Награда „13 Ноември“ на Град Скопје за проф. д-р Огнен Марина од областа на публицистика за делото „The Skopje Project“

Награда „13 Ноември“ на Град Скопје за проф. д-р Огнен Марина од областа на публицистика за делото „The Skopje Project“ кое ја истражува обновата на Скопје после катастрофалниот земјотрес во 1963 година и проектот за обнова на градот.

Наградата „13 Ноември“, која се доделува во чест на денот на ослободувањето на Скопје, претставува признание за важноста на научното истражување, критичкото промислување и јавната дебата за минатото, сегашноста и иднината на нашиот град. Но, уште повеќе, таа е поттик да веруваме дека на Скопје му претстои едно ново, симболично „ослободување“ – ослободување преку културата, креативноста, знаењето, творештвото и одржливиот урбан развој, кои можат да го направат Скопје подобар, поотворен и похуман град. Верувам дека токму таквата трансформација мораме да ја започнеме и да ја доживееме во годините што следуваат.

Книгата „The Skopje Project“ започна да се создава уште во 2023 година, најпрвин со меѓународната конференција на која, шеесет години по катастрофалниот земјотрес, Скопје повторно стана место на средба и дебата на истакнати светски архитекти, урбанисти и истражувачи. Од оваа средба произлезе книгата „The Skopje Project“, која и самата прерасна во своевиден архитектонски и истражувачки проект. Нашиот мотив беше повторно да го актуелизираме исклучителното значење што проектот за обнова и реконструкција на Скопје во шеесеттите години на минатиот век го имаше за развојот на светската архитектура и урбанизам, а кое со текот на времето остана недоволно истражено и вреднувано. Со оваа книга настојуваме не само да го вратиме ова уникатно искуство во современиот меѓународен архитектонски дискурс, туку и да отвориме простор за критичко преиспитување на идеите, процесите и вредностите што го обликувале современо Скопје. Нејзината реализација беше овозможена благодарение на креативната енергија и посветеноста на бројни соработници – меѓународни и домашни архитекти, истражувачи, автори, дизајнери и издавачи – кои ја препознаа важноста на оваа заедничка идеја.

 

 

„Како архитект и професор на Архитектонскиот факултет при УКИМ, градот Скопје отсекогаш бил во фокусот на моите истражувања и проекти. Но, како граѓанин на Скопје, градот е неразделен дел и од моето лично и професионално созревање. Затоа, Наградата „13 Ноември“ ја доживувам не само како признание за мојата научна и професионална работа, туку и како потврда на длабоката лична поврзаност со градот кој суштински го обликувал мојот живот и творештво.“

Извор >>> facebook