Четврта годишна средба на архитекти и архитекти урбанисти во Битола / 2 ден / 29.11.2025
02.12.2025 • Информации
Вториот ден од Четвртата годишна средба на архитекти и архитекти урбанисти во Битола, започна со воведните поздравни обраќања, по кои продолжија презентациите и предавањата.
Славиша Кондиќ , доцент на Градежно-архитектонскиот факултет при Универзитетот во Ниш, и Катарина Медар, архитект и урбанист во студиото Teking од Ниш и докторанд на истиот факултет, пред присутните говореа на темата: „Образовна и научна инфраструктура на Ниш – Научно-технолошки парк Ниш и TechNiš област“, со посебен фокус на архитектурата на образовните и истражувачките објекти и нивната улога во развојот на иновацискиот екосистем на градот Ниш и регионот.
Прочитајте повеќе за Славиша Кондиќ и Катерина Медар на линкот >>>
Второто предавање ги разбуди присутните преку директноста и недвосмисленоста на Џејн Томпсон, експерт за заштитата на архитектонско наследство и основач на Instead Heritage, и Проф. д-р Дивна Пенчиќ, професорка на Архитектонскиот факултет, при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје.
Во своето излагање со наслов „Регионот на Охридското Езеро: долговечноста на човечките населби во кризен момент“, Џејн Томпсон се осврнa на физибилити студијата од 2025 година за планирање на крајбрежната зона на Охридското Езеро во Република Македонија и претставува дел од прекуграничната светска културна и природна наследна област „Природно и културно наследство на Охридскиот регион“.
Студијата е изработена по нарачка на Регионалното биро на УНЕСКО за наука и култура во Европа и партнерските агенции на ООН – УНЕП и УНДП, а на барање на Република Македонија.
Прочитајте повеќе за Џејн Томпсон и Дивна Пенчиќ на линкот >>>
По кафе паузата нашата Ноеми Чаусидис говореше на тема „Одржлива архитектура од идеја до реалност“, за кое ‘ќе истакне:
„Ова предавање има за цел да одговори на нашите визии и соништа за одржливост преку конкретни примери и насоки за реализација. Европските земји таа визија за одржливост ја материјализираа преку Парискиот договор и целта за нет-нула емисии до 2050 година. Ова донесе нови регулативи, финансиски механизми и пазарни трендови, преку кои полека се раѓа нова ера во градежната индустрија — ера што веќе ѝ се приближува и на Македонија.
Предавањето ќе ги прикаже овие големи теории преку конкретни примери на ниво на градби. Како еден закон влијае врз стратегиите на инвеститорите, кои потоа ги обликуваат целите на нивните проекти, што на крај го одредува квалитетот дури и на најситните детали. Целта е да се поттикнат архитектите и урбанистите да гледаат подалеку од формата и да го препознаат поширокиот систем на сили што вистински ја дефинираат архитектурата утре.“
Прочитајте повеќе за Ноеми Чаусидис на линкот >>>
Милица и Петар Ристевски се претставија н со нивната презентација „Дигиталниот јазик на просторот“, посветена на интеграцијата на Point Cloud технологиите во BIM моделирањето и современата архитектонска практика — тема која ја отсликува нивната посветеност кон иднината на дигиталната архитектура.
Прочитајте повеќе за Милица и Петар Ристевски на линкот >>>
Последното предавање од вториот ден на Четвртата годишна средба на архитекти и архитекти урбанисти, го одржа Јоне Јанковски на тема „Синтезата меѓу теоријата и технологијата: Како параметричното инженерство ја обликува идната градежна форма“, составено од два дела, теорија и пракса. Во теорискиот дел тој се осврна на кратката историска генеза, но и на принципите на Form Finding (Изнаоѓање на Форма). Во практичниот дел, се фокусира на современите софтверски алатки за структурална оптимизација на формата, илустрирајќи го процесот преку реални примери. Крајот го заокружи со примена на параметрични алатки во одржлив интерактивен урбанизам.
Прочитајте повеќе за Јоне Јанкоски на линкот >>>
По завршувањето на вториот дел од предавањата следеше официјалното затворање на настанот со говор на претседателот на КОАИ – Дејан Метикош, како и поздрав од организацискиот одбор на четвртата средба.
Настанот се заокружи со коктелот и можноста за вмрежување на приземјето од Офицерскиот Дом во Битола.
фотографии: Кети Талевска Бакревска
Автор на статија: Filip Koneski
11 / 2025 / 29 / Битола / втор ден / КОАИ / Комора на овластени архитекти и инженери / Четврта Годишна средба на архитекти и архитекти урбанисти








