Креирање заедници преку алтернативен модел на урбано домување / Трајаноска

МАГИСТЕРСКА ТЕЗА

 

Автор: Марија Трајаноска

Ментор: вонр. проф. д-р Марија Мано-Велевска

Тема: Просторни асемблажи

Наслов: Креирање заедници преку алтернативен модел на урбано домување

Проектна локација: Населба Тафталиџе, Скопје

Година: 2023, Архитектонски факултет Скопје

Клучни зборови: Заедничко домување, заедница, социјална кохезија, заедништво, соработка

 

 

Во денешното општество како последица на механизацијата и индустрализацијата, постојат процеси при продуцирање на архитектурата што го дестабилизираат процесот на создавање на станбените објекти. Пазарите на недвижности во повеќето поголеми градови денес, се водени од квантитетот, т.е. профитот, без давање на големо значење кон квалитетот, односно градење на кохезивни населби и стабилни заедници. Поради тоа елементите од кои тие се составени, неизбежно ги чувствуваме како одделени и ладни, со груба содржина. Оваа архитектура нема релација со вистинската природа, проблемите или можностите што може да настанат во една околина. Исто така, е општествено уназадена бидејќи не ги вклучува жителите во континуираниот развој на својата околина. Како последица, дополнителен проблем кој се појавува низ тој модерен и индустриски живот е зголемување на оттуѓеноста помеѓу луѓето, сѐ поголемата осаменост и губење на чувството за заедница.

 

1.Истражување на типолошки модел преку П-форма

 

Гледајќи го историски начинот на кој што луѓето го бираат своето живеалиште, најчесто тоа се сведува на две главни типови на домување, односно живеење во едносемејни куќи или во повеќесемејни згради. Прашањето кое што се поставува е, дали, помеѓу двата екстреми на традиционални типови на живеење – едносемејната куќа и повеќесемејната зграда, може да се постави нова алтернативна форма на домување која што ги понудува предностите на куќата, истовремено избегнувајќи ги недостатоците на зградата, а во исто време која што ќе одговори на проблемите генерирани од современото општество. Еден од одговорите на ова прашање, што евидентно ја исполнува функцијата на алтернативна форма и има потенцијал да одговори на предизвиците на современото општество е типологијата на т.н. заедничко домување.

 

2.Постојна состојба

 

Заедничкото, односно споделеното домување, е директно вкоренето во недостигот на прифатливи станови, но и недостигот на станови воопшто, па така се појавува како одговор на побарувачката за пристапни и достоинствени живеалишта, надвор од капиталистичките принципи во кои обично се развиваат традиционалните типологии на домување. Споделувањето пред сè е чин на зајакнување и взаемна (само)помош, па така оваа типологија на домување може да понуди решение за социјално, економски и еколошки одржливо домување.

 

3.Планирана состојба според ДУП 2017

 

Предметот на ова истражување се фокусира на адаптирање на нов алтернативен модел на урбано (заедничко) домување во веќе постоечка густо изградена урбана структура во градот Скопје, кој што ќе се фокусира на враќање на концептот на соседство и чувството за колективност во градот. Според изнесеното во тезата, не е потребна поголема експанзија на станбените куќи и згради, туку напротив, објектите за домување треба да се градат поодржливо, да се земат во предвид потребите и благосостојбата на жителите, квалитетот пред квантитетот и да се создаваат похумани простори во и околу станбените единици. Сите жители во градскиот простор, од сите старосни, економски и социјални групи, треба да имаат еднаков пристап кон активностите кои што ги нуди градот; луѓето да се гледаат лице во лице, да се препознаваат и меѓусебно да комуницираат.

 

4.Ситуација

 

Во истражувањето на оваа тема, заедничкото домување најчесто се теоретизира како израз на граѓанско општество кое вклучува концепти на социјален капитал, заедница, социјална кохезија и солидарност, како свои клучни аналитички алатки. Од тој аспект, заедничкото домување претставува одредена форма на “намерна” заедница која што го артикулира колективниот идентитет со приватната автономија на индивидуата. Понудува алтернативна социјална и просторна конфигурација што го олеснува споделувањето и жителите ги врамува во една колаборативна практика каде што тие соработуваат како ко-актери, а не потрошувачи, и притоа учествуваат во процесите на донесување на одлуки, што е во спротивност со политиките на конкурентниот градски маркетинг и капитализација на урбаниот простор и начин на живот. Долгорочната достапност, самоуправувањето и градењето на заедница ја нагласуваат употребната вредност на овие концепти, кои имаат потенцијал да ја избалансираат социјалната, економската и еколошката одржливост на домувањето, кое во голема мера е изгубено во современите начини на проектирање на просторот.

 

5.Приземје

 

Кога зборуваме за заедница кај заедничкото домување, зборот „заедница“ подразбира група на луѓе кои живеат во независни домови блиску еден до друг, но кои социјално комуницираат и споделуваат норми, вредности и начини на живеење во споделен простор. Преку наследството кое го оставаат заедниците кои живеат здружено во објектите за заедничко домување, денес сè уште во мал процент, дознаваме дека овој алтернативен вид на домување има, и продолжува да има длабоко влијание врз развојот на домувањето во иднина. Заедничкото домување како алтернативна може да донесе живот во целата населба, особено оние населби кои имаат потреба од активности и услуги; го зголемува општественото ткиво и помага да се направи побезбедна, попогодна и подобра средина за живеење.

 

6.Ниво на кров

 

Највисок приоритет во организирање на програмата за овој проект, имаа елементите кои што ја нагласуваат социјалната кохезија и аспектите кои поттикнуваат социјален контакт на нејзините жители. Тие елементи имаат за цел да создадат место каде што жителите нема само случајно да минуваат до патот кон нивните домови, туку ќе се задржуваат, поздравуваат, дружат и творат заедно во нивните секојдневни животи. Процесот и елементите кои што беа искористени за да се дојде до концептуалното решение, се состојат од три делови – обликување на партерот, проектирање на заедничките простори и проектирање на индивидуалните станбени единици.

Обликувањето на партерот во голема мера го одредува типот на социјалната средина во рамките на заедницата. Партерот е местото каде што соседството повторно е измислено, со цел одново да ги одрази реалните животни потреби на членовите на групата.

 

7-8. Пресеци

 

Заедничките простори се испроектирани да ги зближат луѓето, премостувајќи го јазот помеѓу домот и соседството. Поставеноста на заедничките простории влијае на зачестеноста на неговата употреба. За тие да бидат составен дел од животот во заедницата, жителите поминуваат покрај нив во текот на нивното секојдневие. Исто така, жителите имаат можност да ги видат заедничките простори од нивните домови, за да се зголеми веројатноста тие да се приклучат кога има некоја активност. Ниту една станбена единица не е премногу оддалечена од заедничките простории и е лесно пристапна за ниту еден жител да не се чувствува изолиран.

 

9. Јужна фасада

Проектирањето на индивидуалните простори за живеење постигнува две цели, односно се приспособува на опсегот на различен број на членови на семејствата и овозможува степени на приватност според желбата на станарите. Секоја станбена единица започнува со означен, испакнат предпростор. Останатиот распоред на единиците е креиран преку концептот на градација на приватноста – приватноста се зголемува како што се оди кон задниот дел од домот. Најпрво е поставен просторот наменет за дневен престој, додека во задниот дел се сместени спалните соби и бањите како простори со најголема приватност. Поставеноста на дневниот простор кон дворот е со цел луѓето да можат да наговестат можност за одредена социјална активност и да се приклучат кон неа. Влезовите од станбените единици покрај тоа што се испакнати и нагласени, тие исто така се свртени еден према друг за можно отпоздравување на соседите, додека излегуваат или влегуваат во домот. Просторот помеѓу домовите е продолжение на галеријата кој се користи во вид на заеднички тераси, каде жителите во помали групи може да седнуваат, разговараат, или да седат и да ја набљудуваат заедницата со своите активности на приземјето, или пак едноставно да се релаксираат и гледаат кон зеленилото во дворот. Дополнително, во програмата на просторите за домување се вклучени и помали единици – гарсониери, кои би задоволиле и други потреби за “номадски” начин на живеење. Тоа се станбени единици кои припаѓаат на заедницата, а кои би се издавале на привремени жители.

 

10.Аксонометриски приказ кон улица

 

Концептот за ова решение потекнува од истражувањето на неколку просторни модели, од кои што како извор за развивање на типолошкиот модел е искористена “П-формата”. П-формата е симетрична по една оска во која што се поставени главните елементи кои што наговестуваат заедничко домување, а тоа се централниот двор и заедничкиот дневен престој кој што се состои од заедничка кујна, трпезарија, дневна соба, бар и простор за друштвени игри. Од двете страни на оската на симетрија се развива остатокот од заедничките простории, а станбените единици на катовите.

Програмата во овој типолошки модел е така ситуирана да пројавува внатрешен и надворешен дел. Надворешниот дел се поврзува со градот, додека во внатрешниот дел се развива заедницата. Преку формални елементи е создадена мека граница меѓу надворешноста и внатрешноста, со цел заедницата да не се изолира премногу од околината, но во исто време околината да не стане причина за распаѓање на заедницата. Концептот опфаќа градација на трите нивоа на сопственост – јавна заедничка и приватна. Како што луѓето се движат од предниот кон задниот дел и од приземјето кон катовите, така и градацијата расте од јавна сопственост кон приватна. Важен елемент за постигнување на баланс меѓу истите е интегрирањето на транзициски меѓупростори, односно пешачка патека на приземјето и галерии на катовите.

 

11.Аксонометриски приказ кон двор

 

 

Овој проект се развива на две и три надземни нивоа, соодветно, и едно ниво под земјата. Подземното ниво е сервисно ниво, каде што освен паркинг местата за вкупно осумнаесет возила, се наоѓаат и две заеднички перални. Надземните катови се поставени во модуларна конструктивна мрежа на бетонски столбови и греди. Модулите се комбинирани така што на приземјето во нив се сместени потребите за заедничките простории, додека на катовите еден модул претставува една станбена единица кој вдомува најмногу двајца членови. Како што се шири бројот на членови на семејството, така може да се зголеми и модулот, па за тројца членови најсоодветна е употребата на модул ипол, додека за четири членови најсоодветна е употребата на два модули за станбената единица.

 

12.Преглед на типологии

 

Обработката на надворешната фасада – кон улицата, е едноставна, со модуларно поставени прозорски отвори. Обработката на внатрешната фасада – кон дворот, е посложена и се состои од секундарна модуларна мрежа на дрвени столбови и греди кои се прицврстени за главната конструкција. На самата фасада на сите три површини се закачени дрвени “завеси” со различна густина на поставеност на гредичките, кои што може да се придвижуваат. Со ова е создадена “променлива” фасада која никогаш не е иста, односно жителите може да ги придвижуваат дрвените завеси доколку им треба поголема приватност во дел од галеријата. Идејата позади начинот на обработка на двете фасади е, преку фасадата кон улицата, објектот да се поврзе со постоечката градска форма со строги линии и ѕидни површини поставени немо во просторот, а преку фасадата кон внатрешниот двор, објектот да се поврзе со заедницата. Однадвор владее строгост, мир, тишина и изолација, додека внатрешноста искажува разгираност и живост како една зелена оаза во градот која што е рефлексија на социјална кохезија и пренесување на енергија. Преку обработката на фасадите објектот претставува синтеза на градски контрадикции, односно преку физичкото се прикажува динамиката наспроти статиката.

 

13.Заеднички дневен престој

 

Крајната цел од поставувањето на алтернативен модел на урбано домување во градот Скопје, е потенцијал за понатамошни висококвалитетни достапни домови кои на жителите ќе им обезбедат подобар индивидуален простор за живеење и нови сцени на социјална интеракција преку заеднички отворени и затворени простори, како и поврзување со градската околина преку вклучување на јавни намени. Во суштина, преку проектот повторно се осознава релацијата помеѓу материјалната форма на градот и човечкото однесување. Меѓу нив има голема поврзаност која влијае на социјабилноста, навиките, здравјето и други круцијални сфери од животот на еден човек. Станбените единици и просторот околу нив треба да обезбедат и пред сѐ да прикажат можности за еден поинаков начин на користење на градската околина, можности за споделување и заедничка грижа за истата; можности за промена на лошите навики и нивна замена со квалитетно доживување и живеење во средината.