In memoriam: Љубе Пота, урбанист и архитект, 1918 – 2015

Извор: AAM  и Утрински Весник

Замина човекот кој го одбележа урбанизмот во Македонија

За Љубе Пота неговите колеги велат дека бил спремен да ги сослуша спротивните мислења и да ги прифати без суета, но и аргументирано да ги брани основните постулати на урбанизмот

Деновиве почина Љубе Пота, првиот домашен архитект кој целиот свој работен век му го има посветено на урбанизмот, било како планер или успешен раководител на соодветни институции, за што има добиено голем број јавни признанија.
„Урбанистот, архитектот и визионерот Љубе Пота, ценет стручњак во земјата и во странство, посветен на својата струка замина, но не сосема. Зад себе остави неизбришливи траги со своите реализирани архитектонско урабанистички дела во градовите на Македонија, и низ градовите на светот, Перу: Чимботе, Никарагва- Манагва, Кипар- Никозија“. Вака за Пота велат неговите колеги, кај кои неговото дело е високо на агендата.

Љубе Пота е првиот дипломиран урбанист од повоената генерација, во заостанатата и опустошена од војната Република Македонија. Човек кој ги направи првите пионерски чекори во урбанизацијата на градовите заедно со своите помлади штотуку дипломирани колеги. Во својата работа по вокација беше урбанист планер, точен, но спремен да ги сослуша спротивните мислења и да ги прифати без суета, но и аргументирано да ги брани основните постулати на урбанизмот.

Како млад урбанист ентузијаст, како шеф на Отсекот за урбанизам во Министерството за урбанизам, се спротивстави на тогашното повоено политичко раководство за намерата за лоцирање на металургискиот комбинат (Железара) во близина на Скопје (1949) за што бил строго укорен дека е против индустријализацијата на земјата.

Тој се вгради себе (самоиницијативно не користеше пет години годишен одмор) во планирањето на обновата на Скопје по катастрофалниот земјотрес 1963 година како овластен претставник на градот по сите прашања сврзани за урбанистичкото планирање (ГУП) од страна на урбанистичката екипа на ОН раководена од проект-менаџерот Адолф Циборовски (1963-1966).

Во аргументирани стручни расправи на проектантскиот тим на ОН успеа да ги посочи насоките за планирање на ГУП и истите да бидат вградени во него, за рамномерен развој на градот (да не се дели на лев и десен брег на реката Вардар). Влијаеше да се исклучи аксијално поставена железничка пруга, која го делеше градот на два дела и создаваше сообраќаен колапс (рампа, Мала станица) и инсистираше на слободни зелени површини кои денес речиси не постојат.

Од посебно значење е неговата директна соработка со јапонскиот архитект Кензо Танге во изработка на ДУП за центарот на Скопје.

Неговата активност не остана незабележана од службите на ОН. Така, беше промовиран за проект менаџер за создавање Генерален план на Никозија на Кипар. И овде Љубе Пота беше достоен и успешен стручен претставник на Република Македонија, сакан и почитуван од колегите урбанисти на двете страни на поделениот град Никозија да создадат единствен урбанистички план.

Како куриозитет Љубе Пота беше и дипломат. Тој успеа првпат по Турската инвазија на Кипар (1974), во 1984 да организира заемни посети на двата градоначалника на поделениот град на чај и кафе, во нивните домови што претставуваше голем успех на мисијата на ОН во Никозија за успешно завршување на Генералниот урбанистички план на кој ставија потпис двата градоначалника.

Во биографијата на Љубе Пота стои дека е роден во Крушево на 3.12.1918 година. Дипломирал 1948 на Архитектонскиот отсек при Техничкиот факултет во Белград на тема Урбанистички план на Тетово кај професор Михајло Радовановиќ. (Д.Р.)

http://www.utrinski.mk/default.asp?ItemID=98A387C2BE7A8B4CA233C011A1D05615

Автор на статија: