Ре-Кичево град на самоодржливи соседства и циклични процеси / Џерков, Тодоровски, Ристеска, Зовиќ, Василеска, Смилеска, Бошкоска, Ѓорѓиеска, Стојановиќ, Кахреман, Коваческа, Андоновиќ

 

Автори: Тамара Џерков, Иван Тодоровски, Анастасија Ристеска, Ева Зовиќ, Симона Василеска, Стефанија Смилеска, Јована Бошкоска, Ана Ѓорѓиеска, Николина Стојановиќ, Абдурахман Кахреман, Климентина Коваческа, Милош Андоновиќ

Педагошки тим: проф. д-р Дивна Пенчиќ, ас. м-р Ана Рафаиловска, ас. м-р Сања Аврамоска

Предмет: Урбанистичко обликување 2

Проектна задача: Концепт на просторен развој на градот Кичево

Наслов: Ре-Кичево град на самоодржливи соседства и циклични процеси

Локација: Кичево

Семестар: IX – 2021/2022

Универзитет: Архитектонски факултет – Скопје, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“

 

 

Во оваа академска година на Архитектонскиот Факултет во Скопје тема на обработка на предметот Урбанистичко oбликување 2 беше градот Кичево. Ви претставуваме студентски проект кој замислува одржлива обнова на градот преку развој на локални центри, зелени коридори и трансформирање на загадувачките индустрии, главно околу Осломеј, во еколошки станици за производство на соларна енергија

 

 

 

 

 

 

Кичево е град од околу 27 000 жители, во западниот дел на Македонија и е погоден за анализирање и за развој на различни морфо-типолошки решенија и архитектонски амбиенти. Проектот се развиваше низ низа презентации, следејќи ги сугестиите и барањата од урбанистите од општината на градот Кичево.

Нашата визија за Кичево е тој да стане град на самоодржливи соседства и циклични процеси. Мисијата е да се регенерира Кичево преку фиторемедијација на природата, трансформација на соседствата во самодоволни, создавање на нови центри и нивно поврзување со т.н био-коридори.

 

 

визија – град на самоодржливи соседства и циклични процеси

 

 

 

 

 

 

Задачата е разработувана преку низа анализи и согледувања на постојната состојба на градот, SWOT анализа, анализа на актерите и временските рамки и изработка на мапи.

Мапата на стратегија ги илустрира интервенциите во поглед на локација, правец и релација меѓу нив.

 

 

мапа на стратегија

 

 

Концептуалната мапа претставува симбиоза на елементите со кои интервенираме во градот. Тука јасно се гледа карактерот на сите интервенции и нивната поврзаност меѓу себе. Секоја од населбите која е избрана како предмет за работа на една страна е допрена со водена површина, така што во тие зони се појавува плодното земјиште кое ги прави населбите самодоволни.  Дополнително во рамките на секоја населба се појавува локален центар. Индустриските објекти кои се пренаменети се поврзани со некогашните депонии, при што таа територија од депониите сега станува зона на зеленило со социјален карактер во функција на објектите. Во полза на таа самоодржливост и зелена слика на градот, се поставуваат соларни панели во непосредна близина на Осломејското езеро.

 

 

концептуална мапа

 

 

Лоцирани се места во градот каде може да се создадат новите урбани градини – индивидуални и заеднички, и лоциравме можности за нивно припојување со рурбаните полиња. Низ градот се формираат нови центри кои добиваат различни содржини. Овие нови центри се поврзани со регенеративни био-коридори, како слој кој пешачки и биомски ги поврзува сите овие точки на дејствување.

 

 

зелени коридори и нови центри

 

 

Темата на зелена енергија подразбира трансформирање на загадувачките индустрии, главно реонот на Осломеј, во еколошки станици за производство на соларна енергија. Темата на фиторемедијација, пак, е решена со распоредување флора со прочистувачки способности на стратешки места низ градот – по реките и депониите.

 

 

мапа на фиторемедијација

 

флора за фиторемедијација

 

 

Според посакуваната визија, планирани се неколку интервенции: трансформација на соседствата од потрошувачки во продуктивни градинарски маала, трансформација на напуштените индустрии во рециклирачки центри, трансформација на загадувачките индустрии во еколошки чувствителни станици за производство на соларна енергија, цикличност на сите процеси и материи во градот, трансформација на загадените и напуштени градски територии во регенеративни био-коридори.

 

 

 

 

 

 

Секој процес враќа суровини самиот на себе. Секој простор нуди иднина самиот на себе. Секоја природна оска во Кичево е доволна самата на себе.

Следно беа разработени одделни зони од градот на ниво на архитектонско-урбанистички проект.  Концептот резултираше со четири архитектонско урбанистички проекти во рамки на целиот тим.