Црква Св. Богородица Перивлепта / Охрид, XIII век

 

Период: наос – XIII-ти век / доградби – XIV-ти век

Локација: на падините на ридот Дебој, стар дел на Охрид

Ктитор: наос – великиот херетијарх Прогон Згур / бочни капели и трем – деволскиот епископ Григориј

Фрескоживопис: прва фаза – Михаило и Ефтихиј / втора фаза – Јован Теоријан

Фотографии:  доколку не е поинаку наведено, фотографиите од денешната состојба се под авторство на МАРХ

 

Охридската црква Богородица Перивлепта, е надалеку позната по нејзините фрески, кои се едно од најврните достигнувања на византиската уметност од Паеолошкиот период, дело на сликарите Михаијло и Евтихиј.

Нејзината надворешност е целосно декорирана со керамопластика и опуси од камен и тула.

Покрај нејзината архитектонско-уметничка вредност, храмот има и значајна историја како седиште на Охридската архиепископија за време на отоманскиот период.

 

 

Историска фотографија од источната фасада / извор: македонски блогови

 

 

 

Перивлепта се наоѓа на навистина живописна локација. Надвисната над стариот дел на градот Охрид, оваа зарамнета платформа отвара извонреден поглед кон југ и езерото.

Всушност тука оригинално бил изграден цел манастирски комплекс, а црквата била неговиот централен храм – католикон.

 

 

 

Ситуација / извор: Preliminary Technical Assessment, church of Holy Mother of God Peribleptos Ohrid, стр. 14

 

 

 

Во оваа урбанистички целина денес ги среќаваме следните содржини:

  1. Влезна порта на манастирскиот комплекс;
  2. Црква Св. Богородица Перивлепта;
  3. Галеријата на икони: некогашна штала за коњи, која во 1980-те е реконструирана и наменета за складирање и изложување на византиски икони;
  4. Објект за домување: градба од крајот на 19-от или почетокот на 20-от век;
  5. Камбанарија: изградена во 1923г.;
  6. Гробот на Глигор Прличев: едноставна структура покриена со мермер и меморијална плоча;
  7. Паркот на Глигор Прличев;
  8. Кочеџик дрво: заштитен природен споменик, засадено во 1886 г. по повод илјада години од смртта на Св. Методиј;
  9. Фонтана: изградена во 1935 како донација од фамилијата Чобанович;
  10. Зградата на дебарско-кичевската епархија: двоспратна градба во нео-класичен стил, изградена во 1897г., некогашно училиште кое денес е пренаменето во административен центар на МПЦ;
  11. Црква Св. Димитрија;
  12. Црква Св. Константин и Елена;

 

Црквата Св. Богородица Перивлепта е дел од патеката низ најзначајните знаменитости на градот Охрид. Во нејзина близина се наоѓаат и античкиот театар и горната порта.

 

 

 

Перивлепта во нејзиниот урбанистички контекст, некогаш и денес / извор: www.zkn.mk

 

 

 

Дрвото Кочеџик и погледот од локацијата

 

 

 

ИСТОРИЈА

Над западниот влез на црквата, стои натпис која укажува дека таа е изградена и фрескоживописана во 1295 година. Нејзин ктитор бил големиот хетериарх Прогун Згур, роднина на византискиот цар Андроник II Палеолог (1282 – 1328).

За време на отоманскиот период црквата Св. Софија била претворена во џамија, па така од XVI-ти век до втората половина на XVIII век, седиштето на Охридската архиепископија се префрла тука, во црквата Св. Богородица Перивлепта.

 

 

 

Историска фотографија / извор: македонски блогови

 

 

 

Откако таа станува катедрален храм, во неа почнуваат да се чуваат низа вредни артефакти, како литургиски предмети, историски транскрипти, псалми и сл. Во комплексот била сместена и палата на архиепископот што подоцна изгорела во пожар во XIX-ти век.

Црквата е позната и по второ име, Св. Климент, бидејќи во XVI-ти век тука се чувале  и моштите на овој светец, но во 2002-та година, тие се преместени во возобновената црква на Плаошник.

Од поновата историја значајно е да се напомене дека во црквата Св. Богородица Перивлепта на 18 јули 1967 година Светиот архиерејски Синод ја прогласил афтокефалноста на Македонската Православна Црква (МПЦ).

Перивлепта е објект од исклучително културно историско значење. Сместена во охридскиот регион таа е дел од светското наследство на УНЕСКО.

 

 

 

Историска фотографија од влезните порти на манастирскиот комплекс / извор: македонски блогови

 

 

 

АРХИТЕКУРА

Црквата претставува впишан крст со централна октоаголна купола која се потпира на четири столбови. На исток има тристрана апсида, а на запад нартекс кој е покриен со слепа купола и два крстести сводови. На југ и на север има две мали капели.

 

 

 

План на црквата Св. Богородица Перивлепта / извор: извор: С. Коруновски, С. Грандаковска, „Средновековна Македонија“, Скопје, 2013;

 

 

 

Црквата е изградена во традиционален византиски стил, со силни влијанија од епирската архитектура. Ова го воочуваме преку сличностите со црквата Булгарели во близина на на Арта во денешна Грција.

Целата градба е од камен-бигор и тули. Самиот наос е целосно декориран со керамопластика што се гледа најмногу во горните сегменти околу сводовите и куполата и на источната фасада.

 

 

 

Споредба помеѓу фасадата на Перивлепта, Охрид – лево и Булгарели, кај Арта – десно / предавања по предметот Историја на Архитектурата и Уметноста во Македонија, при АФС – проф. Елизабета Касапова

 

 

 

Фотографија од горните партии на наосот / извор: www.zkn.mk

 

 

 

На оваа фасада среќаваме колаж на декоративни опуси. Базата на ѕидање е опус клуазон од наизменични редови на тула и камен. Над нив се појавуваат меандри од две вертикални тули и една хоризонтална, поставени во форма на буквата „П“.  Кога се спојуваат два симетрични реда на вакви меандри, тие во средината создаваат форми на крстови со еднакви краци.

Тука среќаваме и опус ретикулатум, карактеристичен начин на декорација со ромбови кој датира уште од антиката, а во случајот на Перивлепта е изработен од камен и тула. Наоколу забележуваме и други квадрати, цик цак линии, како и низа декоративни лаци и назабени венци, кои ги врамуваат нишите и главните габарити на фасадата.

 

 

 

 

Колаж од декоративни мотиви на источната фасада

 

 

 

Ваквото декорирање создава низа контрасти на рабови и површини, до степен до кој што веќе не се препознава што е позадина, а што орнамент. Овој принцип на декорирање е доста популарен кај византиските црква и  има за цел да создаде ефект на дематеријализација на фасадата. Ѕидовите се како текстил или чипка, една симболична претстава на светите и мистериозни случувања внатре во храмот.

 

 

 

 

Детали од источната фасада

 

 

 

За разлика од наосот, нартексот (пониска и понова партија на предниот дел од црквата) е многу поскромно изѕидан, само со камен, малтер и хоризонтално поставени дрвени талпи.

 

 

 

Северна фасада, наос – повисок дел, нартекст – понизок дел

 

 

 

Јужна фасада и камбанарија

 

 

 

Трем на западната фасада

 

 

 

Внатрешноста  на црквата пак плени со богата декорација. Оригинални дрвени врати од XIV-от век, нѐ водат од нартексот кон главниот, централен дел на храмот. Тука го среќаваме камениот иконостас кој е делумно оригинален од XIII-ти век, а делумно реконструиран. Старите парчиња се целосно покриени со декорации со христијански симболи и мотиви на флора и фауна.

 

 

 

Иконостасот во внатрешноста, делумно оригинален а делумно реконструиран

 

 

 

ФРЕСКОЖИВОПИС

Автори на фрескоживописот се Михаил и Евтихиј, потпишани на десеттина места во црквата меѓу кои потпис на исуканиот меч на св. Меркуриј. Ова е првото познато дело на овие пионери на палеологовскиот стилски израз.. Фрескоживописот во овој храм е еден од најдобро зачуваните средновековни фрескоансамбли во Македонија.

 

 

 

 

 

 

Зачувани се голем број на сцени од: Празничниот циклус, Страсниот циклус, Апокрифниот Богородичин циклус, Успенскиот циклус и Христовите чуда дела и параболи. Сцените изобилуваат со голем број на иконографски новини и решенија.

 

 

 

Фреската Успение на Богородица

 

 

Во првата зона има претстави на стоечки светители, меѓу кои на северниот ѕид се насликани и св. Климент и претстава на охридскиот архиепископ св. Константин Кавасила, додека нивни пандани на јужниот ѕид се апостолите Петар и Андреј. Овие претстави во панданство се прикажани како темелници на Охридската црква во рамките на универзалната Христова црковна институција основана од апостолите. Во рамки на претставата на Причестувањето на апостолите во олтарната апсида, апостолот  Јуда ја предводи јужната група, претставен е како лакомо го пие евхаристичното вино, што е симболички приказ на неговото предавство.

 

 

 

Горе лево – Успение на Пресвета Богородица ; горе десно – благовести од богородичното житие; доле лево – ликовите на Св. Климент и Св. Константин; доле десно – глетка кон програмата во олтарот / извор: С. Коруновски, С. Грандаковска, „Средновековна Македонија“, Скопје, 2013;

 

 

 

Во XIV век, поточно во 1364/65 година, деволскиот епископ Григориј, финансирал изградба и фрескоживописување на бочни капели и трем на црквата. Во овој зафат се насликани сцени од Празничниот циклус, допојасни светители и стоечки светители во првите зони на капелите. На северната фасада е насликан Богородичинот Акатист, на јужната фасада е насликан Страшниот суд, додека на западната фасада се гледаат фрагменти од композицијата Небесен дворец. На западната фасада на јужниот параклис се насликани: царот Урош, охридскиот архиепископ Григориј II, феудалните господари Гргур, Вук Бранковиќ и архимандритот Јован. Овој фрескоживопис се карактеризира со нагласен цртеж, линеарна моделација на формите, блага стилизација и светли колористички ефекти. Автор на фреските од оваа подоцнежна фаза е Јован Теоријан.

 

 

 

 

 

 

 

ИЗМЕНИ НА ОБЈЕКТОТ

Оригинално црквата била опкружена со трем, што настрадал во пожар неколку децении по изградбата.

Во 1364/65г. се додадени две капели, една на југ, а една на север од наосот. Овие доградби се многу успешно вклопени со постариот наос и заедно создаваат кохерентна архитектонска целина.

Уште од XV век црквата има проблеми со прокиснување поради што се изведени низа реконструкции. За сите овие подоцнежни интервенции ќе зборуваме во следна објава.

 

 

 

 

 

 

Автори на истражувањето: Ноеми Чаусидис и Владимир Таневски

Извори: