Едукативен центар за лицата со аутизам од аспект на нивната организација и функционална содржина / Спасеска

Автор: Невена Спасеска

Предмет: Maгистерски труд

Наслов: „Проект на Едукативен центар за лицата со аутизам од аспект на нивната организација и функционална содржина“

Meнтор: Вон. Проф. д-р Љупчо Јованов

Локација: Езеро Треска,Скопје

 

Оваа теза има за цел разбирање и потенцирање на улогата на архитектурата во креирање на средина која ќе овозможи подобрување на квалитетотна животот на лицата со аутистичен спектар на заболувања. Паралелно со пораст на бројот на лица со аутизам, расте и економскиот, образовниот и социјалниот товар на општеството во кое не постои доволен број на специјалисти, установи и достапни услуги за лицата со ова нарушување.

 

 

За таа цел се користи моќта на архитектурата која преку својата креација ќе ги соедини едукативниот и социјалниот аспект во насока на подобрување и решавање на тековните недостатоци. Средина која ќе овозможи креирање на нов архитектонски модел кој ќе го проследи секојдневното живеење на лицата со аутизам.

 

 

 

Како локација за новиот архитектонски модел е избрана локацијата Езеро Треска. Оваа локација е избрана поради нејзините стимулативни квалитети на опкужување, во која лицата со аутизам ќе можат да се чувствуваат сигурно и смирено и ќе бидат надвор од бучните и брзи стимули на урбаната средина.

 

 

 

 

По одлука на местото, се пристапува кон урбанистичка поставка на објектот, најпрвин преку анализа на појдовна идеја за формирање на објектот. Несомнена инспирација е сложувалката која како заштитен симбол на аутизмот и нејзина уникатност со мноштво различни парчиња се вметнува во идејата за концептуалното решавање на формата на дизајнот на овој објект. Сложувалката ја покажува мистериозноста и сложеноста на аутизмот, аодсуштинско значење е да се одрази овој атрубут во дизајнот бидејќи децата со аутизам многу тешко можат да го толкуваат просторот и да го разберат своето толкување на просторот што за нив претставува предизвик.

 

 

 

Поедноставниот дизајн би значел да се вклучат различни простори за истражување и аспект на ‘нешто ново’ за децата лесно да ги учат работите. Така целиот процес кон создавање на основната форма, како и решение за просторната организација на објектот, подразбира примена на низа архитектонски начела и принципи од референтите примери. Погодноста на локацијата овозможува објектот да се расчленува на помали павилјони така што објектот се дели на неколку павилјони, секој со своја намена иможност да заземе страна кон природата. Со предвидување на централниот двор околу кој ќе гравитираат павилјоните ќе се овозможи органско кружно движење со што ќе се избегнат остри и непредвидени насоки на движењето. Со сместување на центарот на ниво на терен ќе се применат чистите и безбедни движења на просторот. Во ентериерот употребената палета на земјените и пастелните бои дополнително ќе придонесе во стимулот на позитивното однесување кај децата со аутизам. Применетиот метод н апоставени знаци и обоени линии обележани на подот од коридорот водејќи до одредена просторија го олеснуваат разбирањето и ориентирањето во просторот. Дрвото како материјализација на просторот кој се применува во ентериерот, ќе донесе мирен и топол амбиент во целиот објект.

 

 

Во однос на програмата, воведувањето на несекојдневен и похрабар пристап преку моделот на едукација во секојдневието на лицата со аутизам, наметна  потреба фунционалната шема на центарот да се подели и да обединува различните сектори. Првата група која што е најизложена до влезниот дел на комплексот е јавен, административен и сервисен дел, централниот дел на објектот е едукатвен и рекреативен дел каде децата го поминуваат најголемиот дел од денот и третата група е терапевскиот дел. Па така, со цел да се редуцираат логистичките пречки и предизвици за изведување на едукативна настава заедно со спорт, рекреација и терапија, во склоп на овој проект покрај училниците во проектот се предвидени и сензорни простории, простории за спорт, музикотерапија, хидротерапија и заеднички двор за интеракција на децата со природата. Дополнително според научниците, можноста на децата да се грижат за миленичиња им помага во зголемување на самодовербата и емпатијата, па покрај останатите активности предвиден е и објект за терапија со миленичиња. Да не се изостави и делот во кој се вклучени и родителите работилницата со родителот, каде детето едукативните вештини ги пренесува и дома. На овој начин центарот станува и поблиску до домашната средина.

 

 

Со ваков пристап на едно место се концентрирани клучните чекори во подобрување на состојбата кај децата со аутизам вклучувајќи едукација, физичка активност, мотивација и социјализација.

Изградбата на едукативен центар не само што ќе овозможи подобар развој на децата со аутизам и ќе ги подготви за соодветно вклопување во општеството, туку ќе допринесе и за намалување на економското оптоварување на родителите и на системот кое произлегува од неорганизирано лекување и згрижување на овие лица.

 

 

 

Со оглед на тоа дека аутизмот има епидемиски размери, треба да се третира како национален приоритет, а архитектурата дефинитивно треба да ја преземе својата улога и одговорност кон популацијата со пречки во развојот.