Одбележан Денот на Комората со доделување на именуваните награди за најуспешните инженери и архитекти за 2025 година

На 19 декември 2025 година, Комората на овластени архитекти и овластени инженери (КОАИ) свечено го одбележа Денот на Комората. Во преполната сала на Комората, професионалната заедница се собра да ги прослави достигнувањата на инженерската фела и да им оддаде признание на колегите кои оставија силен печат во годината што изминува.

Настанот беше можност да се потврди улогата на Комората како институција која веќе низа години успешно го обединува целиот индивидуален инженерски капацитет во државата.

 

 

Пред присутните се обрати Заменик министерката за транспорт, г-ѓа Калтрина Зеколи Шаќири, која го поздрави собирот во име на Министерството како клучен партнер во креирањето политики за современо и безбедно градење. Претседателот на Комората, г-н Дејан Метикош, во своето обраќање истакна дека членовите со своето знаење и посветеност постојано придонесуваат за растот и развојот на професијата.

Централен дел на настанот беше доделувањето на именуваните награди, кои Комората ги доделува како јавна афирмација на трајните вредности во архитектурата и инженерството. Годинава, покрај четирите традиционални награди, за првпат беше доделена и петта награда наменета за одделенијата со помал број членови.

 

 

Добитници на признанијата за 2025 година се:

Награда за Архитектура „Проф. Борис Чипан“: Наградата ја понесоа Бојан Тасев и Никола Томевски.

Награда за Градежништво „Проф. д-р Александар – Цане Ангелов“: Лауреат е Филип Наневски.

Награда за Електротехника „Проф. д-р Станимир Јовановски“: Наградата му припадна на Томислав Петковски.

Награда за Машинство „Проф. д-р Илија Черепналковски“: Добитник е Владимир Бошњаковски.

 

 

Оваа година беше направен значаен исчекор со воведувањето на наградата именувана по „Проф. д-р Миле Димитровски“, еден од основоположниците и поранешен претседател на Комората (2017–2021). Целта на ова признание е да даде дополнителен поттик за видливост на професионалниот придонес на одделенијата со помал број членови.

Прв добитник на оваа награда е Ванчо Ангелов од Одделението за геотехника. Посебен емотивен момент на настанот беше врачувањето на симболичен подарок на добитникот од страна на г-н Даме Димитровски, член на семејството на покојниот професор Димитровски.

 

 

Настанот беше заокружен со пригоден коктел, каде присутните имаа можност да наздрават за успехот на професијата и новите соработки.

Информација за добитниците во изминатите години можете да најдете на следниот линк.

 

Извор: КОАИ