Доделени наградите на Комората
21.12.2024 • Информации
На 21 декември 2024 година (сабота) со почеток во 14:00 часот се одржа прославата на Денот на Комората на овластени архитекти и овластени инженери.
Приликата да се сретнат на едно место, за да изразат почит кон творештво во архитектурата и градежништвото во земјава и пошироко, ја искористија над 150 членови на Комората.
На седумнаесетто одбележување на Денот на Комората присуствуваа делегати на Собранието на Комората, Претседавачот Неџат Бајрами, Заменик Претседавачот Мицко Чадиковски, членови на Управниот одбор и други органи на Комората, Претседателката на ИМИ – г-ѓа Христина Спасовска, Деканите на архитектонските и инженерските факултети, претставници на градежните компании, здруженија и организации, државни и образовни институции и семејствата на наградените инженери.
Свеченоста ја отвори Претседателката на Комората г-ѓа Кристинка Чулак.
Во своето обраќање таа кажа: „Грижата на институцијата и членството е двонасочна релација, во која секој треба да е свесен за сопствената позиција, можности, но и за сопствените обрвски како подобро и повеќе да придонесе во унапредување на струката. Репутацијата на една институција се гради низ годините напорна работа, голема посветеност и чесен пристап не само на луѓето кои работат во институцијата и за неа, туку и на корисниците на услугите на таа институција.“
Во продолжение Претседателката Чулак истакна: „ Оваа година со гордост можеме да констатираме дека денес славиме постоење на една стабилна, унитарна, моќна и напредна Комора која од почетокот на оформувањето во континуитет го има инженерот во својот фокус; која е рамноправен член на сите значајни инженерски здруженија во регионот, Европа и пошироко, а неодамна доби и потпретседателска позиција во Европскиот совет на инженерски комори.
На крајот на нејзиниот говор Претседателката Чулак кажа: Комората постои за нејзините членови и подигнување на дигнитетот на инженерот во општеството. Затоа, сите заедно да се потрудиме силно и беспоштедно да направиме сѐ за да ја оправдаме довербата, но и да ја вратиме вербата на широкото членство!
По говорот на Претседателката Чулак се пристапи кон свеченото 11-то по ред доделување на наградите за придонес во развојот на инженерската струка, при што раководителите на професионалните одделенија: Веселинка Герасимова Петровска д.и.а, Михаел Димитровски д.и.а, проф. д-р Мери Цветковска д.г.и, проф. д-р Даме Димитровски д.м.и. и Владе Гроздановски д.е.и со соодветни најави ги соопштија имињата на овогодинешните добитници:
Одделенија на Архитекти и Урбанисти – Награда именувана Проф. Борис Чипан
• Добитници на наградата за 2024 година се Илија Божиновски д.и.а и Дејан Секуловски д.и.а,
Одделение на градежни инженери – Награда именувана Проф. д-р Александар Цане Ангелов
• Добитник на наградата за 2024 година е Ивана Димитрова д.г.и,
Одделение на машински инженери – Награда именувана Проф. д-р Илија Черепналковски
• Добитник на наградата за 2024 година е Игор Делидинков д.м.и.
Одделение на инженери по електротехника – Награда именувана Проф. д-р Станимир Јовановски
• Добитник на наградата за 2024 година е Ратко Станојковски д.е.и,
Наградите имаат за цел да бидат поттик и јавна афирмација на трајните вредности, втемелени во делата и мислите на архитектите и инженерите, а заради промоција на професионалната и општествена улога за годината (2024) што изминува.
Комората им ги честита наградите на сите добитници и посакува среќна, просперитетна и бериќетна Нова година благословена со мир, спокој и радост со најмилите.
Информација за добитниците во изминатите десет години можете да најдете на следниот линк.
Извор >>> КОАИ
Автор на статија: Filip Koneski
2024 / Комора на овластени архитекти и инженери / Награда Борис Чипан