“Доградбите го деградираат градот”
12.06.2015 • Став
Скопје и Македонија, во последните 2 децении се соочуваат со сериозно деградирање на станбениот градежен фонд. Под изговор на обезбедување услови за подобрување на животниот стандард, општините во 90тите, се одлучија да ги сменат урбанистичките планови, каде колективните објекти за домување добија третман на индивидуални објекти. Се дозволи доградба на тераси, балкони т.е се дозволи доградување на објекти по сопствена шема на интерес. Зградите почнаа да добиваат визуелни и естетски”тумори”, кои не соодвествуваат со градската слика. Проблемот на граѓанската општествена одговорност и оставањето на слободна одлука како тие доградувања ќе се одвиваат, направија на Скопје му се случи “село”. Од неусогласеност, без заеднички концепт, под покровителство на општините се случи уништување на градската слика, која сеуште трае и никој, никаде не ja споменува ниту ja оспорува.
Постземјотресните станбени населби беа исклучително урбанистички организирани, создавајќи композициска слика на заеднички простор и естетика.
Оддеднаш, се појавија нови катови, архитектонски несоодветни кровови врз објекти со рамна и проодна тераса, потоа преградување балкони и нивно претвoрање во соби и летни кујни, менување на боја на фасада, различни прозори и материјали со кои направија естетски и функционален хаос. Повеќето од нив се и со сомнителна статичка и сеизмичка сигурност, бидејќи беа изведени од “градителски тајфи”, кои се сомнително стручни и технички неподготвени.
Најпогодени населби во главниот град се 11 Октомври-згради, Чаир, Мичурин и Карпош кои веќе наликуваат на бразилските фавели во катови. Проблемот на овие доградби е повеќестран. Се започнува со урбанистичките планови и закони кои се создадени од правни лица, додека гласот и мислењето на стручните лица од светот на архитектурата и урбанизмот се игнорирани.
Пред се, објектите претставуваат авторско дело и учествуваат во општата градска слика, што значи дека се од сериозен интрес на градот и на локалната самоуправа кои се главни координатори на овие планови. Доколку навистина се потребни доградби, за тоа постои соодветен начин. Под водство на општината, преку контакт со граѓаните, се организира конкурс ( во случај авторот да не е жив), на кој се бараат идејни решенија како да се изведат стилски, интервенциите и фасадите според архитектонскиот израз на постоечката архитектура. Типските станбени објекти добиваат исти доградби и градската слика е зачувана, притоа секој во објектот добива исти услови и третман, што е одлика на заедничкото живеење.
Во западните општества, кога се вселувате во еден колективен објект, потпишувате договор со кој се обврзувате на почитување на заедничките правила и вредности. Доколку ја промените самоволно, бојата на фасадата, на вашиот балкон, следува казна а возможно е и ваше отселување од објектот. Да не говориме за промена на ограда, доградување или пак подигнување кат над проодната тераса (заеднички простор), што претставува сериозен безбедносен проблем.
Во таков случај пред повеќе од 10 години, во долгите црни згради во населбата 11 Октомври-згради, се случи пожар, во кој животот го загубија повеќе жители на зградата. Проодната тераса беше блокирана со „куќа”, со што се оневозможи проодноста, а со тоа и можноста во паника при евакуација жителите на зградата преку терасата да стигнат до друг влез од објектот, каде не беше проширен пожарот. Тогаш се поткрена расправата во јавноста за овие доградби, но очигледно не вродиле со плод.
Купувањето на стан претставува личен избор. Во случај да не ви се допадне распоредот, сметате дека станот е премал и несоодветен, не ви се допаѓа бојата, тогаш тој стан не го ни купувате. Тоа не е куќа ниту е место каде можеме да интегрираме индивидуалност во надворешната слика, бидејќи е несоодветно. Таа фасада е одлика за сите во објектот. Тука доаѓаат до прашање и градските манири, кои недостасуваат кај повеќето жители.
Сепак вината останува кај општините, кои го дозволија овој хаос, кој сепак можеше преку успешно менаџирање да биде со поскромни димензии. Да не ви пречи оваа слика повеќе од 25 години е сериозно прашање на нестручност и неообразованост. Вака не се прави град.
Автор на статија: Filip Koneski