Црква Св. Константин и Елена / Охрид, XIV век
07.07.2023 • VI-XV век
Период: XIV век. – 1477г.
Локација: на падините на ридот Дебој, стар дел на Охрид
Ктитор: јеромонахот Партение
Извор: Македонска Енциклопедија; Д. Коцо, Околу датирањето на црквата Константин и Елена во Охрид, Годишен зборник на Филозофскиот факултет, Скопје 1954; www.wikipedia.org
Фотографии: доколку не е поинаку наведено, фотографиите се под авторство на МАРХ
Во стариот дел на Охрид, на брдото Дебој, близу Св. Богородица Перивлепта, ја среќаваме средновековната црква Св. Константин и Елена. Оваа градба од XIV-от век е специфична по нејзината доминантна локација со поглед кон Охридското Езеро, скромна, но хармонична архитектура, и целосно исликана внатрешност.
Во црквата има натпис кој нѐ информира за нејзиното градење. Таа е подигната во 1477г. од страна на јеромонахот Партение, и досега се смета за првата црква во Охрид која е изградена по доаѓањето на Турците Османлии. Ова укажува на исклучителното влијание на нејзиниот ктитор, кој морал да биде во добри односи со новата власт како би можел да подигне црква во самиот град.
Тогашниот општествен контекст наложува архитектурата на црквата да биде релативно скромна. Станува збор за градба од еден кораб кој е вкрстен со трансепт. Оваа преодна форма помеѓу еднокорабна и крстообразна црква потсетува на архаичните црковни форми. Но всушност овој потег е едноставен начин малата црква, без присуство на купола, да добие поголем волумен на кровната партија и да стане повпечатлива.
Овој модел подоцна го среќаваме во многу други цркви низ Охрид кои датираат од истиот период.
Оригиналниот наос доживува низа екстензии. На јужниот ѕид од оваа структура подоцна е додадена капела, а околу западната страна и остатокот од јужната страна на страна е изведен нартекс. Сите сегменти се изградени од камен варовник, во комбинација со тули или дрвени талпи.
Различните сегменти се многу лесно препознатливи. Највисокиот дел е главниот наос – најстариот дел од црквата. Јужната капела е како понизок додаток со помала апсида. А нартексот, исто така понизок, е единствениот дел од фасадата каде среќаваме дрвени талпи.
Поглед кон главниот нас и јужната капела / извор: www.zkn.mk
Горните делови од наосот и капелата имаат дополнителна декорација во форма на дворедни корнизи од назабени тули.
Најдекориран сегмент е јужната фасада трансептот, каде доминира контрастот помеѓу сивиот камен и црвените тули, нанижани околу две ниши и монофорен отвор.
Јужната фасада на трансептот / извор: www.zkn.mk
За разлика од архитектурата, фрескосликарството во оваа црва ја издига над другите примери на зачувани храмови од истиот период. Внатрешноста била целосно исликана но поради оштетувања, фреските биле кратко подоцна обновени.
Во денешните фрески забележуваме присуство на два зографи, кои се карактеризираат со различен авторски стил. Едниот црта со транзиција помеѓу светлите и темните елементи, а другиот со повеќе контраст.
Фреска од Успението на Богородица / извор: www.zkn.mk
Од фреските посебно интересна е претставата на ктиторот Партение прикажан со неговото семејство. Тој е насликан како ја носи макетата на црквата, а пред и позади него стојат неговата мајка и неговиот син.
Живописот содржи и многу други претстави, како слика од патроните на црквата, царот Константин и неговата мајка Елена, слики од многу светци, од празници и низа сегменти од Исусовиот живот и Библијата.
Лево: фреска од ктиторот со семејството; десно: фреска од патроните Константин и Елена / извор: www.zkn.mk
Царските двери од црквата Св. Константин и Елена, дел од поставката на Галеријата на Икони во Охрид / извор: www.zkn.mk
Оригиналната дрвена врата која води од нартексот кон наосот / извор: www.zkn.mk
Автор на статија: Ноеми Чаусидис
Охрид / Св. Константин и Елена / Средновековна црковна архитектура / Црква