Манастир „Св. Богородица Пречиста“
21.02.2022 • VI-XV век
Извори:
Концепт за култура Скопје – Св. Богородица Пречиста
Wikipedia – Кичевски манастир
Kicevo.mk
Zelenaberza.com.mk
dke.org.mk
Кичевски манастир (познат и како Манастир „Св. Богородица – Пречиста“ или Крнински манастир) е средновековен манастир во областа на градот Кичево. Сместен e на планината Цоцан, на десетина километри југоисточно од градот Кичево, на надморска височина од 920 м. Иако манастирот се нарекува Кичевски, тој сепак се наоѓа во атарот на село Манастирско Доленци. Само петстотини метри под денешниот манастир, некогаш се издигал Крнинскиот манастир, кој заедно со манастирот Свети Ѓорѓија во село Кнежино, биле центри на ширењето на христијанската мисла во овој дел од Македонија.
Манастирот е расположен е на мало плато од каде што како на дланка се има Кичевијата и планинските венци што ја одвојуваат оваа котлина од соседните подрачја. Од натпис на конхата на апсидата се сознава дека манастирската црква му била посветена на празникот Свето Благовештение. Тоа се потврдува и од композицијата Благовести над западната влезна врата, како и од престолната икона што се наоѓа на местото што е резервирано за патронот на храмот.
Манастирската црква „Воведение на Пресвета Богородица – Пречиста“ е од типот на големи соборни цркви и е една од најголемите во Македонија. Во основа има базиликално решение, со висока купола и осмостран тамбур. Ѕидовите се од камен варовник и камен-бигор.
Од надворешната страна камењата се делкани – редени во хоризонтални редови во вид на квадрати, завршувајќи со богато профилирани венци. По својата убавина посебно се истакнува источната фасада на црквата, од каде е главниот влез – капијата. Внатрешно ѕидовите се ојакнати со пиластри што меѓусебно се поврзани со полукружни лаци над кои се издига куполата, па се постигнува единствен простор во наосот.
Од јужната страна на црквата Света Пречиста и е прилепена мала црква посветена на свети Никола, позната како “зимска црква”. Иако се наоѓа во истиот комплекс, за многумина таа останува непозната, зашто величината на црквата посветена на Света Богородица во целост ја засенува.
Од старите околни објекти останат е само стариот конак изграден во почетокот на XIX век. На него се извршени конзерваторско-реставраторски интервенции во 1986 година. Целосно се сочувани неговите архитектонско-естетски и историски вредности. Архитект на сите новопроектирани конаци е дипломираниот инжинер архитект Тодор Паскали од Охрид.
Кога се влегува во црквата од западната или од јужната влезна врата, веднаш паѓа в очи импозантниот иконостас. Тој бил направен за време на игуменот Стефан во 1864 година. Архитектонската конструкција на иконостасот ја изработил мајсторот Дојчин Зулфа, декоративните работи се на неговиот син Добре (од село Лазарополе), а иконографијата, главно, е на познатиот зограф Димитар Крстев – Дичо Зограф (1819 – 1872) од селото Тресонче.
Со сликањето на иконостасот Дичо Зограф почнал во 1853 година, по завршувањето на фрескописот во олтарот (1852). Од претходниот, стариот, иконостас единствено е зачувана престолната икона Богородица Одигитрија од зографот Анастас Христов.
Фрескописот во наосот и на куполата е изработен триесетина години по живописувањето на олтарот. Кој е авторот не е регистрирано, но во историјата на уметноста, врз основа на споредби со живописи во други храмови на коишто е регистриран зографот, со голема сигурност, се посочува синот на Дичо Зограф, Аврам Дичов.
Подот е со камени и мермерни плочи. На средината од наосот е компонирано осумзразно сонце со диск од мермерни плочи. Осумаголникот концентрично се шири во наосот преку наизменично менување на камени и мермерни редови на плочи.
Најважно иконографско дело во Света Пречиста е чудотворната икона. Од една страна на неа е Исус Христос, а од другата страна е Богородица во прегратка со Христоса. Иконата во 1865 година ја ретуширал зографот Дичо Зограф, кој успеал целосно да ги сочува стилот и бојата. Во 2006 година чудотворната икона повторно е конзервирана. Се наоѓа на западната страна од наосот, во нејзиниот северен дел, во притворот, поставена на бигорен камен над изворот.
Автор на статија: Љубен Трајаноски
Кичево / Кичевски манастир / Манастир / Св. Богородица / Црква