Хотел „Неда“, Галичник / С. Брезоски

Година: 1976-1980

Архитект: Славко Брезоски

Локација: с.Галичник, Општина Маврово и Ростуше

 

Селото Галичник се наоѓа во Општина Маврово и Ростуше, во областа Мала Река. Сместено е на падините на планината Бистра, во центарот на регионот Мијачија. Галичник е познат поради неговата автентична архитектура, богатото културно наследство и восхитувачките пејзажи.

 

Поглед кон селото од поранешната жандармерија, денес хотелот Неда (1936-1938г). фото: Томо Черепналкоски / https://www.facebook.com/galicnikphotos
Галичник денес / фото: mk.wikipedia.org
Местположба на хотелот „Неда“ во контекст на селото Галичник

 

Архитектурата е една од главните обележја на Галичник. Стрмниот и амфитеатрален терен е искористен за изградба на камени куќи врз изохипсите на теренот. Употребувани се локални материјали, камен и дрво. Градбите се со масивен конструктивен систем од камен во форма на кубус со благ пирамидален кров, немаат никакво расчленување. Најчесто се со рамни површини и фасадно нема дополнителни декорации. Тука доаѓа до израз правилниот ритам на отворите кои се со дрвени капаци на хоризонтално повлекување.

 

Поранешната жандармерија десно најгоре (1960г). фото: Томо Черепналкоски / https://www.facebook.com/galicnikphotos

 

Хотелот „Неда“ е изграден на место на поранешна жандармерија која била последна и највисоко во редот на куќите. Гледајќи ја формата асоцира на три кубуси расчленувани со каскадни висини кои се претопуваат и го следат стрмниот терен. Секоја одделно покриена со благ пирамидален кров.

Од 1966 до 1969 година Брезоски работи во Либија, каде што проектира неколку типски населби, во кои збирот на атриумски куќи сочинува современ ансамбл со препознатливи регионални карактеристики. Современиот регионализам станува преокупација на Брезоски во следниот период од неговото творештво. Тоа се гледа и кај хотелот Неда во Галичник.

Кај овој објект авторот се потпира врз директна аналогија со препознатливите карактеристики на локалната вредна архитектура: од расчленувањето на волумените, преку второстепената пластика, па се до употребата на современиот градежен материјал.

 

Хотел Неда, 2017г. фото: Томо Черепналкоски / https://www.facebook.com/galicnikphotos
Основи на хотел Неда / извор: 100 години Славко Брезоски

 

По многу години, преку објектот на хотелот Неда во Галичник, Брезоски повторно ќе ги актуелизира поуките од архитектонското наследство. Прилагоденоста кон топографискиот контекст, специфичната просторна организација, размерот, одреден со димензијата на куќите и јазикот на архитектонските елементи, се реинтерпретирани во архитектурата на Неда.

Објектот е расчленет на три просторни единици, кои соодветствуваат на локалната морфолошка група „три куќи – едно маало“. Современиот „превод“ на вернакуларот, прилагоден на новата програма, резултира со одредена недоследност, каде современата технологија на градење се судира со традиционалната. Материјалната артикулација, која во традиционалната архитектура соодветствува на конструктивната технологија, овде е применета единствено како експресивна палета на материјали.

 

фото: „100 години Славко Брезоски“

 

 

Проектот за ентериерот на хотелот Неда е дело на архитектот со галичко потекло Драган Бошнаковски.

 

 

Славко Брезоски дипломирал на Архитектонскиот факултет при Техничката висока школа во Белград во 1950 година. Неговиот богат творечки опус ги зафаќа речиси сите сфери на архитектонското проектирање.
Прочитајте повеќе >>>