Дали ѕирнавте во „урбаните простории“ на Сараево?

За книгата „Урбани простории на Сараево:  „Трансформација на градските јавни области со употреба на алатки за внатрешно дизајнирање“

Автори:  Нермина Загора и Дина Шамиќ

Текст:  Борис Трапара

Превод:  Георги Атанасов

Односот кон просторот што го споделуваме со другите луѓе претставува голем истражувачки предизвик во современиот свет на ненадејни промени на кои секојдневно сме сведоци. Комплексни начини на создавање на приватен и јавен простор, нивните меѓусебни интеракции и позиции на корисниците на просторот – самите ние, се прашања за моментот во кој се наоѓаме, како и за времето што допрва доаѓа. Авторите на книгата „Урбани простории на Сараево“, Нермина Загора и Дина Шамиќ, беа меѓу првите кои ја препознаа важноста на целокупниот одговор на овие прашања за современ третман на просторот од аспект на архитектурата и урбанизмот, во контекст на индивидуален и колективен идентитет и слоевити потреби на поединци во рамките на социјалната заедница.

 

 

Репрезентативната книга чиј целосен наслов е „Urban rooms of Sarajevo: Transforming urban public spaces using interior design tools“ беше објавена од Архитектонскиот факултет при Универзитетот во Сараево, на почетокот на април 2021 година. Современиот графички дизајн на книгата пропратен со пишан текст кој, иако е богат со неопходни стручни термини, со својот педагошки тон особено им се обраќа на студентите и колегите истражувачи. Текстуалните единици со презентирани и објаснети  дефиниции во рамките на поглавјето се структурирани на таков начин што го задржуваат високиот интерес на читателот кој преку книгата постепено се запознава со историскиот развој на Сараево, неговите урбани проблеми, потреби и можности.

Преку пет методолошки и јасно поставени поглавја од книгата, авторите ја презентираат сложената историја на зачетокот на јавните простори во Сараево, утврдувајќи и користејќи ги критериумите за нивно мапирање и истакнувајќи ја важноста и варијабилноста на идентитетот преку историски и социјални транзиции кои се движат од генералното до индивидуалното (од урбанизам до детали за внатрешни работи). Авторите нè водат низ можностите за обновување на градот до „урбаните простории“ на Сараево – пет индивидуални студии случајно третирани од гледна точка на архитект – истражувач и архитект – творец на просторот. Методолошката поставка на книгата и целосниот пристап ја откриваат слоевитната важност на улогата на архитектот и способноста на авторот да ги препознае тековните проблеми на ниво на истражување и успешно да понуди креативни решенија кои директно ќе укажуваат на зрел креативен капацитет и континуиран ангажман во архитектурата и во нејзините различни области. Овој начин на справување со просторот е еден од најважните ресурси што ги имаме,   исто така е и единствениот вистински начин – преку тесна врска помеѓу истражувањето и практиката.

 

 

Посебната вредност на книгата „Урбани простории во Сараево“ е во нејзината поширока достапност, бидејќи е напишана на англиски јазик и претставува значаен извор за домашни и странски истражувачи кои сè повеќе се интересираат за Сараево. Книгата е дел од актуелната и неопходна литература во современите европски истражувачки рамки. Ова е потврдено од големиот број неодамнешни странски извори што се користеа при подготовката на книгата, и што уште еднаш ни ја покажува респектабилната истражувачка ширина и високите истражувачки стандарди на авторите. Книгата „Урбани простории на Сараево“ е значаен чекор напред во истражувањето на просторот во контекст на урбанизмот, архитектурата и дизајнот на меѓународно ниво, чекор напред што заслужува целосно внимание и почитување на академската заедница, особено со оглед на важноста на пионерскиот зрак на светлината на  Босна и Херцеговина во академските кругови низ целиот свет.

Е-Книгата е достапна во целост на линкот >>>