Античка гробница од македонски тип – Охрид

Година / Период:  крај на IV или почеток на III век п.н.е

Локација:  локалитет „Караѓулевци“ во непосредна близина на Античкиот театар

Извор: Завод и музеј Охрид

 

Малку познато за пошироката македонска јавност е постоењето на античката гробница од македонски тип во Охрид. Истата е лоцирана на локалитетот Караѓулевци, веднаш до античкиот театар.  Архитектонски е дефинирана со дромос (ходник), предкомора и комора каде биле положени останките на починатиот.  Просториите се засводени, додека внатрешноста е декорирана со имитација на мермер во долната парапетна зона  и помпејска црвена во средната зона.

 

 

Во Македонија од тоа што е истражено на терен до сега,  не постојат многу објекти од антиката во целост сочувани   – особено во делот на покривањето, па од тој аспект  гробницата представува редок пример.  За тоа придонела вкопаноста, неизложеноста на надворешните атмосферски влијанија и со тоа изолирање од можни разрушувања од воени дејствија.

 

 

 

Оваа година Завод и музеј од Охрид одлучи да превземе активности со цел нејзино промовирање. На 15ти октомври, во музејот Куќата на Робевци,  изложи 3Д макетата на античката гробница. Макетата е изработена на 3Д печатач од страна на Кирил Денковски, а за ликовното обликување е заслужен Диме Солаковски.

 

 

На самата локација од гробницата е поставена информативна табла за посетителите, а во рамките на овој проект е изработена и виртуелна реконструкција на гробницата која е достапна на следниот линк:

 

 

Кратко „time lapse“ видео од теренските активности во гробницата е достапен на следниот линк:

 

Проектот е финансиран преку Годишната програма на Министерството за култура за 2021 година, а успешната реализација се должи на одличната соработка на НУ Завод и Музеј – Охрид со Здружението Регионален зелен центар – Охрид.  Во оваа прилика, Заводот упатува голема благодарност до стручниот тим кој го реализираше проектот: Бојан Танески, Борис Матески, Дарко Ангелковски, Кирил Денковски, Раде Атанасов-Б’ше, Мартин Гоџоски, Ана Бојаџиева, Христијан Петровски и до раководителот на проектот – Иван Малезан.