Локални избори 2021
23.08.2021 • Информации Став
Во октомври 2021 ни престојат локалните избори, кои повторно ќе ја скројат судбината на македонските градови.
Од тоа што можевме да го видиме последните децении, политичките партии немале никогаш сериозен однос кон архитектурата и урбанизмот. Повторно на листите гледаме глумци, доктори, правници, џудисти кои се борат за градоначалнички функции! И тоа воопшто не го засега македонското општество, прифаќајќи го како нормалност поради бескрајната политизираност.
Чудно е, како е да се разбуди добар доктор и хирург едно утро, велејќи си – Сакам да станам градоначалник! Чудни соништа создава блискоста до политичките партии.
Секако локалната власт треба да биде сочинета од повеќе сегменти на општеството и нивна вклученост, но планирањето на градот, неговата историја, големи одлуки за значајни простори и разбирањето на контекстот на урбаната средина мора да биде водена од стручните лица. Самите партии треба да се во потрага по добри архитекти и урбанисти за градоначалничките места, но наместо тоа тие пребаруваат во архивата на членски книшки. Затоа визиите на македонските општини се сечење лента на парк од 100 м2, сечење лента на тротоар, селска чешма и одбележување хоризонтална сигнализација со албум од 30 фотографии на facebook. Какво потценување на својот народ?!
Тука дел од вината носат и постарите колеги архитекти кои не се вклучуваат во овие процеси самоиницијативно.
На темата пред минатиот изборен циклус имавме и мала анкета на оваа тема, чии резултати можете да ги погледнете во продолжение >>>
Македонското политичко друштво од секогаш овие позиции (локална власт) ги гледало единствено како средство за владеење, контрола над градежниот сектор и секако „пријателства“ со урбаната мафија, нешто како машина за делење тендери на блиски фирми. Чест на исклучоците, се разбира.
МАРХ не е политичко обоено друштво и ќе остане секогаш критичар на домашните случувања на архитектонската сцена.
Но МАРХ претставува иницијатива на млади луѓе од струката, кои двојат од своето време за општествено одговорната мисија и придонес кон колективно едукативни цели. Како такви, секако покажуваме симпатии кон слични движења и здруженија кои се борат за подобро општество вклучувајќи ја животната средина, урбанизмот и колективните навики за делење на повисоки вредности.
Впрочем ние постојано повикуваме на граѓански иницијативи и учество во носењето на одлуките и разбивање на летаргичноста. Имавме среќа изминатите години, да допринесеме со нашата мисија и да станеме база за податоци, да влијаеме врз одредени процеси и што е најзначајно да ги заинтересираме новинарските куќи и медиуми за она за кое говориме со години. Многу теми ги започнавме, но заеднички ги направивме актуелни и поблиски до пошироката јавност. Нашата мисија дава плод 🙂 и тоа не радува.
Од тука, нашата симпатија е разбирлива кон групи граѓани кои сериозно одвојуваат време за подобрување на нашето општество.
Оваа година конечно граѓанството, реши да го смени својот чекор и да им застане на патот на политичарите. Ја забележуваме коалиција – ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД која е неформална коалиција иницирана од 12 организации и активистички групи кои постојано се придружуваат.
Доколку до сега често се велеше немаме избор за кого да гласаме, оваа година нема да биде така. Покрај храброста и на помалите политички партии да се противстават на големите црно-бели крупни ѕверки, се приклучуваат и гореспоменатите активисти.
За нивните залагања, ставовите и кандидатите кои ќе се борат за советничките места можете да се информирате повеќе на нивната fb страна >>>
насловната фотографија е позајмена од изворот >>>
Автор на статија: Filip Koneski