Findings / Наоди
05.01.2016 • Изложби
Куратори: Јован Ивановски, Владимир Десков, Ана Ивановска Дескова, Бојан Каранаков, Огнен Марина, Горан Мицковски и Александар Радевски.
Отворање на изложбата: среда, 28 Декември 20:00 часот
Времетраење на изложбата: 28 декември –
Локација: во МКЦ, Младински културен центар, кеј Димитар Влахов бр. 15 МК-1000 Скопје
Во Младинскиот културен центар на 28 декември во 20 часот се отвори изложбата на проектот „НАОДИ“ кој ја претставуваше Македонија на Венециското Биенале во 2014 година.
Паралелно со изложбата беше промовирано и македонското издание на книгата „Наоди: Павилјон на Република Македонија, 14-та меѓународна архитектонска изложба – Биенале во Венеција 2014“, која беше составен дел од поставката во Венеција.
Авторите на ова издание и негова реализација се Јован Ивановски, Владимир Десков, Ана Ивановска Дескова, Бојан Каранаков, Огнен Марина, Горан Мицковски и Александар Радевски. Изложбата започна со краток говор на професорот Минас Бакалчев кој ја истакна важноста на овој проект и публикација кои се базирани на истражување во контекстот на темата на Биеналето „Впивање на модернизмот 1914 – 2014“.
,,Модернизмот е преносител на новото. Tој и денеска е проблематичен. Модернизмот е начин на живот, не е само уметничка категорија, насока. Тоа е правец кој нé одзема последните 100 години” истакна во своето обраќање Деканот на Архитектонскиот факултет, проф. д-р Минас Бакалчев.
,,Целта на проектот ‘Наоди’ е да ги престави пред светската публика не толку познатите архитектноски дела и во исто време да ја потсети и домашната публика за постоењето на овој исклучително богат и вреден сегмент на архитектонската креација; колку и да изгледа хронолошки познато, тој никогаш не ја пронајде соодветната професионална, архитектонска промоција и афирмација”.
Како што објаснуваат авторите, проектот не се фокусира само на еден или повеќе вредни архитектонски дела, туку формира една кратка листа на 50 вредни архитектонски проекти и реализации, за кои наведуваат дека е колекција која е отворена за надополнување: ,,Корицата не е илустрација туку е дијаграм” истакна проф. д-р Јован Ивановски.
Во самиот дизајн и реализација на изложбениот павилјон ја гледаме вткаена оваа идеја на пронаоѓање, архивирање и промовирање на делата од Модерната. Покрај поставката на моделите, во горниот дел се наоѓа панорама со хронолошки текстуален и графички приказ на четирите периоди на модерната архитектура во Македонија кои авторите ги дефинираат во публикацијата, проткаено со историски фотографии од истите на задната страна. ,,Денеска се случува едно тотално одбивање на модернизмот. Состојбата на архивата е слика за нашиот третман кон истиот” додаде проф. д-р Јован Ивановски.
,,Посетителите се провоцирани да го искусат павилјонот како музејски објект. Витрина без стакло и бариера на архитектонски и материјални артефакти кои ја изразуваат модерната историја на Скопје и посебната архитектонска сфера. Осуството на заштитно стакло на оваа супер витрина е намерно. На една страна, тоа е обид кореографски да се овозможи подобра врска, релација помеѓу посетителот и изложената Архитектура, на друга страна метафорично ја реферира сегашната состојба на модерно наследство во Скопје: културно, неправилно, афирмирано и изложено на разни симболични и просторни промени”.
Челичната ортогонална мрежа на кровната конструкција која фрла сенка над објектите- ткивото, заедно со лесната конструкција од дрво и челик, ја сврзува целосно пораката и мисијата на павиљонот како музејско-археолошки приказ на модерната архитектура во Скопје.
Во својот говор проф. д-р Јован Ивановски изрази голема благодарност до сите учесници и подржувачи на проектот, особено до Ана Ивановска Дескова која преку својот докторатски труд е заслужна за многу од приложените архивски прилози.
Презентацијата во Младинскиот културен центар и промоцијата на македонското издание на книгата „Наоди: Павилјон на Република Македонија, 14-та меѓународна архитектонска изложба – Биенале во Венеција 2014” стави точка на успешниот и импресивен проект со кој Македонија беше претставена на Биеналето. Изданието „Наоди” е огромен придонес за македонската архитектура која ја поцртува важноста, потенцијалот и особеноста на Македонската модерна архитектура во периодот од 1914 – 2014.
Материјалот го приложи и обработи: Мартин Ефремовски
Автор на статија: marh