„Градска болница” Скопје / Драго Иблер и Драго Галич 1934
19.09.2015 • ХХ век / I половина
Прва функција: „Завод за социјално осигурување на работниците”
Денешна функција: хирушка болница „Св. Наум-Охридски”
Изведба: 1933-34
Автор: Драго Иблер (Загреб 1884- 1964 Ново место)
Соработник: Драго Галич (Загреб 1907-1992)
Локација: Центар на Скопје ( агол на бул. „11 Октомври” и бул. „Филип Втори Македонски”)
Извор: Простор, списание за архитектура и урбанизам 23(2015) 1(49) на Архитектонскиот Факултет од Загреб
Автори на оригиналниот прилог: Горан Мицковски и Владан Џокич
Материјалот го приложил: Драган Кусевски
Во средиштето на Скопје, во непосредна близина на Собранието на Р.Македонија, се наоѓа заводот за социјално осигурување на работниците или денешна „Специјална хирушка болница -Св. Наум Охридски “(претходно Градска болница). Изградбата на објектот започнала 1931, инаку дело на хрватскиот архитект Драго Иблер и соработник Драго Галич.
Иблер се смета за еден од најзначајните хрватски архитекти од XX век. Завршил кралска академија во Дрезден, а неговиот опус се надградувал низ 5 децении.
Објектот во Скопје е третиот и последен јавен изведен објект од неговото творештво. Се карактеризира со основна геометриска форма, ослободена од непотребни детали. Освен чистата архитектура, на објектот се применети современи конструктивни материјали и се применети функционалните и рационалните размислувања за неговото организирање.
Овој објект долго време беше ставен под заштита на Конзерваторскиот центар од Скопје, како градителско наследство (со акт од 1996 година). Меѓутоа веќе во 2009 се намалува нивото на заштита со цел доградување и менување на објектот.
Објектот е предвиден со Генералниот урбанистички план ос 1929 година, во времето на градскиот татко Јосиф Михајлович. Сместен на новопроектираниот плоштад Слобода, на кој биле планирани да бидат сите поважни републички институции, организирани со централно парковско зеленило (парк Жена-борец).
Според Ж. Чорак, објектот бил создаден со функција да одделува и спојува, честопати со менувана функција со што не е лесно уочлива неговата урбанистичка улога. Но, во подоцнежниот период, со изградбата на соседниот објект кој го почитува венецот на објектот, се нагласува урбанистичкиот контекст и улогата на објектот во обликувањето на средината.
Објектот и ортогонална основа добиена од еден правоаголен дел 56,5 /40 м и еден квадратен од 17,5 м. Кон западната страна ослобен е дел од приземјето во улога на трем.
По вертикала објектот има подрум, приземје и три ката. Обликувањето на фасадата е со хоризонтални потези, формирани од прозорите, без декоративен пристап и исчистена мисла. Во средиштето на објектот е формиран атриум, кој го подобрува осветлувањето проветрувањето.
Објектот е изведен во скелетна конструкција, со армирано бетонски столбови и монтажни ребрасти плочи.
Во објаснувањето за неговата заштита од 1996 стоело: „Зградата на Градската болница, завзема значајно место во историјата на современата архитектура во Република Македонија, поради тоа што е еден од најзначајните објекти изградени на принцип на функционализмот, во кој се сублимирана идејата на Европската модерна, од која подоцна се развива и интернационалниот стил. Тој е првиот објект во нашата држава на кој е применета модерната архитектура.
Автор на статија: Filip Koneski