Изложбен центар „МАТКА“

Автор на објект: Миладин Пеќинар

Година на изведба: 1935-38

_______________________________________________________________________________________________

Автор на ентериерно обликување: Снежана Поњавиќ Муча

Соработници: Мегарон инженеринг – Скопје

Година на проектирање: 2015

Период на изведба: 03-08/2016

Фотографии: EVN

Пред неколку месеци, бевме сведоци на отворањето на Изложбениот центар на „Матка“ што претставува прв технолошки музеј на територијата на Македонија. Со цел да ве запознаеме подетално за овој простор разговаравме со претставник на ЕВН, како и проектантот на новото ентериерно обликување на музејот.

I  – Разговор со Никола Мартиновски, претставник на ЕВН >>>

  1. Како се дојде до идејата и кога започна иницијативата да се отвори еден ваков музеј ?

-Старата хидроцентрала на Матка во која е и сместен изложбениот центар е направена во 1938 година и во тоа време нејзиниот капацитет бил 5 пати поголем од потребите на Скопје во тоа време. Затоа се вели дека оваа хидроцентрала во голем дел го има овозможено растот и развојот на Скопје во XX век. Во 2008 година веднаш до неа ЕВН Македонија изгради нова хидроцентрала со двојно зголемен капацитет. Како резултат на оваа промена, а знаејќи го значењето на старата зграда за Скопје и Македонија, во неа ЕВН реши да направи изложбен центар кој посетителите на интерактивен и забавен начин ќе ги информира за историјата, производството и потрошувачката на електричната енергија.

  1. Кому е наменет и дали постои целна група на посетители?

-Центарот е наменет за широката јавност. Водевме сметка информациите да бидат лесно разбирливи, а особено внимание обрнавме на тоа експонатите да бидат забавни и интересни за помладите посетители.

  1. Дали постои нешто слично во регионот ?

-За жал Македонија е една од ретките држави која нема свој технички музеј. Повеќето наши соседи имаат. Ова беше причина повеќе на Матка да и пристапиме со голема одговорност.

  1. Какви се очекувањата на ЕВН за неговата улога во јавната едукација за електричната енергија?

-Кога пролетва свечено ги отворивме вратите на Матка, не случајно решивме тоа да го сториме во придружба на претставници на најзначајните образовни институции во републикава. Присутни беа претставници на Универзитетите во Македонија, средните и основните училишта, како и претставници од Бирото за развој на образованието. Во центарот направивме и просторија за презентации во која училиштата можат да имаат и школски часови. За сега интересот е огромен, а работиме и на тоа Матка да стане официјален дел на повеќе образовни програми. Претседателот на Управниот одбор на ЕВН Македонија на официјалното отворање изјави дека главна цел на овој центар е пред се младите да се охрабрат и поттикнат да сонуваат за иновации и прогрес.

  1. Дали музејот има определено работно време или работи со претходна најава.  Каде е потребно да се обратат заинтересираните за неговата посета?

-Музејот работи секој ден од 10 до 15 часот, освен понеделник.

  1. Кога беше свеченото отворање ?

-Свеченото отворање беше на 10 Мај годинава, непосредно пред летната сезона, кога кањонот Матка има голем број посетеност, а со тоа и можност за посета на ново отворениот музеј. Досега центарот го посетиле околу 3500 туристи,  школски групи, институции итн.

 

II –  Разговор со диа. Снежана Поњавиќ Муча- проектант >>>

  1. Како дојде до вашиот ангажман на овој проект?

-Идејата за создавање на еден ваков простор, произлезе од менаџментот на ЕВН Македонија. Тие сакаат да направат нешто од старата зграда на Хидроцентралата Матка, што ќе биде полезно за заедницата во поширока смисла на зборот. За да се реализира идејата беше создаден поголем тим од луѓе од различни области. Јас и Бујар Муча почнавме да работиме од самиот почеток. Беа направени неколку предлози на почетокот за тоа како да изгледа идниот Изложбен центар Матка, при што најмногу се водеше сметка да не се наруши автентичниот изглед и функционалност

  1. Музејот е сместен во објектот  на старата  хидроцентрала, за колку стар објект се работи и дали истиот беше подлежен на заштита?

-Објектот на старата хидроцентрала е изграден меѓу двете светски војни,  градбата почнала во 1935-та, а завршила во 1938-ма година и е проект на познатиот академик проф. Миладин Пеќинар. Бидејќи овој објект веќе подолго време не е во функција, “забот на времето” и високиот процент на влага во просторот оставиле значителна трага, овој проект претставуваше одлична можност да му се врати првобитниот сјај.

При првата посета на централата, бевме фасцинирани од просторот, оригиналниот под и комплетната апаратура /генератори,  енргетски табли, контролна соба, сето тоа автентично од периодот на отварањето. Сите елементи на кои не се работеше беа заштитени за време на интервенцијата. Просториите во дворот на комплексот добија нова намена, како и целосно редизајнираната дворна површина. Интервенцијата во ентериерот опфаќа површина од околу 400м2.

  1. Колку траеше истражувачкиот процес за тематиката  и наведете некои од предизвикувачките проблематики кои ги решивте во истиот?

-Сите инволвирани во проектот, го почнавме со голем ентузијазам и времето за истражување беше релативно кратко, така што дел од истражувањето се работеше паралелно со изработката на проектот, особено кога се интервенира на стар објект, за кој нема оригинален проект. Предизвиците беа бројни, особено изработката на новопроектираниот конзолен галериски простор, како и сосема новата намена на објектот – од енергетски прерасна во едукативен центар.

  1. Објаснете го концептот на интервенцијата и придонесот на истата кон подобра презентација.

-Концептот се базира на две основни идеи, првата, со минимални интервенции поради зачувување на автентичноста да се добие простор со нова функција што ќе ги задоволи барањата за ваков тип на објект, беше водилка при изработката на проектот. Втората идеја беше да се добие дополнителен изложбен простор во рамките на постојниот волумен, а при тоа новиот да не се наметнува и да му конкурира на старото.

Придонесот на интервенцијата кон подобра презентација се огледа  во тоа што со доградбата /се мисли на галеријата/ се зголемува изложбениот простор со нови содржини и истовремено служи за подобро согледување на затекнатиот простор од друга перспектива.

  1. Колку траеше изведбата и дали сте задоволни од истата?

-Изведбата на градежно-занаетчиските работи во ентериерот, фасадата и партерот траеше 6 месеци. Квалитетот на изведените работи е солиден и во рамките на очекуваните технолошки можности на наште фирми.

 

Ф.К