Доделени наградите на БИМАС 2018 „Баукултур“

Фотографии: Порта 3

На 27 септември 2018 (четврток) во 20:00 часот во Музеј на град Скопје се случи свеченото затворање и доделувањето на наградите на 19. Биенале на Македонската Архитектура „Баукултур“. На манифестацијата се обратија Владимир Десков – претседател на БИМАС 2018, Мартин Пановски – претседател на Асоцијација на Архитекти на Македонија – ААМ и Билјана Филиповска како претседател на комисијата за доделување на наградите на БИМАС. Оваа година членови на комисијата беа Ана Радоњиќ УО при ААМ, Анета Христова, Зорица Пенџерковска, Бујар Муча, Бранислава Ѓорѓевиќ -Атанасовска и Никола Томовски.

Доделени беа благодарници на сите учесници во организацијата на Биеналето и вкупно три награди. Во категоријата за архитектонски проекти награден е проектот за станбена куќа Стаматовски во Скопје на авторите Невенка Манчева- Аџиевска и Марија Антиќ-Николова. Во категоријата за реализиран ентериер и дизајн е проектот за Градинката Green House (Зелен дом) во Скопје на авторот Маргарита Поповска. Големата награда на БИМАС 2018, за реализиран архитектонски објект се додели за деловниот објект „Челзи бизнис центар“ лоциран во центарот на Скопје, на кој што автор е Ѓорѓи Мојсов, соработник Оливија Мојсова, архитекти во бирото ГМС од Скопје.

Име на проектот: Челзи Бизнис Центар/ Автор: Ѓорѓи Мојсов/ Соработник: Оливија Мојсова/ Проектирање: 2015/ Реализација: 2017/ Фирма: ГМС Проект/ Инвеститор: СМС ШОП, Скопје/ Локација: 27ми Март, Скопје.

Некои награди за одредени категории не беа воопшто доделени поради недостатокот на трудови на БИМАС кој што од година на година се зголемува.