Меѓународна трибина за архитектура и градителство /Радовиш – Смиљанци   

Октомври 2025

Од 30 септември до 3 октомври во Радовиш се одржа  ,,Меѓународна трибина посветена на современата  архитектура и градителство”. На трибината којашто траеше 4 дена со свои излагања учествуваа 18 учесници, универзитетски професори, урбанисти, архитекти од пракса, археолози, историчари на уметност и зографи од  4 соседни  држави кој што во различни сесии  го презентираа своето специјалистичко искуство од различни области во контекст на главниот обединувачки стожер, КУЛТУРНОТО НАСЛЕДСТВО. Ако архитектуарата како креативна активност создава нови дела, нови творби и нови градби, не треба да го занемари фактот за веќе постоечките архитектонски вредности, како поединечни објекти  и целини кој што припаѓаат на културното наследство. Во овој контескт и во презентациите и во дискусиите беше истакната потребата  од создавање посебна култура на градење, која што ке се прилагоди на архитектонското и урбанистичкото значење на просторот заштитен како културно наследство. На тој начин новите објекти ќе го заштитат идентитетот со постојното културно наследство, наспроти воспоставената пракса меѓусебно да си конкурираат.

 

 

Добар илустративен пример на ваква култура на градење беше презентиран во излагањето посветено на градот Љубљана.

Преку темата ,,Реурбанизација на градовите Љубљана 2025,” со аналитички приод беше истакната позитивната словенечка практика во третманот на урбаниот простор и заштитените објекти, наспроти драматичните случувања во македонските градови како лоши примери.

Во овој контекст еден од учесниците се надоврза на белгискиот пример за сензибилизација на инвеститорот преку враќање на природата во контекст на архитектурата и урбанизмот, со елементарната грижа  на сите субјекти во креирањетот на урбаниот простор по принципот, „За да добиеш треба да дадеш“. (Град – урбанист – инвеститор). Поради својот егзистенцијален опстанок, човекот мора да отстапи простор за да добие кислород.

 

 

Наспроти позитивните примери од европските држави, нам ни се случува “Гранд Хотел, Скопје” со облакодери коишто се градат без почитување на постоечкото културно наследство во таканареченото “НОВО МААЛО”, со објекти коишто се изградени кон крајот на 19 и почетокот на 20 век. Гранд Хотел, но и многу други локалитети се илуистративни  примери на агресивно делување во просторот од аспект на екологија, аерација и заштита на културната историја на градот и нашата колективна меморија.

Трибината концептуално имаше едукативен карактер, но истовремено упати и друг поглед  по однос на  прашањата поврзани со заштитата на културното наследство, особено во делот на постојната законска регулатива која што во подолг временски период испостави полемични резултати  врз археолошките локалитети и општо врз целокупното културното историско наследство.

 

 

Во овој контекст беше истакната и потребата од донесување на нов, ефикасен закон за заштита на културното наследство и промена на пристапот на институциите.

Преку предавањата за средновековните градителски системи се дополни сликата за перманентното губење на културното наследство кое во изминатите децении стана жртва на неконтролираната урбанизација и лоша институционална заштита. На тој начин огромен фонд на автентични вредности се трајно уништени, некои повеке ги нема на теренот а други се лоши копии.

 

 

Во специјалистичките предавања посветени на средновековните градителски системи беше истакната потребата од реституција на градителските системи на византиските цркви како единствен можност да се сочуваат надалеку познатите  антологиски дела на светската византиска уметност на територијата на денешна Македонија.

Преку традиционалните техники во профаната архитектура, но и носталгијата кон архитектонските програми од различни историски периоди и слоеви во стариот век, како идентитетски и цивилизациски темел на сите народи на Балканот, се сложивме дека тие  се  делумно апсолвирани во високообразовните институции на балканските универзитети што доведува до постепено изумирање на старите градителски техники.

 

 

Истовремено  повторно се отвори прашањето за  штетност (оправданоста) од примената на бетони, железо, челик и други индустриски материјали во конзерваторската пракса и процедурите за заштитата на културното наследство.

Предавањета за односот помеѓу човекот, куќата и дрвото го нагласи значењето на дрвото, не како квантитет, туку како конституција и меморија која што мора да се забележува, да се заштитува и да добие свое место.

Преку презентацијата на проекти, витражни техники и уметнички фотографии од страна на архитекти како автори, имавме можност да го видиме широкото поле за делување на професијата архитект.

 

 

Имавме голем чест, преку практични примери и реализации да го видиме децениското искуството на нашите колеги од Бугарија и Србија во заштитата на културното наследство преку организирани работилници, школи и други облици на едукација за пренесување на искуството од старите градителски техники.

На крајот, пред форумот експлицитно беше укажано дека со предлог измените во “Законот за локална самоуправа”, во собраниска процедура, не е земен во предвид  предлогот на пошироката архитектонска јавност заедно со 4-те  институции (АФ УКИМ, ААМ, КОМОРА ОАИ И УАКС – СКОПЈЕ), за враќање на функцијата, главен архитект на градот, кој што е подготвен од архитектонската стручна јавност, врз основа  на реалените потреби на македонските градови, кој што со својот урбан развој се движат забрзано во надолна линија.

 

 

Центарот за културно наследство од Радовиш, како асоцијација на граѓани упатува јавна благодарност до сите учесници на форумот, кој што придонесоа да се воспостави нов дијалог на македонската архитектонска сцена помеѓу различни професии и личности.

 

Со особена почит,

Георги А. Кочев, диа                                                                  ЦКН – Радовиш