Михо Чакеља / 1909-1977
11.12.2023 • Автори
Извори: Градителите во Македонија XVIII-XX век - Георги Kонстантиновски
Кратка биографија и достигнувања релевантни за развојот и афирмацијата на архитектурата и урбанистичкото планирање на Михо Чакеља
Михо Чакеља ( 09.01.1909, Хрватска – 12.04.1977, Скопје) дипломирал на Техничкиот факултет, Архитектонски отсек во Белград во 1933 година.
По дипломирањето се вработил во Музејот на град Скопје како службеник-приправник, а во 1938 година се здобил со звање кустос при истиот музеј.
Од 1941 до 1945 година работел како хонорарен архитект во Скопската општина. По ослободувањето на земјата работел во Архитектонското одделение при Министерството за градежништво заедно со Сотир Томовски, Иван Артемушкин и Јан Дубови, а потоа бил поставен за референт на Народниот одбор на Скопје. Од 1946 година работел како проектант во новоформираното проектантско биро на НР Македонија „Пробиро“. Во наредните три години бил на чело на урбанистичкото биро при Министерството за комунални работи на НРМ. Во 1951 година, како главен уметнички соработник, работел во издавачките претпријатија „Кочо Рацин“ и „Детска Радост“. Во 1952 година бил избран за доцент на Архитектонскиот отсек при Техничкиот факултет во Скопје на предметот Внатрешна архитектура. Во почетниот период раководел и со предметот Елементи на проектирањето. Работниот стаж го завршил како редовен професор во 1977 година.
Се јавува како архитект со широк спектар на творештвото. Работел на полето на архитектонското и урбанистичкото проектирање, учествувал на бројни анонимни архитектонски конкурси самостојно и во соработка, издавал научни трудови и публикации, се занимавал со графичка уметност. Бил консултант при изработка на регулационите планови на Скопје, Охрид, Прилеп, Битола и др.
Се занимавал со ентериерни решенија од кои посебно се издвојува решението за просториите на Ректоратот при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје. Изведувал пропагандни изложби, изработувал идејни проекти за споменици, се занимавал со графички дизајн при што изработил поголем број на плакати, цртежи за банкноти, поштенски марки, рекламни цртежи, карикатури и обликувал книги, списанија и весници. Учествувал на 22 анонимни архитектонски конкурси на кои освоил 3 први награди.
За своето творештво добил бројни признанија.
Негови позначајни реализирани проекти се:
- Станбените блокови (П+4) на кејот на реката Вардар, во населбата „Пролет“ и на улицата „Иво Рибар-Лола“ во Скопје (1948/49);
Фото: Google street view
- Печатницата „Гоце Делчев“ во Скопје;
- Гимназијата во Куманово;
Фото: Dandarmkd / Wikipedia
- Зградата на Вакувската дирекција во Скопје;
- Електродистрибуцијата (П+3) на ул. „Ленинова“ во Скопје.
Се јавува како проектант на архитектонскиот дел на термо и хидроелектраните во Македонија, како што се:
- Термоелектраната во Маџари, Скопје;
- Хидроелектраните во Вруток, Врбен, Селце (Тетово), Злетово I, Злетово II, Глобочица, Шпилје, Витачево и Врапчиште.
Од областа на урбанистичкото проектирање позначајни дела му се:
- Директивната скица за оската север-југ од централната зона на Скопје;
- Урбанистичкото решение на културноспортскиот центар „Сарај“ во Скопје (1949);
- Директивниот план за уредувањето на Гостивар;
- Работничката населба на рудникот Злетово, Злетово;
- Нов станбен кварт на Велес.
Автор на статија: Martina Shteriova
Биографија / градителите во македонија / Македонски архитекти / Михо Чакеља