Свети Архангел Михаил, Свети Гаврил Лесновски или Лесновски манастир

Автор на истражување: м-р Владимир Таневски

Период: XIV век

Ктитор: севастократор подоцна деспот Јован Оливер

Литература: Д. Ќорнаков, Македонски манастири, Матица, Скопје, 2009; Е. Димитрова, С. Коруновски, С. Грандаковска, „Средновековна Македонија“, Македонија. Милениумски културно-историски факти, Медиа Принт, Скопје, 2013; С. Габелић, Манастир Лесново: Историја и сликарство, Стубови културе, Београд, 1998; В. Поповска – Коробар, Манастир Лесново, Музеј на Македонија, Скопје, 2000; E. Dimitrova, “The Church of the Holy Archangel Michael at Lesnovo”, Seven Medieval Churches in the Republic of Macedonia, Skopje, 2014

Насловна фотографија: м-р Владимир Таневски

 

 

Црквата Св. Архангел Михаил е католикон на манастирот „Свети Гаврил Лесновски“ во селото Лесново, во близина на градот Пробиштип. Денес манастирот е активно живо светилиште со монашко братство, кое исклучително добро се грижи и го одржува манастирот.

 

План на црквата (цртеж С.Коруновски)

 

Црквата Св. Архангел Михаил е изградена како заветнина на големиот феудален господар севастократорот подоцна деспот Јован Оливер. Храмот е изграден како едноставен впишан крст со една купола, со комплексни системи за артикулација и декорација на фасадите. Источната фасада т.е. апсидата е декорирана со двојни ниши, изведени со чувство за пропорции и изедначени висини. Нартексот е подоцна изграден од страна на истите мајстори и надвишен со една купола. Фасадите се декорирани со елегантни двојни аркади со столб во средината. Со тоа бил оформен репрезентативен отворен влез, кој наликува на некои решенија од Константинопол. Фрескоживописот во наосот е насликан во 1342/1343 година. Во наосот се насликани голем број на циклуси, сцени и стоечки светители. Покрај куполна и олтарна програма во наосот се насликани и: Големите празници, Христовите страдања, Христовите чуда и параболи и циклусот на архангелот Михаил.

Во првата зона се насликани стоечки светители: свети војници, монаси итн. Сцените се полни со иконографски новитети и отстапувања, и ќе издвоиме неколку. Во композицијата на Причестувањето на апостолите, Христос го причестува апостолот Петар, кој ја предводи северната група на апостоли. Под Причестувањето, е насликан Христос во архиерејски орант и ги благословува евхаристичните дарови, осветувајќи ги и принесувајќи ги како бескрвна жртва. Во ѓакониконот е насликан Христос облечен како архиереј, тој во лева рака го крева евангелието како симбол на службата на Малиот вход. На северниот ѕид во првата зона е насликана ктиторската композиција која ја сочинуваат севастократорот Јован Оливер и патронот на храмот архангелот Михаил.

 

Севастократорот Јован Оливер е облечен во раскошна облека и во едната рака ја држи макетата на храмот која ја подава на патронот. Отсуството на српскиот владетел, упатува на сериозни историски и социјални причини. Познато е дека Јован Оливер најверојатно бил поврзан со узурпаторот на византискиот престол Јован Кантакузин, во време на неговиот најголем политички подем во периодот 1342 – 1343. Според истражувачите фрескопрограмата ја насликале четворица зографи. Првиот зограф ја насликал куполата и олтарниот простор. Вториот зограф ја насликал декорацијата на поткуполниот простор, пандантифите и Празничниот циклус. Третиот зограф ги насликал Страсниот циклус, Христовите чуда и поуки и Причестувањето на апостилите. Четвртиот зограф кој бил највешт, е автор на Архангелскиот циклус, Успението на Богородица, и галеријата на стоечки светители.

 

 

Куполниот нартекс е изграден и фрескоживописан во 1349 година и исто така има богата и уникатна фрескопрограма. Нартексот е дограден после Соборот во Скопје во 1347 година, кога Лесново станува седиште на новооснованата Злетовска епископија. Во тој период ктиторот Јован Оливер ја добива највисоката благодорничка титула на деспот. Претставени се: Учителстувањата на Светите Отци (свети Јован Златоуст, свети Атанасиј Александриски, свети Григориј Богослов и свети Василиј Велики), Старозаветните префигурации на Богородица, циклусот на Јован Претеча и последните три Давидови псалми (148, 149 и 150) и галерија на стоечки светители.

 

(Извор: В. Поповска – Коробар, Икони од Музејот на Македонија, Музеј на Македонија, Скопје, 2004)

 

На северниот ѕид е насликана ктиторска композиција во две зони. Во првата зона се насликани: деспотот Јован Оливер, неговата сопруга Ана Марија и нивните синови: Дамјан и Крајко. Во втората зона е насликано царското семејство: царот Душан, царицата Елена и кралот Урош. Во галеријата на стоечки светители, покрај воини, маченици и пустиножители најверојатно се насликани и првите злетовски епископи Јован и Арсениј. Стилските карактеристики на фрескоживописот во нартексот на лесновскиот храм ги вклучуваат: вештиот цртеж, правилна моделација на формите, внимателниот третман на ликовите, ефектната просторна организација на композициите и сугестивната длабочина во изведбата прикажаните личности.

 

Фрескоживописот во ѓакониконот (Извор: В. Поповска– Коробар, Манастир Лесново, Музеј на Македонија, Скопје, 2000)

 

Внатрешноста на храмот ја краси и прекрасниот иконостас изработен од страна на познатиот копаничар Петре Филипович – Гарката, од 1811 – 1814 годинa. Интересно е да се напомене дека за иконостасот нарачувачите платиле 22 кеси и 11.000 гроша, и плус 1500 гроша за други трошоци.

За Лесновската црква биле изработени и голем број на икони во XVII и XIX век. Меѓу нив ќе ги издвоиме двете икони со ликовите на словенските просветители Кирил и Методиј работени по една боена литографија во периодот по 1870 година, како и иконата „Погребението Христово“, дело на познатиот зограф Димитар Андонов – Папрадишки. Во манастирската црква се наоѓа и еден литургиски налоњ од XVII век, украсен со инкрустација, а во слична декорација една певница од XVII век.

 

Црква Св. Архангел Михаил, пред 1957 (Извор: В. Поповска– Коробар, Манастир Лесново, Музеј на Македонија, Скопје, 2000)

 

Од историјата на манастирот познато е дека во XVI век била изградена припрата која денес не постои. Во XVII век околу црквата биле изградени монашки келии и трпезарија, кои денес не постојат. Низ целиот среден век, па и подоцна, Лесновскиот манастир имал видна улога како центар од каде што се ширела словенската писменост. Во XVIII век тука постоела и школа. Околу манастирската црква во XIX век биле изградени конаци. Сочувани се само од северната и делумно од источната страна на манастирскиот комплекс со кула-камбанарија. Треба да се напомене дека пред одреден период е изградена современа надворешна припрата.

 

Црквата Св. Архангел Михаил во Лесновскиот манастир, претставува едно од најзначајните дела на византиското градителство и фрескоживопис во Македонија. Манастирот е надалеку познат по големиот број на средновековни ракописи кои потекнуваат од него, и се чуваат во голем број на музеи низ светот. Во околината постојат остатоци од некогашни скитови, параклиси и пештерски испосници поврзани за манастирот, кој од манина бил нарекуван и лавра.

 

Поглед кон манастирот. Фото: Владимир Таневски