Помеѓу мит и утопија: архитектура како инфраструктура“

Во четврток, на 13-ти јуни од 12:00 часот, Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, ќе биде домаќин на јавната изложба на завршните трудови на Летната архитектонска школа на Архитектонскиот факултет во Сиракјуз, САД, раководена од професор Митеш Диксит и Тамара Маровиќ насловена „Помеѓу мит и утопија: архитектура како инфраструктура“.

Посетувајќи пет држави, шест острови, петнаесет градови и дваесет приморски одморалишта, студентите ја истражуваа архитектурата во форма на инфраструктура во поранешна Југославија. Студиите на случај вклучуваат приморски одморалишта долж Јадранското приморје, населбата Нов Белград и Планот на Кензо Танге за Скопје. Применувајќи форензика, анализа, новинарство и физичко документирање, студентите развија методологија за одвојување и истражување на елементите кои ги дефинираат материјалните и нематеријалните слоеви на изградената средина. Заедничката работа е организирана во единствен документ: „Помеѓу мит и утопија: Перспективен Атлас на Балканот“.



Истиот ден, во 13:30 часот во салата за состаноци на Архитектонскиот факултет ќе се одржи дискусија на тркалезна маса со Продеканот на Архитектонскиот факултет во Сиракјуз, САД – професорката Јулија Чернијак, и Деканот на Архитектонскиот факултет во Скопје Професор Огнен Марина. Модератор на дискусијата ќе биде професор Митеш Диксит.

Автор на статија: