Kонкурсен труд „Идејно решение за административна зграда на општина Аеродром“ /Карангелеска -Тодоровска, Илиевска, Треневска, Грчева

Автори: Нина Карангелеска Тодоровска и  Формика Плус: Марта Илиевска, Марија Треневска, Марија Грчева

Година на проектирање: 2021

Локација: Општина Аеродром, Скопје

Површина: 3.910 м²

Награда: Прво место

 

ЛОКАЦИЈА

Локацијата предвидена за управна (административна) зграда на Општина Аеродром се наоѓа на аголот помеѓу булевар „Србија“ и булевар „Видое Смилевски Бато“,  во урбана зона која е во брз развој и прераснува во нов локален центар. Во урбаниот блок каде е позициониран објектот се среќаваат објекти со најразлични намени (деловни, комерцијални, станбени, верски итн.), кои се одликуваат и со најразлични обликовни карактеристики. Поради тоа, целта при концепирање на општинската зграда беше насочена кон оформување на нова, препознатлива точка во блокот и во општината, која сама по себе ќе поседува обликовни и амбиентални квалитети, но нема за цел нужно да воспостави континуитет на околната изградена структура.

 

 

До објектот се пристапува преку станбена улица, организирана како врска на блокот со двата фрекфентни булевари. Главниот влез во објектот и пристапната рампа која води кон подземното ниво се позиционирани на северната страна, кон булевар „Видое Смилевски Бато“, додека помошниот влез наменет за вработените е предвиден на западната страна на објектот, од страна на булевар „Србија“.

 

ФУНКЦИЈА

Објектот на новата административна зграда е концепиран на начин да овозможи беспрекорни услови за работа на вработените, но во исто време да стане и нова препознатлива точка во општината, отворена за сите нејзини граѓани.

Со проектот се предлага едноставен просторен модел, кој се обидува да воспостави рамнотежа помеѓу ефикасноста на функцијата на објектот и естетските вредности на истиот. При проектирањето водено е сметка на функционалноста,  дизајнот, адаптабилноста на просторот, одржливоста, како и рационализација на содржините и комуникациите низ објектот.

По вертикала, функционално објектот е поделен на три целини. Приземје кое ја содржи скоро целата јавна програма, катовите наменети за администрацијата и подземни нивоа со паркирање и сите економско – технички содржини.

 

Основа на приземје и кат

 

Во основа, исто така постои јасна дистинкција на три содржини и тоа: административен блок- дел наменет само за пристап на вработени; сервисен блок кој е позициониран долж соседната зграда на јужната стана, и ги опфаќа сите комуникации,тоалети и помошни простории; и атриум, кој ги обединува двата дела, како функционално така и визуелно.

Главниот влез го воведува корисникот директно во просторен атриум, кој е составен дел од влезното фоаје, преку кое посетителите можат да се дистрибуираат кон заедничките содржини во приземјето, кон комуникациите или кон интегрираните подрачни единици (матична служба, катастар, јавни приходи, пошта и слично).

Визуелното доживување на сите четири нивоа, отвореноста, комуникацијата и динамичната атмосфера која се создава, овозможува чувство на заедништво. Така внатрешното обликување е во нераскинлива врска со функционалната распределба на содржините, што ја рефлектира потребата за транспарентност во работата на овој тип на институции, пропратено со лесна пристапност и јасно распределени содржини.

 

Основа на  II  и  III  кат

 

АТРИУМ

Со цел да се овозможат квалитетни услови за работа, доминантна тема во просторната организација претставува „атриумот“. Тој овозможува влез на природна светлина, а истовремено придонесува за поквалитетно просторно, амбиентално и сензорно доживување на објектот. Атриумот кој е јасно видлив од пристапната улица, како нагласена вертикала во склоп на влезниот портал, односно пукнатина, се провлекува скоро низ целата должина на објектот. На тој начин, преку влезот, надворешниот простор протекува во приземјето и влезното фоаје,  каде се организирани најголем дел од содржините за јавно користење. Новиот застаклен „двор“ е замислен како нов простор за средби, што ќе даде нова социјална димензија која е особено важна за објектите од јавен карактер.

 

 

АДМИНИСТРАТИВЕН БЛОК

Содржините наменети за вработени се развиваат на три нивоа, организирани во јасни трактови, сите природно осветлени и лесно пристапни.

Работните простори, односно канцелариите и салите за состаноци на поединечните сектори се организирани на првиот и вториот кат, додека на третото ниво се наѓаат содржините наменети за работа на советот на Општината Аеродром и градоначалниот.

 

 

Канцелариите се организирани во засебна функционална целина. Тие се меѓусебно поврзани преку јасни и кратки комуникации. Во рамките на секој сектор овозможена е и внатрешна комуникација со цел да се овозможи подобра ефикасност при работата. Сите канцелариски трактови се проектирани согласно проектната задача и организационата шема на општината, но понудениот просторен модел овозможува флексибилност во понатамошното користење.

 

 

Во склоп на административниот блок постои и едно скалишно јадро кое е наменето само за вработените и овозможува брза и лесна внатрешна комуникација помеѓу сите сектори.

 

 

СЕРВИСЕН БЛОК И ОСТАНАТИ СОДРЖИНИ

Сите содржини наменети за посетители на катовите се сконцентрирани во една зона, заедно со вертикалните комуникации, наменети за јавно користење. Тоа овозможува јасна дистинкција на движењето на различните групи корисници. Сепак преку атриумот остварена е нивна врска со што визуелно се намалува бариерата и на тој начин сите содржини делуваат како една компактна целина.

 

Во состав на управната зграда се предвидени и дополнителни содржини, односно интегрирани подрачни единици (пошта, матична служба, катастар и слично), дел поставени на приземјето, со двострана ориентација- од пристапната улица и фоајето, и неколку интегрирани подрачни единици на катот, пристапни од влезното фоаје, преку контролиран влез. Уште една дополнителна содржина претставува ресторанот, кој е исто така двострано пристапен- од улицата и од фоајето, со што е овозможена дополнителна ефикасна експлоатација на објектот. Сите содржини на објектот се лесно пристапни за лица со посебни потреби.

Паркирањето во објектот е организирано во две подземни нивоа, директно поврзани со содржините на објектот преку вертикалните комуникации.

 

Пресеци

 

ОБЛИКУВАЊЕ

Во надворешното обликување на објектот постојат два основни визуелни елементи.

Доминантен фасаден елемент се ритмично поставените брисолеи, пред стаклената, транспарентна обвивка. Нивната бела ненаметлива структура, со својот ритам од вертикални елементи разбиени со суптилните хоризонтали, оддава смиреност и ја потенцира елеганцијата од секој агол при движење. Покрај тоа што овозможуваат дискреција на функциите, брисолеите преку нивната структура допридонесуваат за засенување на објектот во текот на летниот период.

 

 

Втор, но подеднакво важен обликовен елемент е нагласениот влезен портал, кој визуелно го дели објектот на два дела. Неговата нагласена вертикалност и материјализација во темна боја, јасно го воведува корисникот во внатрешноста на објектот и со тоа овозможува лесно читање на функцијата на објектот и однадвор.

Со својата појавност, новата општинска зграда истовремено станува доминанта во своето опкружување, но и логично суптилно завршување на низата новопроектирани објекти во својата непосредна околина.

 

Изгледи

 

Целта во проектантскиот процес беше да се обмисли отворен, современ објект кој промовира дијалог помеѓу властите и граѓаните, кој овозможува максимално рационален и функционален работен простор, но истовремено и естетски иновативен и репрезентативен објект.