Физибилити Студија за развој на Касарна Охрид во Технолошко – Рекреативна Зона
29.12.2023 • Истражување Став
Извор: АРХРИД; Телевизија ТВМ;
На 15-ти Декември општина Охрид одржа јавна расправа за „Физибилити Студија за развој на Касарна Охрид во Технолошко – Рекреативна Зона“. Доколку општината го изгласа и усвои, ова истражување ќе биде база за идниот детален урбанистички план по кој ќе развива оваа зона.
За историјата и вредностите за Касарната во Охрид зборувавме повеќе во нашата претходна објава. Дополнително, колективот Архрид објави истражување под наслов „Разговори за Касарна“, кое содржи архитектонски и урбанистички анализи, дијалози помеѓу архитектонската фела, низа примери и студентски проекти.
Физибилити Студијата за развој на Касарна Охрид во Технолошко – Рекреативна Зона е иницирана од Општина Охрид, но нејзините автори не се целосно јасни. Медиумите пренесуваат дека лидер на тимот е Методија Саздов од Скопје. Авторите на студијата не го вклучија тимот на Архрид во изработката на програмските предлози и насоки.
Касарната „Михаил Апостолски“ во контекст на градот Охрид / фото: Бојан Симјаноски
Самата студија е навистина опширна, и дава интересни и амбициозни насоки, кои споредбено со практиките во архитектурата и урбанизмот, се навистина премногу општи.
Покрај ова, мислиме дека клучен дел за успех на овој процес е потребата за конкретизирање на програмските барања и јасно поставување на визијата, за да може да знаеме за што точно говориме. Овој пристап на давање премногу општи препораки не носи на размислување во насока на тоа дека се остава голем простор за маневар на крајната одлука која, како што беше напоменето на самиот настан ќе биде „политичка“ одлука. Како и до сега, од време на време гледаме сегментирано исполнување на просторот, кое е многу арбитрарно, со многу функции кои случајно се нашле тука, а не биле дел од некаков првичен план, посочуваат од Архрид.
Дополнително, тимот на Архрид го посочува отсуството на било какви анкети за мислењето на граѓаните. Ова е навистина значаен дел на градот Охрид и проект кој би имал огромно влијание врз локалното население. Потесниот урбанистички контекст и неговите потреби воопшто не се разработени низ студијата, која се фокусира само на големата слика и економскиот развој на градот Охрид.
Опис на постоечки објекти во кругот на Касарна „Михајло Апостолски“ / извор: „Физибилити Студија за развој на Касарна Охрид во Технолошко – Рекреативна Зона“, стр. 32-33
Во продолжение ви претставуваме кусо резиме на главните точки од физибилити студијата за Касарна во Охрид.
Визијата за развој на Касарна во технолошко-рекреативна зона е предефинирана од општината Охрид, со цел „поттикнување на иновациите и технолошкиот развој, отворање работни места, поттикнување на економскиот раст, поддршка на образованието и обезбедување на дополнителна рекреативна и туристичка понуда за посетителите, туристите и деловната заедница.“
Зони на Касарна / извор: „Физибилити Студија за развој на Касарна Охрид во Технолошко – Рекреативна Зона“, стр. 34
Опфатот е поделен во три зони:
ЗОНА 1 – некогашната зона за стационирање и одржување на возила
Тука се планира отстранување на постоечките ниски објекти и изградба на нови модерни згради за седишта на технолошки компании.
Зона 1, фотографии од постоечката состојба / извор: „Физибилити Студија за развој на Касарна Охрид во Технолошко – Рекреативна Зона“, стр. 35-36
Зона 1, пример за нови модерни згради за седишта на технолошки компании / извор: „Физибилити Студија за развој на Касарна Охрид во Технолошко – Рекреативна Зона“, стр. 58
ЗОНА 2 – некогашната зона за привремено домување
Студијата предложува реконструкција на постоечките градби за сместување на технолошки компании. Конкретно за мензата се предложува реконструкција во конгресен и изложбен центар, кој би можел да смести и низа културни настани.
Зона 2, фотографии од постоечката состојба / извор: „Физибилити Студија за развој на Касарна Охрид во Технолошко – Рекреативна Зона“, стр. 36-38
Зона 2, „пеперутките“ би се реновирале, но би се додале и нови згради / извор: „Физибилити Студија за развој на Касарна Охрид во Технолошко – Рекреативна Зона“, стр. 60
ЗОНА 3 – некогашната зона за воени вежби
Оваа зона се планира исклучиво за рекреативни содржини. Тука веќе е во функција првиот голф терен во Македонија, и се предвидува изградба на терен за фудбал, адреналински и велосипедски парк.
Зона 3, фотографии од постоечката состојба / извор: „Физибилити Студија за развој на Касарна Охрид во Технолошко – Рекреативна Зона“, стр. 39
Зона 3, фудбалски и голф терени / извор: „Физибилити Студија за развој на Касарна Охрид во Технолошко – Рекреативна Зона“, стр. 60
Студијата продолжува со подетален опис на предлог програмите за секоја зона и општи насоки за нивна самоодржливост, ризици и придобивки.
Зеленилото се споменува како екстремно значаен еколошки и урбан елемент во рамки на разгледуваниот простор. За слободниот простор е напишано: ,,Рекреативните зони можат да понудат широк спектар на атракции, како што се тематски паркови, водни паркови, авантуристички паркови, спортски терени, ботанички градини и други рекреативни активности на отворено.“
Стратешкиот план 2024 – 2033 ја зацртува следната визија и мисија:
„ВИЗИЈА: Градот Охрид ја трансформира економијата базирана на туризам во економија водена од услужни дејности, информации и услуги со висока додадена вредност, технологија и услуги засновани на знаење.
МИСИЈА: Технолошко-рекреативната зона ќе привлече разновидност на технологии и ќе претставува платформа за соработка меѓу компаниите и универзитетските институти и ќе претставува место на интердисциплинарно истражување и развој, обука, производство и услуги.“
– извадок од „Физибилити Студија за развој на Касарна Охрид во Технолошко – Рекреативна Зона“, стр. 74
Анализа на можностите во Касарна Охрид врз основа на постоечката инфраструктура / извор: „Физибилити Студија за развој на Касарна Охрид во Технолошко – Рекреативна Зона“, стр. 46-49
Студијата го потенцира приоритетот на прогласување на касарната во Охрид за Технолошко Рекреативна Зона како би се обезбедиле економски придобивки, бенефиции и даночни ослободувања за инвеститорите во зоната. Друг приоритет е и подготовката на урбанистичкиот план, кој само накратко се споменува во целата студија.
Под поглавјето на „зелени иницијативи“ има низа возбудливи предлози како рециклирање на отпад или ride-sharing кои би ја промовирале одржливоста на оваа зона. За жал, тие се се наведени само како листа на амбициозни идеи, бидејќи воопшто не се напоменуваат можни партнери или начини како тие би се имплементирале.
Во продолжение студијата опфаќа и оценка на влијанието на животната средина како и цела финансиска студија. За крај се претставени неколку успешни примери на технолошки зони од регионот и пошироко.
Научно-технолошкиот парк технолошкиот парк во Ниш, Србија / извор: „Физибилити Студија за развој на Касарна Охрид во Технолошко – Рекреативна Зона“, стр. 135
Развојот на нови урбани зони се комплексни проекти за кои е се потребни цели интердисциплинарни тимови. Како дел од архитектонската и урбанистичката фела, можеме да ги коментираме само тие аспекти од студијата, кои според нас не се доволно детални.
За изработка на соодветен детален урбанистички план се потребни посериозни урбанистички анализи, анкети, документирање на постоечката инфраструктура, евалуација на постоечката архитектура, и најважно конкурс за урбанистички проекти.
Проби на урбанистички концепти за касарната / извор: Ахрид, „Разговори за Касарна – сублимирани материјали од истражувањето на тема касарна „Михаило Апостолски“ во Охрид“, стр. 85.
Колективот Архрид исто така апелира за транспарентност во процесот на носење на деталниот урбанистички план и на квалитетно организиран (меѓународен) конкурс налик тој за Расадник во општина Кисела Вода.
„Особено битен момент при спремање конкурс е однапред зададената програма, на која би се засновале трудовите, носејќи низа на опции, натпревар на идеи до конечно оптимално решение за просторот.“, посочуваат од Архрид.
Во нивната изјава тие исто така повикуваат на поголема вклученост на граѓаните за ова навистина значајно зелено парче на градот.
„Очекуваме заинтересираност и вклученост во процесите доколку ја делиме идејата за задржување на даденостите на Охрид и спречување на неговата идна урбана деградација.
Овој процес, на крајот на денот, ќе биде многу долг и следат уште некои чекори како: доставување на финална верзија на студијата, нејзино изгласување и потврдување од Советниците на општината, потоа, доставување предлог ДУП и анкети за истиот, се до финалното изгласување на истиот, кога веќе ќе биде доцна за понатамошна интервенција. Одлуката која сега, или во блиска иднина ќе се донесе, ќе има долгогодишни, ако не и повеќе-вековни импликации на урбаниот тек на градот.“ , велат од Архрид.
Автор на статија: Ноеми Чаусидис
Архрид / Охрид / Охридска касарна / технолошки парк / Урбанизам / физибилити студија