Балфин групацијата ги објави визуелизациите за „East Gate“
01.06.2018 • XXI век Информации
Автори: Yazgan Design Architecture Inc
Година на проектирање: 2018
Локација: Скопски Саем
Инвеститор: Balfin group
Денес во јавноста Балфин групацијата ги сподели своите визии за просторот на Скопски Саем, наречен „East gate“. Групацијата е позната по инвестирањето во Skopje City mall, кој го презентираат како сопствената успешна приказна.
Проектот е проценет на 350.000.000 евра и ќе обедини во себе трговски центар чија нето површина за изнајмување ќе биде 51.000 квадратни метри, резиденцијален комплекс со 1.600 станбени единици и пет канцелариски згради со вкупна површина за изнајмување од 67.000 квадратни метри. Шопинг центарот ќе биде најголем во регионот на Македонија, Косово и Јужна Србија и освен голем број светски брендови, ќе има многу содржини за забава, фитнес, како и паркинг простор за повеќе од 2.000 автомобили.
Станбениот комплекс ќе содржи паркови, рекреативни содржини, два амфитеатри, како и зелена површина од 25.000 квадратни метри. Во оваа фаза се размислува East Gate да стане првата населба во Скопје чии што становите ќе бидат приклучени на природен гас за домаќинства. Покрај сегментите за шопинг и за домување, проектот ќе го содржи и првиот канцелариски парк во земјава од „А“ класа.
Автор на проектот е едно од најголемите архитектонски студија во Турција, Yazgan Design Architecture Inc. кое што има освоено низа меѓународни награди како LEAF, European и International Property Awards за проекти како Hamamyolu Urban Deck – Eskisehir, YDA Center Ankara и за Volkswagen Arena Istanbul.
Она што најмногу стручната јавност ја загрижува е рушењето на едно од ремек делата на новото Скопје, а тоа е скопскиот саем. За останатите осврти кон новата визија за просторот во некоја следна објава.
Автор на статија: marh