КИЦ и АМБАСАДА НА МЕКСИКО во Скопје

Автори:  А. Милојковиќ,  Б. Колеќевски, Т. Михаилова

Година: 90тите години на XX  век ( претпоставено)

Локација:  Мал ринг – Скопје

Материјалот го приложи: Благоја Варошанец

 

Според материјалот од кој произлезе денешната објава, некогаш во Скопје се планирало отворање на амбасада на Мексико. Точната година на проектот ја немаме но според она што авторите го пишуваат,  стилскиот пристап под влијание на историцизмот, но и годината на осамостојување на Македонија, се поклопува со почетокот на 90тите години.

Текстот во прилог е пренесен во оригигинална форма:

 

ПОСТЕЧКО

Локацијата која е работена во оваа зграда се наоѓа помеѓу улиците „Наум Наумовски Борче“ и „27 март“ ( Денес Васил Главинов и Никола Кљусев). Двата третирани објекти, градени се во раните триесети години, под задоцнето влијание на нео-стиловите, но со забележително наговестување на продор на модерната, посебно воочливо низ извесни елементи на објектот на улица „27 март“. Истиот е проектиран од инж. И. Aртемушкин 1933 година.

Аголот како специфичен архитектонски проблем, место на среќавање и изненадување, бил предизвик за инж. Б. Дутов да во 1931 година создаде објект, со инзвонредна елеганција, кој ќе стане своевиден репер во своето опкружување.

 

 

 

КОНЦЕПЦИЈА

Атрактивноста на локацијата, глобалната стратегија на претварање на стари градски ткива во урбано активни потенцијали, како и новите функционални потреби, произлезени од актуелниот политички момент во кој се наоѓа државата, не предизвикуваа, да со адаптација на постојните објекти и доградба на нов, оформиме комплекс за потребите на заинтересираната држава, во чиј состав се наоѓаат амбасада, резиденција и културно – информативен центар.

Амбасадата, како најрепрезентативен дел од комплексот е сместена во аголниот објект и содржи конзуларно одделение, простории за амбасадор и советници, компјутерски центар, простории за обезбедување. Со адаптација на поткровјето се обезбедува простор за салон за мали приеми.

Во објектот на улица „27 март“ е сместена резиденцијата на амбасадорот, апартман за дел од вработените, како и централна просторија на системот за обезбедување.

Двата објекти се поврзани преку подрумскиот дел, во кој се сместени помошните простории и паркиралиште на три возила. Исто така постои директна врска помеѓу резиденцијата на амбасадорот и амбасадата.

 

 

Денес Амбасада на Кралството Шпанија во Македонија

 

 

КОМПОЗИЦИЈА

Содржината на проектната програма се сместува во двата постојни објекти и новопроектираниот простор кој според функционалната неопходност мора да го поврзе целиот новонастанат волумен во функционална и композициона целина. Посебен проблем во постигнувањето на единственост во комплексот, претставува поставеноста на постојните објекти, кои што се секој  за себе логично сместени во однос на улицата, односно аголот, но нивната меѓусебна положба на заедничката триаголна парцела и наполно произволна.

Поврзувањето на двата волумени во единствена целина е постигнато со поставување на трет волумен, формиран со користење на две композициони оски. Во првите две нивоа доминира оската што својата поставеност ја условува аголниот објект, односно новиот објект ја почитува линијата на улицата. Постоењето на втората композициона оска, произлезена од основниот правец на вториот објект, е нагласено на третото ниво, а се манифестира и со појава на два продори, кои воедно се акценти и елементи што придонесуваат за постигнување на автентичност и препознатливост на објектот.

 

 

Во правец  на оваа оска е поставен и основниот конструктивен систем, како комбинација на армирано бетонски столбови и греди и армирано бетонски платна. Врз основа на така поставената композиција на трите волумени (стар и нов објект) изведена е просторна организација, во која новиот објект, со доминантен елемент во вид на сегментен лак, ги поврзува старите згради во едиснтвената целина на новиот центар.

 

ОБЛИКУВАЊЕ

Комплексот е компониран од три волумени, проектирани во различни временски периоди, во тек на 60тина години, од кои секој има специфични стилски особености. Фасадите на објектот предвиден за резиденција се малтерисани и на нив доминира рамна линија со нагласена хоризонтала, како и геометриска орнаментика изведена во фасадното малтерисување. Декоративно се обработени балконските огради со камени столбичиња.

Објектот на амбасадата е проектиран така да има нагласен агол, со подигнување  на истиот во однос на останатите делови со поставуање на атрактивни лоѓии со фино обработени класични столбови и со двата предни балкони со различни огради. Фасадите се малтерисани со нагласена хоризонтала. Во централниот дел на бочните фасади вдлабена е една вертикала, а во плитка пластика на неа се изведени неколку елементи од растително и геометриско потекло.

 

Ситуација со петта фасада

 

Нагласената  хоризонтала во малтерисувањето  на одредени партии од новиот објект, бојата, профилациите околу прозорските отвори, како и декоративните бронзени апликации се поврзувачки елементи на фасадите на сите три објекти. Динстинкцијата на новиот и малтерисаната фасада на аголниот објект е нагласена со префабрикувани армирано бетонски елементи, од кои е изведен и сегментниот лак. Новиот објект е обликуван според современите  функционални потреби,  со користење на современи материјали и со јазикот на современата архитектура.

 

Автор на статија: