Црква „Св. Илија“ – Стар Дојран
25.02.2020 • XVI - XIX век Истражување
Локација: Стар Дојран
Година: 1848
Градител: Ѓорѓи Новаков – Џонгар
Фотографии: МАРХ, build.mk, delcampe.net
Црквата Св. Илија на влезот во Стар Дојран е симбол на турболентното минато и потсетник на еден поинаков град. Заедно со саат кулата и уште неколку објекти се единствените кои сведочат за тој поинаков Дојран, град кој е разрушен во текот на Првата Светска Војна. Поставена вон гранците на Стар Дојран, Црквата Св. Илија се издига на високо зарамнето плато ,,Мечкина скала” над северниот дел од градот, во близина на Езерото.
Изглед на Св. Илија во 70те години @delcampe.net
Проектот за реадаптација и реконструкција на црквата Св. Илија во културен центар за градот Дојран по нејзиното постоење како рушевина е предмет на дискусија. Дали целосната реконструкција или реадаптација со постоечките елeменти е правилниот избор? Во зборовите на Џон Раскин ,,најголемата слава на еден објект не е во неговите камења, ни во злато. Неговата слава е во неговите години.. и неговите ѕидови кои се тестамент на минувачките бранови на човештвото‘‘.
Црквата Св. Илија е изградена е од страна на Ѓорѓи Новаков – Џонгар во 1848 г. по прогласувањето на Хаташерифот на Султанот Абдул Меџит во 1839-та година. Градена во екот на преродбеничкиот период на сакралната архитектура во ХIX век. Археолошките испитувања во 2009та година пронајдоа остатоци од постари сакрални објекти под постојната црква што го потврдува значењето на местото. Црквата настрадува со бомбардирањето во Првата Светска Војна 1916-1918, при што поголемиот дел од архитектурата е оштетена. Надворешните ѕидови и камбанаријата се единствените кои ја преживуваат војната, кровната партија и ентериерот, нажалост се изгубени.
Јужна фасада Св. Илија @forum.build.mk
Планот ја имал формата на трибродна базилика (30м х 20м) со површина од 600 м². Како и кај Св.Пантелејмон во Велес, при Св.Никола каде на трите брода од наосот им биле приклучени уште две настрешници, на јужната и северната страна. Така во приземјето планот наликувал на петбродна базилика. На западната страна од наосот постоел галериски простор кој се простира и на дел од северната и јужната страна од наосот.
За разлика катедралната црква Св. Никола во Штип која Ѓорѓи Новаков- Џонгар ја гради во 1867 година, надворешните куполи на наосот во Св. Илија се иземени, главниот наос бил решен со три свода кои се прострирале над трите брода.
Основа @МАРХ
Надворешната обработка и декорација на објектот е едноставна. Како основен градежен материјал е користен обработен и кршен камен (делумно варовник) ѕидан со варов малтер и со употреба на либажни слоеви од два реда печена тула. Расчленувањето на фасадата е преку прозорските отвори кои се поставени во долги ниши кои одат се до кровниот венец, а започнуваат на висина на парапетот. Црквата била малтерисана со потенцирање на отворите и нишите. Поизразена обработка добива само апсидата каде имаме расчленување на ѕидовите со мрежи на колонети, ниши, слепи арки итн.
Источна фасада – Апсида @forum.build.mk
Оригиналната кровна обработка била од камени шкрилци која денеска може само да се забележи кај покривката на камбанаријата.
По завршување на Војната, скоро целосната внатрешна обработка на црквата исчезнува. Бугарскиот публицист Васил Кнчев во 1893 година при посетата на црквата забележува:
‚‚Црквата е многу убава архитектонска градба. Таа е без куполи, но многу висока, широка и светла. Пред главната влезна врата од јужната страна имаширока надстрешница над која продолжува покривот на црквата. Внатрешноста на храмот е украсена според вкусот на месното христијанско население и е живописна и иконописна со разновидни мотиви и ликови од свештенската историја,,
Од 2008та година започуваат конзерваторско-реставраторски интервенции каде главната цел е санација на постојната структура но и изработка и реконструкција на внатрешната структура и кровна покривка. Најважен елемент за изработка на проектот била самата деградација на постојната структура и небрежност од институциите за истата. Покровител на реконструкцијата е МПЦ, а проектот е изработен од Митко Пренџов, вработен во Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата во Скопје, за кој проект добива и признание.
Со проектот трибродната основа е реализирана со поставување по 8 кружни бетонски столбови на двете страни од централниот брод и истовремено вметнување на бетонски столбови во постоечките оргинални камени ѕидови поврзани со серија на греди и апсиди. Подот е реализиран во бел мермер.
Главниот брод – во текот на изработка (лево), завршна обработка (десно) @Марх
Без разлика една културна институција е повеќе од потребна во туристички центар како Дојран. Меѓутоа самата изведба на “реконструкцијата” низ серија на бетонски греди, столбови и слепи куполи не успеава да се надоврзе со оригиналната форма и историја на црквата. Самата агресивна употреба на бетон во постоечките ѕидови ја нарушува целата филозофија на реставрацијата каде е нарушен обидот да се заштити постоечката конструкција. Истото е важно и за археолошките остатоци кои се наоѓаат под Св. Илија.Самиот избор и на обработката на кровот во керамиди наспорти оргиналната обработка од камени шкрилци на камбанаријата е доказ за спротивностите во проектот.
Инвазивен метод на санација на постојните ѕидови преку бетонски кушаци и столбови во оргиналната структура @forum.build.mk
Проектот за реадаптација и реконструкција на црквата Св. Илија во културен центар за градот Дојран по нејзиното постоење како рушевина е предмет на дискусија, дали целосната реконструкција или реадаптација со постоечките елeменти е правилниот избор?
Автор на статија: Мартин Ефремовски
Ѓорѓи Новаков - Џонгар / Заштита на културно наследство / Илија / Културно наследство / МПЦ / Св / Стар Дојран