Гоце Аџи-Митревски / Цртежи (книга)

Година: 2015

Автори: Димитрије Голубовски, Доминика Бошкова, Јован Ивановски, Владимир Десков

Извори: Гоце Аџи-Митревски / Цртежи

„Гоце Аџи-Митревски / Цртежи“ е книга посветена на делото на архитект Гоце Аџи-Митревски во која се оддава посебно значење на карактеристичниот, препознатлив цртеж на професорот. Книгата содржи кратка биографија, цртежи и есеи од повеќе автори.

Велес, црква Св. Никола, 1993, налив перо и моливи во боја

Гоце Аџи-Митревски (1946-2014)

Архитектонски факултет завршил во Скопје, а магистрирал на Универзитетот во Белград. Бил долгогодишен професор на Архитектонскиот факултет во Скопје, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Во својата богата професионална кариера автор е на голем број архитектонски истражувачки проекти. Како педагог учевствува во работата на летни школи, архитектонски работилници, архитектонски манифестации… Слободорачниот архитектонски цртеж е негов најзначаен изразен медиум. Способноста да го согледа потенцијалот на една идеја со едноставна скица претставува негова исклучителна вештина. Добитник е на значајното француско национално одликување за заслуги во образованието – Орден на Академската палма во ранг Витез.

Роншамп, Капела „Нотр Дам“, налив перо

Во изданието „Цртежи“ покрај големиот број на документирани слободорачни цртежи, вклучени се и есеи од Димитрије Голубовски, Доминика Бошкова и Јован Ивановски, сите пријатели и колеги на професорот Аџи-Митревски. Секој есеј доловува различна димензија на делото на Гоце Аџи-Митревски. Во овој извадок од есејот на Доминика Бошкова можеме да прочитаме за специфичната сензибилност што цртежот на Аџи-Митревски ја носи во себе:

„Записот на Аџи-Митревски за многумина е препознатлив; цртежите некогаш густи и полни, скиците најчесто лесни и брзи, линијата од цврста и сигурна, до мека и треперлива (омилената му е онаа што трае … и продолжува и тогаш кога е прекината). Линијата ја варира трагајќи по нејзините можности за да го „фати“ моментот и соодветно да го пренесе: спокојот и мирот на манастирот, … раздвиженоста на плоштадот, … драматиката во пределот, … срасноста на градбата и теренот, … величественоста на античкиот театар, … питомоста на уличните секвенци… Записот со леснотија го бележи и во вид на ткаење, во една чудесна симбиоза цртеж-текст / текст-цртеж…“

Крива Паланка, црква Св. Јоаким Осоговски, 1997, налив перо, фломастер и моливи во боја

Во есејот насловен како „Педагошката цртанка“ на Димитрије Голубовски, во единствената објавена инстанца, е опишана работната и животната идеологија на професорот Аџи-Митревски и како таа е интимно поврзана со идеите на модернизмот:

„Модерната архитектура не ја прима како стил (манир) туку како живтен став, идеја – идеологија, во основа во духот на „Петте точки на модерната архитектура“ на Ле Корбизје (1920). Тој перфектно го познава Ле Корбизје кој му е инспирација – идеја – идеологија (Модулорот и „Човекот е мерка на сите ствари“ во повеќето значења на, овој, во суштина, хуман исказ) – архитектурата без луѓе нема живот (монументална гробница), со што архитектурата ја издига на ниво на филозофска мисла. Архитектурата за него е место како сеопфатен контекст.“

Милет, театар, 1991, налив перо

Јован Ивановски во неговиот есеј „Кон основите“ го елаборира значењето на слободорачниот цртеж во процесот на анализирање и проектирање, техника која Гоце Аџи-Митревски ја негувал постојано. Иако денес занемарена поради големите можности што ги овозможува напредната технологија на „дигитално проектирање“, аналогното, слободорачно цртање претставува важна мисловна алатка која нажалост, денес е сведена на некаква површна презентација:

„…Намената, првенствено на студентите, нејзина (се однесува на „Цртежи“) основна цел е повторно да не потсети на важноста која рачното цртање ја има за самата суштина на процесот на архитектонското проектирање. Цртежите, сфатени како записи на мислењето, се првиот и најважен (ис)чекор со кој започнува проектантскиот процес во фазата на анализата, а се генератор и на просторните замисли во креативна фаза на проектирањето – синтезата. На педагошки план, придонесот на оваа книга е и во тоа што таа ги претставува некои од безвремените достигнувања во архитектурата… Други, пак, цртежи, цртежи-лекции…, само на нему својствен начин се обидуваат да проникнат во „чувсвителноста на секојдневното и баналното“

Крф, 1989, налив перо
Велико Трново, налив перо

Оваа извонредна збирка на цртежи и есеи за животот и делото на значителниот професор и архитект Гоце Аџи-Митревски можете да ја најдете во библиотеката на Архитектонскиот Факултет – Скопје.