Крум Томовски / 1924-2010
23.02.2026 • Автори
Кратка биографија и достигнувања релевантни за развојот и афирмацијата на архитектурата на Крум Томовски.
Крум Томовски (21.07.1924-08.07.2010) е македонски архитект, конзерватор, професор и академик. Тој ја претставува првата повоена генерација дипломирани македонски архитекти, кои се препознатливи не само по одговорноста да канализирано и организирано да продуцираат стручни кадри, туку и на дефинирање на основните вредности на македонската архитектонска историографија.
Дипломирал на Архитектонскиот факултет при Техничката висока школа во Белград во 1952 година на тема Урбанистичкото и хортикултурното решение на Долно Водно кај проф. Бранислав Коиќ.
По дипломирањето се вработил како асистент по предметот Историја на архитектурата на Архитектонскиот отсек при Техничкиот факултет во Скопје и стекнувајќи ги сите потребни звања го завршил својот работен стаж како редовен професор на Архитектонскиот факултет во 1987 година.
Неговата стручна дејност била насочена кон заштитата на спомениците на културата, како и на изработка на елаборати и проекти, архитектонско проектирање и поставка на изложби.
Во научната дејност се упатил кон проучување на нашето наследство од средниот век и исламската архитектура, како и на народната архитектура и мајсторите-градители.
Како асистент, во првите години на Архитектонскиот отсек работел претежно на архитектонски проекти. Одржувал поединечни предавања за градителското наследство во Македонија, на универзитетите во Тирана, Варшава, Истанбул, Рим и Неапол. Учествувал на повеќе симпозиуми, како и на Семинарот за маекдонскиот јазик, литература и култура во Охрид, каде што одржал повеќе од 20 предавања.
Напишал голем број студии и статии отпечатени во стручни списанија и во дневниот печат (200 единици). Бил декан на Архитектонскиот факултет во учебната 1977/78 година и проректор на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ 1978-1982 година. Редовен член бил и на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) од 1979 година. Тој раководел со повеќе проекти на МАНУ, давајќи свој придонес кон градење на архитектонскиот континуитет во Македонија.
Од научноистражувачките проекти со кои раководел во МАНУ позначајни се: Етхногенеза на Јуруците во Македонија, Етнологија на Македонците, Македонските мајстори-градители од XIX век. Од 1984 до 1001 година бил секретар на МАНУ.
Од периодот помеѓу 1952 и 1957 година негови позначајни реализации се:
- Станбено-административниот објект со изложбен салон во приземјето „Аутомакедонија“ (П+8) во Скопје (со арх. Д. Петков);
- Станбениот блок на ул. „11 Октомври“ (П+4) во Скопје;
- Индивидуалната семејна куќа (П+1) на бул. „Партизански одреди“ во Скопје;
- Станбениот објект на Геолошкиот завод во Скопје;
- Гимназиите во Кичево и Кочани (главни проекти);
- Хотел-ресторанот во Кочани;
- Индивидуалната семејна куќа во Кисела Вода, Скопје;
- Индивидуалната семејна куќа во Дојран.
Станбено-административниот објект со изложбен салон во приземјето „Аутомакедонија“ (П+8) во Скопје (со арх. Д. Петков). Автор на фотографии: Борис Јурмовски, 2025
По изборот за доцент (1958) бил на научно усовршување во Франција, Турција, Грција, Италија и Египет. Учествувал со научни соопштенија на 3 меѓународни конгреси. Работејќи на конзерваторско-реставраторската проблематика, во текот на својата богата професионална кариера, Томовски реализирал бројни проекти и ги надградувал своите научно-истражувачки искуства. Пристапувајќи студиозно кон истражувањата на архитектонските споменици од разните историски или стилски периоди, Томовски ја истакнува традиционалната архитектура во Македонија и афирмативно ги претставува пред домашната и странската научна и стручна јавност. Од тој период позначајни проекти од реставраторската и конзерваторската дејност му се:
- Црквата Никола Болнички, 1961 во Охрид;
- Црквата Богородица Болничка, 1961 во Охрид;
- Манастирот Псача, 1963 во Крива Паланка;
- Црквата на манастирот Заум;
- Манастирскиот конак во Лесново;
- Џамијата Гази Ајдар Кадија во Битола;
- Амамот „Дебој“ во Битола;
- Адаптација на безистенот во Битола;
- Адаптација на безистенот во Штип во уметничка галерија.
Од бројните научни печатени трудови можат да се издвојат:
- 1959 – Велешките мајстори и зографи од XIX и почетокот на XX век, Скопје;
- 1961 – Средновековната архитектура во Охрид (со Ѓ. Бошковиќ);
- 1961 – За конструкциите во народната архитектура во Македонија, Скопје;
- 1963 – Покуќнината во старата селска куќа во Македонија, Скопје;
- 1964 – Заштита на старата куќа во Македонија, Охрид;
- 1966 – Мајстор Андреја Дамјанов 1813-1878, Скопје;
- 1969 – Дејноста на мајсторите градители, копаничари и зографи од село Лазарополе од XIX и XX век, Скопје;
- 1977 – Христијанската архитектура во Преспа, Скопје;
- 1978 – Дебарските куќи во XIX век, Скопје;
- и многу други.
За својот плодотворен придонес во афирмацијата на македонската архитектура, покрај поголемиот број признанија од научни и стручни институции, ги добил наградите:
- 1990 – 11 Октомври, за животно дело
- 1990 – Андреја Дамјанов, награда на САМ за придонес во македонската архитектура.
Извори: https://www.scribd.com/
https://macedonism.org/
https://mk.wikipedia.org/
Градителите во Македонија XVIII-XX век, Георги Константиновски
Автор на статија: Martina Shteriova
Биографија / градителите во македонија / Крум Томовски / Македонски архитекти

















