Детска градинка „Пчелка 1“/ PROXY
08.05.2023 • XXI век
Шифра: МААЛО
Локација: Општина Аеродром, Скопје
Автори: Мартина Блажевска, Зоран Петровски, Лидија Мицковска, Срна Манасиевска, Ана Капсарова, Никола Кунгуловски
Година: 2022
Студио: PROXY
Текстуално образложение:
Детската градинка ,,Пчелка 1” е лоцирана во населба Лисиче, општина Аеродром. Архитектонскиот концепт директно произлегува од анализата на контекстот на локацијата и нејзиното потесно урбано ткаење и предлага креирање на мал град во град – синтезна архитектонска композиција која што овозможува безбеден и инспиративен простор за згрижување и развој на најмладата генерација.
Со цел за расчленување на монолитниот волумен наложен од обемот на програмата, концептот предвидува негово уситнување во систем на засебни програмски и волуменски единици, стратешки организирани околу централен атриум, креирајќи една обединета фунцкионална архитектонска целина. Формалната поделба на композиција е добиена со зонирање на трите примарни програмски функции: зона за деца (јасли и занимални), зона за персонал и сервисна зона.
Површината на градежната парцела изнесува 7491m², а предвидената површина за градење по ДУП 2602m². Според овие параметри во нашиот проект добивме бруто изграденост од 2431.17m² и нето изграденост од 2245.83m².
Занималните и јаслите се испроектирани како засебни просторни и волуменски единици поврзани со застаклен хол кој е осветлен од внатрешниот двор, додека пак нивната форма и боја е инспирирана од уметничките дела на сликарот Ване Костуранов. Сите занимални се ориентирани спрема исток, запад и југ, што овозможува квалитетно природно осветлување.
Секоја единица има влезен простор со гардеробер, надворешен мијалник и пристап кон санитарните јазли, како и простор за дневни активности. Во однос на спиењето, единиците се делат на два типа, во зависност од старосната група и бројот на деца кои остануваат да спијат.
Дел од занималните имаат галерии во кои се поставени статични креветчиња, а останатите занимални се со монтажни кревети / душеци кои би се складирале во плакари кога нема да се користат. Сите едукативни единици се организирани околу внатрешниот двор , кој овозможува отворен и безбеден простор за учење и игра, со мал амфитеатар, овошна и зеленчукова градина со едукативен карактер, како и заграден двор за јаслите.
Сите фукционални зони се меѓусебно поврзани со мултифункционален хол, структурално и просторно поставен во средиштето на програмските зони. Предвиден како флексибилен во својата функција, холот може да прерасне во простор за разни приредби и настани, игра и социјализација. Покрај програмскиот капацитет, холот претставува и жариште на движењето низ целата градинка, директно пристапен од главниот влез, на источната страна на градинката.
Холот се поврзува со кујната од сервисната зона преку трпезаријата. Кујната има одделни влезови за прием на храна и простор и излез за отпад, како и посебен колски пристап за товарно возило.
До кујната се сместени останатите сервисни простории со посебен влез од северната страна, и домарот кој има видик кон главниот влез на градинката.
Зоната за администрацијата е поставена во северниот дел, но со поглед кон главниот двор, со цел вработените да можат да ги надгледуваат децата.
Дворот е ориентиран кон југозападната страна. Тој е оформен од разни зони за игра, песочни делови, лулашки и играчки. Хортикуларно е решен со трева, но се јавува и високо зеленило за природни сенки во топлите денови.
Конструкцијата на градниката е од армирано-бетонски греди и столбови со темели самци, а на гредите налегнува челичната конструкција за крововите.
Фасадата на занималните е демит фасада со камена волна , како најдобро решение за заштита од студ и брзо ладење на просториите по прекинување на греењето, додека фасадата на административниот и сервисниот дел е вентилирачка со композитен панел и камена волна како изолација. За кровот се користи кровен сендвич панел.
Во однос на енергетската ефикасност, на кровот од сервисните простории се поставени окулу 300 m2 соларни панели кои би го снабдувале објектот со потребната енергија од приближно 90 Mwh / годишно што претставува над 80% од вкупната потрошувачка.
Автор на статија: Filip Koneski
Аеродром / Ана Капсарова / градинка / Зоран Петровски / Лидија Мицковска / Мартина Блажевска / Никола Кунгуловски / Пчелка 1 / Срна Манасиевска