Голема Медреса Крал Александар Први, Скопје / Дутов, 1923г.

Период: XX век – 1923 г.

Локација: ул. Илинденска (порано ул. Кралица Марија/Крал Александар), Скопје

Архитект: Борис Дутов

Функција: Градска палата – училиште

Инвеститор/сопственик: Тејана/Јован Поп Тракјовиќ

Извори: Државен Архив на Република Северна Македонија – Одделение Скопје;

 

Во време кога старите слоеви на Скопје сè побрзо исчезнуваат, ви претставуваме уште еден споменик од градот пред земјотресот – објект што денес постои само во историјата. Големата Медреса на денешната улица Илинденска била централна точка на исламското образование во јужните предели на Кралството Југославија. Именувана е по својот основоположник, кралот Александар Први, а изградена од архитектот Борис Дутов во духот на академизмот, усогласена со стилските трендови од 1920-тите и со останатите објекти долж оваа значајна урбана аксијала.

 

 

Историска фотографија

 

 

Архивската документација открива дека објектот првично бил изграден како фамилијарен дом на сопственичката Тејана Поп Трајновиќ, во 1923М година, врз основа на проектната документација изработена од архитектот Борис Дутов.

Дутов припаѓа на бранот руски имигранти кои живееле и работеле во Скопје меѓу двете светски војни. Покрај овој објект тој бил автор и на неколку позначајни објекти во старото Скопје, меѓу кои се издвојува и куќата на браќата Читкушеви.

Дозволата за изградба на објектот е прегледана од Иван Артемушкин, кој во тој период работи во Градежното одделение на скопската општина.

 

 

Извадок од техничката документација – ситуација и потписи од Дутов и Артемушкин / извор: Државен Архив на Република Северна Македонија – Одделение Скопје

 

 

Од архивските извори не се забележува дали објектот некогаш функционирал како дом, но уште во 1925 објектот е пренаменет во медреса „Крал Александар“ (средно муслиманско теолошко училиште). Од 1927 Медресата во Скопје претставувала единственото второстепено државно училиште во Кралството Југославија, како муслиманско теолошко училиште.

Целта на медресата била да ги оспособи учениците за вршење исламска верска служба и да им овозможи понатамошно образование на универзитети, пред сè на Исламскиот теолошки факултет и на Вишата исламска шеријатско-теолошка школа во Сараево, како и на други сродни институции. Во училиштето се изучувале и класични гимназиски предмети, како и српскохрватскисловенечки (тогашниот официјален јазик), турски и арапски јазик.

 

 

Слика од претстава на студентите и од нивниот виолински оркестар / избор: фејсбук група Uskupluler-Shkupjanet-Skopjani

 

 

До нејзиното затварање Медресата придонела кон образовниот развојот на студентите муслимани од јужните предели на Кралството СХС. Во рамки на училиштето студентите прикажувале претстави, имале свој спортски тим и виолински оркестар. По окупацијата на земјата во 1941 Медресата прекинува да работи, а денес објектот повеќе не постои и на негово место стои станбена зграда.

 

 

Фасада и пресек / извор: Државен Архив на Република Северна Македонија – Одделение Скопје

 

 

Медресата архитектонски се одликува во стилот на академизмот кој е исклучително популарен на балканот во почетокот на 1920-те. години.

Академизмот е архитектонски правец во кој се преземаат и комбинираат стилски елементи од различни европски традиции, што архитектите на Балканот ги носат преку своето школување во европските метрополи. Тој се одликува со јасни форми, симетрија и богата, но контролирана орнаментација, која дава репрезентативен и класичен изглед на објектите.

 

Од анализа на цртежите за фасадата може да се заклучи дека објектот е реализиран делумно според планираното – како симетрична, слободно-стоечка градба украсена со низа класични орнаменти. Приземјето има изразена рустика, додека катот е побогато декориран со фризови и релјефи концентрирани околу прозорците. Завршниот венец е обележан со уникатен заоблен лак, дополнет со скулптура на неговиот врв.

Лакот на венецот е поставен централно и, заедно со терасата, еркерните испусти и пиластрите покрај влезот, го нагласува централниот влезен сегмент, кој е точно позициониран на средината на фасадата.

 

Во основа, објектот има едноставен и речиси симетричен распоред околу централен хол и скалишно јадро, што се повторува на двата ката. Единствен исклучок е споредниот влез на десната страна, кој на второто ниво преминува во тераса.

 

 

План на подрум, приземје и кат / извор: Државен Архив на Република Северна Македонија – Одделение Скопје

 

Објавата ја подготвија: Дарко Милошевски (соработник на МАРХ) и Ноеми Чаусидис