Македониум – Ранлива икона на културната меморија: помеѓу апатијата и надежта / Арсовски
02.07.2025 • Став

Покрај вгнездената топографија на Крушево, на висорамнина каде што историјата, митот и архитектурата се преплетуваат, се наоѓа еден од најзначајните објекти на македонскиот и југословенски модернизам – Македониумот. Овој спомен-дом, проектиран од арх. Јордан и Искра Грабул, не претставува само архитектонски куриозитет, туку е силен семиотички апарат кој артикулира историска траума, еманципаторски идеали и колективна меморија. Неговата форма, органска и симболична, ја надминува функцијата на објект и прераснува во архитектонска мисла, фрагмент од еден повисок културен код.
Состојбата на објектот: деградација на материјалот, но и на вредноста
Денешната состојба на Македониумот е алармантна. Како архитект и визуелен уметник, извршив фотодокументација на објектот во неговата моментална состојба – бела површина оштетена од природни и биолошки процеси, структурни микропукнатини, и излупени фасадни површини.
Она што некогаш беше апотеоза на македонскиот дух и револуционерниот отпор, сега изгледа како артефакт оставен на милост и немилост на природата и институционалниот немар. Фасадната кожа на објектот се распаѓа, а неговата лиричност – изградена низ формите, материјалите и симболите – бледее. Овој простор, кој со својата поетика повикува на внатрешна трансформација, денес е сведоштво за стагнацијата на културната грижа.
Истражување: документарна и институционална состојба
Според податоци од повеќе извори, последната конкретна интервенција е реализирана во 2021 година, кога беше обновен индустрискиот под во внатрешноста. Во 2022 година, се буџетираат 2 милиони денари за санирање на бетонската конструкција и витражите, при што започнува проект за изработка на решенија за нивна реставрација.
Меѓутоа, на 25 декември 2023 година, Министерството за култура информира дека идејниот проект од полски стручњаци бил недоволен за практична имплементација. Во јануари 2024 година се очекуваше завршување на целосната проектна документација, по што следеше барање странска техничка поддршка и обезбедување буџет за комплетна реконструкција во текот на 2025 година.
Овие податоци ја потврдуваат двојната состојба: од една страна, постои институционално разбирање за важноста на објектот, но од друга – реализацијата на интервенциите се одвива бавно.
Архитектурата како акт на сеќавање и отпор
Македониумот не е само простор тој е архитектонски чин. Тој е културна топосфера каде што идентитетот не се изговара, туку се чувствува. Кога се распаѓа неговата структура, не се распаѓа само матерјалот, туку и културата. Преку мојата фотографска и архитектонска практика, се обидувам да го доловам токму тој момент – моментот кога културното ткиво станува ранливо, но и кога постои потенцијал за нова чувствителност кон него.
Затоа, ова е не само естетска и професионална интерпретација, туку и апел. Апел до Национално реставраторскиот центар на Македонија, до Министерството за култура, до Управа за заштита на културно наследство како и до архитектонските организации и асоцијации да не дозволат архитектонските симболи да преминуваат во археологија, затоа треба подобро да се грижиме за нив.
Во време кога општествениот фокус е дезориентиран, архитектурата треба да биде сидро на значењето. Македониумот е симбол а неговата реставрација не е само технички процес, туку е културно задолжение.
Фотодокументација и текст: миа. Кристијан Арсовски

Автор на статија: Filip Koneski
визуелена уметност / идентитет / Историја / Кристијан Арсовски / Културно наследство / Македониум / Споменик Илинден