Ислахане, Битола / XVIII и XIX век
12.05.2023 • XVI - XIX век
Локација: Битола
Период на изградба: 1894 – 1899 година
Намена: Занаетчиско – уметничко школо
Извори: kultura.gov.mk; babambitola.mk; sdk.mk
Во подножјето на Тумбе Кафе во Битола, покрај патот кој води од Битола кон Буковска населба и Република Грција се наоѓа посебното старо Турско училиште наречено Ислахането во Битола. Во просториите на некогашната фабрика за чоколади и кекс “Прогрес” се наоѓало ова училиште кое подготвувало ученици кои биле занаетчии со занаети како кондураџискиот, терзискиот, дограмаџискиот и други. Со нив се задоволувале потребите на 30.000 војска која била сместена во старите Турски касарни. Истото почнало со работа во 1900 г. и било финансирано од државни средства каде учениците покрај теорија изведувале и практични часови. Во училиштето биле примани само машки деца (по пишувања од Ѓ.Д.Цолев).
Ислахането е дел од старите турски училишта и академии во Битола каде што професори биле познатиот Тефик-беј и Данали-ефенди со нивните ученици Кемал Ататурк и Али Фести-беј. Во него се школувале деца кои биле сираци или од сиромашни семејства, така што истовремено функционирало и како сиропиталиште и како училиште.
Уметничкото и занаетчиското училиште обучувало ученици во занимања кои беа барани во тој период како: кројачи, столари, грнчари, инженери, и телеграфисти. Сите овие големи објекти се изградени кога на власт во Битола како валии беа Ахмед Ејуб Паша и Абдул Керим Паша.
За самата градба не знаеме многу, главните сведоци за нејзиниот изглед се старите фотографии на кои ја забележуваме правоаголната основа, која била препзнатлива за градбите од тој период. Фасадата на објектот била симетрична со правилен ритам на прозорци со интересна обработка околу нив која делува потенцирачки. Влезниот портал бил поставен централно.
Ислахането претставува објект кој, според оценката на надлежната установа НУ Завод и музеј – Битола, спаѓа во категоријата добро за кое основано се претпоставува дека претставува културно наследство што заслужува да биде ставено под заштита поради своите историски, културни и научни вредности.
Со актот за привремена заштита се утврдуваат границите на доброто и неговата контактна зона, како и режимот на заштита, со кој се утврдуваат ограничувања што произлегуваат од заштитниот статус. Рокот за привремена заштита, во согласност со закон, изнесува една година, кога надлежната установа Завод и музеј – Битола треба да изготви елаборат за валоризација на доброто, со што ќе се овозможи донесување акт за заштита, односно негова трајна заштита како културно наследство.
Автор на статија: Martina Shteriova
Битола / Ислахане / отоманска архитектура / отомански споменици