Раст 2.0: Населба – Лентовидни Тавтологии / Станковска, Милев, Гавриловска

Автори: Фросина Станковска, Димитар Милев, Мила Гавриловска

Проектна задача: Населба

Локација:  Расадник, Кисела Вода, Скопје

Предмет: Интегративно студио Раст 2.0: Населба

Семестар: IX – 2022/23

Педагошки тим: проф. д-р. Слободан Велевски, проф. д-р. Марија Мано-Велевска, асис. д-р. Благоја Бајковски

Универзитет: „Св. Кирил и Методиј” – Архитектонски факултет, Скопје

 

Денес градот Скопје се повеќе се соочува со дефицит на населби во кои се препознава квалитетот и позитивните аспекти на живеење во заедница. Заедницата настанува како импликација на населување на едно место, при што со самиот чин населениците градат врски како императив за структура која ги поврзува луѓето. Во контекст на актуелните услови на денешното живеење, заедницата е нужно потребна за ослободување на современиот човек со изразен индивидуализам и негово насочување кон колективните потреби. Таа е удобна за индивидуално опстојување, но паралелно нуди простор за споделување, поврзување и идентификација со другите луѓе преку кои се зајакнува чувството на припадност. Отуѓувањето од населбите во кои живееме денес е повторно поврзано со квалитетот на истите од кадешто произлегува начинот на однесување и чувството развиено за сопствената населба. На градот Скопје му е потребно подобрување на состојбата на алиенација во многу соседства каде поеднецот не чувствува припадност и идентификација со местото на живеење, остварувајќи пасивен однос со соседите. Потребно му е и градење на нови населби со соседства кои негуваат блискост и каде постои чувство на безбедност, почит и одговорност кон соседството, како и лична желба за поистоветување со колективниот идентитет.

Тема на овогодинешното интегративно студио Раст 2.0 е експериментирање на различни концепти на населба на еден од последните зелени и неизградени фрагменти на град Скопје – Расадник. Главна задача беше интерпретација на индивидуалното поимање на поимите населба и соседство (преку аналогни поими) како и разбирање на нивната меѓусебна релација, што беше и прва задача на ова студио. Така што, низ целиот процес на градење на концептот за новата населба имаше постојано навраќање кон еден заеднички поимник на целото студио од каде што сите почнавме.

Разбирањето на поимите населба/соседство беше продлабочено и со правење на лична фото-приказна од населба во која живееме на следните тематски категории: луѓе (соседи), омилено место и граници на населбата. Целиот когнитивен и истражувачки процес, кој траеше половина семестар до проектирањето, ни служеше за градење на една ментална слика за тоа каква населба треба да изградиме за и самите да би сакале да живееме во истата.

 

 

 

 

Клучни поими и фотоприказна – катергории место, граници и соседи

 

 

Една од клучните задачи во студиото беше и анализа на структурни елементи на зададен референтен пример за населба којшто дефинираше обрасци за генеза на новиот концепт на населба, како и создавање на мапи и ведути по аналогија за отсликување на формалните, програмските и перформативните аспекти за просторна артикулација на новата населба. Идејата не беше директно имитирање на дадената референца туку нејзино критичко читање и интерпретирање заедно со наслоеното знаење за процесот.

 

 

Обрасци извлечени од анализа на референтен пример

 

Мапа по аналогија изведена од обрасците

 

 

Конечен предизвик во работата беше преклопување на мапата по аналогија со реалниот контекст кој треба да се насели, а кој по својата природа е расадник со свој независен екосистем на наслоен живот низ времето. Новиот концепт имаше повеќе фази на преобразба (девет варијанти) со цел прифаќање и надоврзување на постоечкиот изграден контекст како и почит кон карактерот на локацијата и сеќавањето за постоечкиот расадник.

 

 

9 варијанти на просторна интерпретација на концептот

 

 

Концептот на лентовидни тавтологии има за цел да раскаже еден ист наратив низ три различни просторни сценарија. Морфолошката генеза на новата населба потекнува од личното разбирање на населбата и прочитаните обрасци на референтната населба Naturbyen кои се реинтерпретирани во лентовидни формации составени од три главни елементи, кои симболизираат три различни аспекти на градското живеење: зеленило, изградена структура и јавен простор.

Еден од главните фактори кој ја детерминираше просторната композиција и карактерот на трипартитните ленти е постоечкиот контекст со прилично различен карактер со висока и ниска структура на којшто лентите непосредно се надоврзуваат.

 

 

Мапа на локација  – концепт 

 

 

Архитектонско урбанистичко решение – ситуација

 

 

Првата лента т.н. јавна лента е поставена на работ долж булеварот Борис Трајковски која преку своите просторни и перформативни можности има за цел да направи инаугурација на новата населба. Ова го прави преку екстензија на јавниот простор додека истовремено со линеарните садници на дуњи и чемпреси како „бафер“ зона јасно поставува дистинктивна граница помеѓу хаосот на градот и новата населба. Лентата е составена од објекти со јавна функција и отворен плочник – променада кои служат како социјален инкубатор за жителите и посетителите на новата населба.

 

 

Поглед од булеварот Борис Трајковски 

 

 

Втората лента т.н. лента на кулите се надоврзува на размерот на пoстоечкото околно ткаење и е составена од високи структури за домување насадени на тепихот од ленти кој е поделен на четири тематски зони – култура, едукација, спорт и рекреација. Домувањето се случува во кулите кои на горните катови имаат јавен простор за дружба на соседите, панорамско набљудување на градот но и простор за лично заточеништво од динамиката на градското живеење.

 

 

Поглед меѓу кули

 

 

Поглед кон карактеристичните станови

 

 

Третата лента т.н. лента на продуктивни вили е исткаена од ситна структура која визуелно се претопува со изградениот контекст. Тука домувањето е во индивидуални куќи или куќи за колективно домување каде јавниот простор делува како преден двор кој служи за пристап до куќите и социјална интеракција со соседите, додека задниот двор е заедничко обработливо поле каде жителите на населбата може да одгледуваат различни билки, овошје и зеленчук и сами да произведуваат храна.

 

 

Поглед кон обработливи полиња

 

 

Внатрешност на продуктивните вили 

 

 

Меѓусебната релација на лентовидните тавтологии се остварува преку зачуваното парче од веќепостоечкиот расаданик интензивиран со нови обработливи полиња и садници преку кој се оддава почит кон меморијата на самото место како и новозасадената природна шума од трепетлика, даб и бреза која нежно ги гушка лентите и ја штити населбата.

 

„Лентовидни тавтологии“ експериментално го преиспитува начинот на живеење и дава различни одговори на прашањето што е квалитетна населба за живеење. Сите елементи заедно формираат нова населба со силен идентитет како склоп од различни форми и стилови на живеење, слобода на чувство на припадност и преплет на животот со различни видови на вегетација преку наслојување на вертикални и хоризонтални просторни сценарија со свои бои, мириси и звуци на соседството.

Од студентите

 

 

Архитектонско решение основа на кули 

 

 

Архитектонско решение основа на продуктивни вили

 

 

 

 

Пресек низ продуктивните вили и поглед на кулите

 

 

Фотографија од макета