Скопските вертикали
12.05.2018 • Изложби
Година: 2018
Фотографии: Васе Аманито
Извори: Авторите
Локација: Музеј на град Скопје
Во понеделникот, на 7 мај, во 20 часот во Музејот на град Скопје , се отвори изложбата „Скопските вертикали“ . Истата е резултат на повеќегодишно истражување и документирање на темата од страна на авторите Јован Ивановски, Ана Ивановска Дескова и Владимир Десков со соработниците.
„Покрај професионалната љубопитност, основен мотив кој стои во позадина на истражувачкиот проект „Скопските вертикали“ е да се придонесе за повторната видливост на еден од заборавените и тематски најмалку истражуваните архитектонски слоеви на Скопје – градбите кои се развиваат во височина. Во основа на истражувањето (проследено со публикација и изложба) е исто така желбата за подетално проучување на скопските висококатници, кули…, производ на еден од доминантните модели на урбанизација и развој на европските градови во втората половина на 20-от век.
Студијата е насочена кон документирање и истражување на 50 висококатници кои припаѓаат на периодот од 1950 год. сè до доцните 80-ти години од минатиот век, кој истовремено е и најдинамичен период од историјата на развојот на Скопје. Потпирајќи се на доволната историска дистанца која дозволува објективно согледување на заемното влијание на општествено-политичките процеси, глобалните архитектонски движења, технолошкиот напредок… врз развојот на урбаната форма, целта на трудот е подетално проучување на архитектурата на вертикалниот град, условите во кои таа настанала, главните одлики кои ја одредуваат, квалитетите и вредностите кои ги поседува.“
Автор на статија: Filip Koneski
Вертикали / Висококатници / згради / Изложба / Скопје