Куќата што се распаѓа / Меѓународна изложба и симпозиум
25.06.2024 • Информации
27 јуни / 20:00/ Соработници на изложбата: уметници: Вини Хербстајн (Глазгов/Амстердам), Филип Јовановски (Битола/Скопје), Ану Вахтра (Талин) и кураторка: Ивана Васева
Изложбата е отворена до 30 јули
28- 29 јуни /20:00/ Соработници на симпозиумот: Ола Хасанаин (Картум/Амстердам); Ингел Ваикла (Талин/Брисел); Феликс Мелија (Лондон); Марјока де Гриф (Амстердам); Анастасија Пандиловска (Скопје/Амстердам); Бриџит Ароп (Талин)
Музеј на Република С. Македонија, Скопје
Во продукција на Факултетот за работи што не се учат – ФРУ во рамките на проектот Не сакаме да бидеме ѕвезди (туку дел од соѕвездијата) поддржан од Европската Унија.
https://wedontwanttobestars.eu/
Изложбата и симпозиумот „Куќата што се распаѓа“ нашироко говорат за политиките на просторот и промените во градовите во однос на интересите на различните структури на моќ, манифестирањето кон заедничкото наследство, како и идентитетот на колективноста и грижата на градовите – заедничка и меѓузависна. Реактуализирањето и повторното потенцирање на градскиот идентитет на грижа и колективност е исто така потсетник на некои широки (солидарни) гестови на модернистичките визии за напредок во услови на современи планови за урбан раст кои го загрозуваат нивното постоење, како и критички набљудувања и потенцијал за правична и еднаква планетарна иднина.
Изложбата е резултат на заложбите на тројца уметници – Вини Хербстајн, Филип Јовановски и Ану Вахтра кои работат на пресекот на меморијата, архитектурата, културното наследство и формирањето на просторот, применувајќи различни уметнички стратегии за повторно да излезат на површината контекстуалните специфичности на грижата, занемарувањето и распаѓањето. За изложбата „Куќата што се распаѓа“ сите ја прифатија улогата на деколонизирачката шетачка, со тринеделни резиденции во Скопје, користејќи ги шетањето и критичкото набљудување како алатки за истражување на овие специфичности.
Фигурата на деколонизирачката шетачка на симболично ниво означува некој кој преку перипетичко искуство, критички перспективи и отелотворување создава заеднички простор на учење, грижа и учество. Искуството на деколонизирачката шетачка нè повикува да не бидеме пасивни набљудувачи или шетачи во модерниот град, туку активни агенти во доцниот капиталистички град, кои имаат моќ да преминат од самосвест за урбаното искуство кон грижливи идентитети во реполитизацијата на колективноста. Овие шетачки паметат и континуирано архивираат, гласно потсетувајќи на важноста и издржливоста на сеќавањето и ископувањето на изгубените и замолчените гласови и гестови.
Тројцата уметници се во потрага и темелно истражуваат сега речиси невидливи, или веќе непостоечки јавни места во градот Скопје. Тоа понекогаш може да биде одредена зграда со специфична архитектура која некогаш постоела, одамна исчезнала поради уривање, пожар или занемарување, може да биде место за среќавање сега загрозено поради остатоците од урбаниот раст. Овие места биле направени со грижа, сме ги чувствувале како наши, означувале места кадешто треба да се оди, ни припаѓале на сите, во градот што беше наша куќа. Овој изложбен потфат речиси создава траекторија/кореографија на движење до исчезнати или невидливи локации среде урбаниот хаос, дури и незабележливи во секојдневниот живот (исчезнати, непрефасадирани или опколени) и поставува неколку прашања:
Што ќе се случи кога на крајот куќата ќе се распадне? Кои беа политичките, општествените и идеолошките заплеткувања, соочувања и пропагации што доведоа до ситуацијата? И каде можеме да ги лоцираме концептите на грижа, запоставување и распаѓање во перспектива на поширока еколошка, политичка и општествена катастрофа?
Во „Куќата што се распаѓа“, уметниците даваат акцент на работите што се распаѓаат, без романтизација, естетизација или разубавување, туку во нивната сегашна состојба. Во празнините тие нудат различни мали интервенции за тоа како да се преобликува оваа сегашност во позначајни акции.
Изложбата и симпозиумот го земаат како појдовна точка важен и заеднички дел од соѕвездието „ѕвезди“ – грижата, како критична грижа за заедничкото и практикувањето на грижата и нивната врска со структурите на моќ. Тие се одвиваат во Музејот на Република Северна Македонија, еден од првите музеи во земјава, кој долги години се бори со својот опстанок.
Симпозиумот разоткрива поголем простор на разработка на идеите за грижа, занемарување и распаѓањето, особено во однос на архитектурата, просторната формација и односите со другите сензибилитети.
ПРОГРАМА
27 јуни/ Четврток/ 20:00/ Изложба
Куќата што се распаѓа
Уметници: Вини Хербстајн, Филип Јовановски, Ану Вахтра, во соработка со кураторката Ивана Васева.
Изложбата ќе биде отворена до 30 јули
28 јуни/ Петок/ 20:00
Предавање на Ола Хасанaин (Картум/Амстердам) и дискусија со Марјока де Гриф/ Анастасија Пандиловска (Амстердам) и Ивана Васева (Скопје).
21:00
Проекција на филмови
Ингел Ваикла – Папагало, колку е часот? (2022) 7’ и Јас, исто така, гледам (2024) 23’
Феликс Мелија – Пари за ништо (2021) 35’
Краток разговор со уметниците Ингел Ваикла и Феликс Мелија
Харун Фароки – Создавачите на светските пазари (2001) 72’ и Во споредба (2009) 61’
29 јуни/Сабота/
19:00- 21:00 – ГРАДОТ Е ЈАВНОСТ – дел 1 – колективна перформативна проба/обиколка низ градот Скопје со водич како дел од Лабораторијата за перформативно просторно истражување ГРАДОТ КАКО СЦЕНА, како дел од Архитектонскиот факултет во Скопје
21:00 -22:00 – ГРАДОТ Е ЈАВНОСТ – дел 2 – Јавна рефлексија на идното сценарио за театарска претстава за градот во Музеј на Република Северна Македонија.
22:00 – Музичка програма
Автор на статија: Filip Koneski
Ану Вахтра / Вини Хербстајн / Ивана Васева / Куќата што се распаѓа / Филип Јовановски