интервенција која постигнува одличен резултат.

Популарната желба на околните жители за јавен базен, кој иако практично невозможен во оваа фаза, послужила како инспирација за огромниот поден мурал, најголем во Бугарија, кој го покрива овој покрив со апстракни сини шари. Уметниците кои го изведоа, исто така се избрани преку отворен конкус.

 

 

 

 

На покривот е сместена и културна сцена, детско игралиште, зеленило, модуларни структури и флексибилни јавни површини, целосно бесплатни и отворени за сите. Дизајнот на модуларните структури се фокусира на флексибилност. Станува збор за модули претежно изработени од дрво кои лесно можат да се променат и пренаменат. Тие се оптимизирани за да можат секоја година да се составуваат врз основа на потребите и желбите на заедницата, намалувајќи ја со тоа потребата за нови материјали и ресурси.

На кровот се поставени и низа жардињери со автохтона флора, усогласена со локалната клима и еколошките обрасци, со цел да се обезбеди лесно одржување, но и зајакнување на околниот еко систем. Оваа интервенција е пример за искористување на потенцијалот на рамните кровови кои ги имаме  во изобилие и низ Македонија.

 

 

 

 

Она што го прави проектот специфичен е учеството на низа различни играчи: приватните сопственици на бизнис паркот, општинските тела, самите жители и локалните уметници. Внимание заслужува и фактот што станува збор за иницијатива на инвеститорот кој ги воочил бенефитите од трасформирањето на еден ваков стриктно деловен комплекс во мешана урбана зона.  Тој сега функционира како локален центар за култура и рекреација, попријатен за живот и работа,  што ја зголемува вредноста и на деловниот простор и на станбената област.