УМНО.МК пренесува: Науката потврди од какви дрва е изградена праисториската населба кај Градиште во Охридско Езеро

Линк до оригиналната објава: Умно.мк
Насловна фотографија: Wikipedia

 

Денес ви пренесуваме објава за истражување кое сметаме дека е од важност за нашето национално градителско наследство. Станува збор за уникатен пример на истражување на археолошко наоѓалиште со помош на стручни методи од дендрохронологијата, каде резултатот ни дава увид во видот на дрвените столбови на наколните живеалишта кај Градиште. Во продолжение мал дел од објавата која топло ви ја препорачуваме детално да ја прочитате:

 

„Луѓето што живееле кај Градиште кај Охридското Езеро пред 6384 односно 6369 години користеле даб, бор и фоја, помалку црн и бел габер и јасен во изградбата на наколната населба во која живееле. Точните години со 95 отсто гаранција ги потврдија дендрохронолошките анализи на дрвените колци од подводните истражувања на локалитетот Плоча – Мичов Град кај Градиште во чија близина денес се наоѓа Музејот на вода. Подводните ископувања беа спроведени во 2018 и 2019 година, но било потребно доста време да се обработи материјалот кој е публикуван во sciencedirect.com.“

 

А: Поглед од дрон на реконструираната наколна населба „Музеј на вода”, изградена на локалитетот Плоча – Мичов Град , во подножјето на Галичица, 2018 г..; В: Подводни истражувања во 2019 – земање на примерок од колец од фоја (сега датиран во 45-ти век п.н.е.); С: Припрема со бансек на примерок од бор (сега датиран во 15-ти век п.н.е.).(А: Ѓ. Милевски, Центар за истражување на предисторијата; В: А. Улиш; С: Марко Хоштетлер; обработка: А. Бири, Универзитет во Берн)

 

„Ова е прв пат кај нас да се користи дендрохронологија за датирање на праисториски локалитет – вели Андреј Мачковски, докторант по археологија и дендрохронологија на Универзитетот во Берн, еден од коавторите и еден од двајцата автори-дописници на научниот труд објавен во стручното списание Dendrochonologia.
Трудот е во коавторство со 11 научници, а од Македонија се вклучени и археолозите Гоце Наумов, Бојан Танески и Валентина Тодороска.“

„Новите истражувања утврдија најмалку 5 фази на живот на локалитетот, во 5. милениум пред нашата ера и во текот на 2. милениум п.н.е. Најзастапени видови дрва употребувани за градба на праисториската населба се дабот (Quercus sp.), борот (Pinus sp., cf nigra), фојата (Juniperus excelsa/foetedissima), а во помал број црниот и бел габер (Ostrya carpinifolia/Carpinus sp.), и јасен (Fraxinus sp.) – вели Мачковски.“