Бит пазар под закана на погрешниот урбанизам

Извори: Скопски Пазар, Google maps, Wikipedia

Информацијата во врска со започнувањето на изградбата на новиот проект за покривањето на Бит-пазар и претворајќи го истиот во паркинг на кат е најјасната слика за тоа како се грижиме нашето културно и материјално наследство.

Локација со пошироко градско опкружување

Бит-пазар е срцето и нуклеусот на градот Скопје. Далеку од очите во што денеска го гледаме после сите трансформации на градот, Скопје започнувал од ливадата на Бит-пазар, парчето земја помеѓу двата рида на градот и неговата река, заштитено и згрижено, почетокот на Скопска чаршија. Бит-пазар е централниот плоштад на типичниот балкански град, точка околу која гравитира градот, центарот каде сè се вклопува. Вековнотo непишано правило, правило кое забранува изградба на постојани објекти на просторот на бит-пазар. Правило кое го забораваме.

Бит Пазар со блиското опкружување

Просторот на Бит-пазар е јадрото на градот каде секоја власт, сите освојувачи најпрво ја демонстрирале нивната моќ. Бит-пазар во историјата започнува да се појавува како панаѓур организиран од манастирот на  Виргинскиот Рид за да прерасне во секојдневен и постојан пазар од кои подоцна ќе се развие скопската чаршија. Главната оска на градот која води од камениот мост до Бит-пазар е најважната оска и р’бетот на Скопје.

Виргински рид – денес „Сулатан муратова џамија“ -Wikipedia

Денеска сликата за срцето на градот е сосема спротивна на онаа која некогаш била. Денеска Скопје и неговиот центар се далеку на другата страна на реката Вардар. Серава, реката вдолж која Скопје е создадено е канализирана длабоко под земјата, а ливадата и нејзините два рида се преземени од домантни урбанистички форми. Султан-муратовата џамија и нејзината саат кула на Виргинскиот Рид, единствената џамија во Скопје изградена од султан, е изгубена во ѕидот од згради залепени на нејзината граница. Калето е одсечено и изолирано и последниот планиран затворањето на вековниот отворен бит – пазар и неговото претварање во паркинг.

Саат кула и Виргинскиот рид – поглед од  опкружувањето на Бит Пазар ( крај на XIX и почетокот на XX век)

Можеби овој потег е последниот во низата на заборавот и уништувањето на јадрото на Скопје. Можеби историјата ни покажува дека човекот секогаш уништува тоа што не знае.

Можеби значењето на просторот на бит-пазар за Скопје е важен дел за започнувањето на сеќавањето и враќањето на градот. Без постоењето на глобална визија за иднината на нашиот град без разлика на нашите напори тој град ќе ичезне. Град кој не се сеќава на неговата историја е град кој не постои. Двата рида на Скопје, ливадата нејзиниот плоштад и неговата чаршија денеска се раздвоени поделени и заборавени. Султан – муратовата џамија тоне во заборав и модерниот дискус за развојот на  Скопје воопшто не го ни замислува повторното поврзување на градот.  Поделени помеѓу огромните булевари и автомобили, граѓаните на Скопје го забораваат својот град.

3D визуелизација на проектот на Скопски Пазар

Бит-пазар е Скопје, а иднината на Скопје треба да не засега сите нас. Реализирањто на овој проект води само кон темна и несигурна иднина, на граѓани кои не го познаваат сопствениот град и можеби чекор кон неповратна промена на постоењето на градот.  Поставувањето на постојан затворен пазар кој има перманентни влезови го уништува целиот концепт за што треба да е еден простор како бит-пазар. Јадрото на функционирање на истиот е во неговата флуидност и неформалност. Секој обид за воспоставување на ред во истото ќе доведе до неред и конфузија. Предложениот проект ја прекинува вековната интеракција на чаршијата и градот со нивниот центар, а тој центар во Скопје е бит-пазар.

3D визуелизација на проектот на Скопски Пазар

Секако не треба да сме слепи на потребите кои треба да се задоволоат во функционирањето на еден пазар во 21виот век, условите во кои треба да работат неговите тезгаџии. Решение за бот-пазар е повеќе од потребен. Денешните услови во кои функционира пазарот се неадекватни за важноста кој тој ја има. Решението кое  е понудено од Скопски – пазар (СП) со создавање на затворен трговски и деловен простор и поставувањето на паркинг над пазарот секако е погрешното сценарио. Одговорот може да го бараме во целосна анализа на ниво на Град Скопје и особено Музеј на град Скопје во систематски пристап за решавањето на цел простор околу најважното културно добро на градот – скопската чаршија.