Од Тирана кон Скопје
15.05.2025 • Од регионот Став

Пред неколку недели имавме можност да ја посетиме Тирана и од близу да видиме што се случува во овој град кој ја сврти светската архитектонска елита кон себе.
На прв поглед Тирана претставува сеуште хаотично место, со слаба инфраструктура, со убедливо една од најлошите сообраќајни култури и град без некое позначајно живо архитектонско културно наследство, но градот интензивно се менува и тоа е она кое говори за имањето визија за себе.
Станбена архитектура
Има неколку постари остварувања кои се препознатливи и им е дадено значајно место како што е централната џамија, саат кулата, старото утврдување. Потоа следат објектите од периодот на независноста пред стотина години, кои имаат архитектонско урбанистичка промисленост со очигледно италијанско влијание и објектите од периодот на комунистичкиот режим.
Историски објекти во Тирана
Сеуште живуркаат и некои објекти од отоманскиот период, по некоја симпатична куќа во традиционален стил, но се останато делува повеќе распаднато и без посебна вредност.
За разлика од Тирана, Скопје има многу големо и видливо архитеконско и културно наследство, неспоредлива инфраструктура, но нема план за сегашноста и движењето кон иднината, што е основната поента на оваа објава.
Православната катедрална црква во Тирана
Со јасна цел пред веќе дваесетина години, почнуваат големите промени во Тирана, во периодот кога денешниот премиер на Албанија, беше градоначалник на градот. Централното градско подрачје се реобликува со дела на светските архитектонски имиња, иконичен дизајн и облакодери.
Многумина шпекулираат дека градот станува полека Дубаи на балканот, што не е далеку од вистината во поглед на инвестиции но, она што го добива Тирана има поинаква архитектонска вредност, забележана од сите светски медиуми од полето на архитектурата.
Новите облакодери во градот
Националната преродба ( видена низ призмата на урбанизмот и архитектурата) со јасна визија за тоа како треба да се движиме кон иднината е показател на научена лекција, што Скопје скапо ја плати, прокоцкувајќи ја шансата да биде најпрогресивен град на Балканот.
Трандсформацијата на Мавзолејхот на Енвер Хоџа, дело на MVRDV
Што добивме ние од Скопје 2014та, а што добива Тирана од нивниот тековен развој? И таму се размислува за националното богатство и културно наследство и како тоа да се преточи во тековен дизајн и идентитет, но не гледаме квази барок, стотици скулптури без посебна уметничка вредност, ниту уништување на постоечката вредност на она кое е историско наследство.
Инспирацијата за дузина објекти е поврзано со локални мотиви и личности. На пример имате облакодер кој е инспириран од силуетата на портретот на Скендербег, имате облакодер инспириран од албанските планини, или партерно уредување инспирирано од патерните на традиционалните везови. Се насетува потребата од спектакуларизам но далеку подостоен на своето време и технолошкиот напредок, нема катастрофални урбанистички решенија, ниту имитација на стилови. Се внесуваат доволно асоцијации, но без претераното наивно читање.
Тирана во жители веќе се доближува, можеби и го надминува Скопје, но е подготвена за предизвиците. Веќе интервенциите се излезени од централното градско подрачје, формирајќи нови зони и локални центри. Позитивно метастазирање. Граѓаните го препознаваат овој тренд, додека инвеститорите се во натпревар со светските архитектонски текови нештедејќи средства нешто да се подари на градот и да се учествува во создавањето на современиот идентитет.
Зелениот пазар и деловен објект на периферијата на градот
Тирана има повеќе вештачки езера кои ја збогатуваат атмосферата, Тирана има и планина до која може да пристигнете со жичара која чини 14 евра повратен билет, Тирана има море на 40тина километри. Тирана знае што сака и во кој правец сака да се движи. Ресторани со одлична храна, места за забава, кафетерии и паркови полни со луѓе.
На едно од вештачките езера во градот каде допира главниот парк
Што правиме ние? Ние го загрозивме милениумското културно наследство, ги скривме од погледи средновековните белези (скопската тврдина, саат кулата), ја нападнавме чаршијата одвнатре, ги деградиравме објектите од модерната и еклектиката, ги рефасадиравме делата на првата генерација македонски архитекти по втората светска војна, не научивме да правиме отворени и транспарентни конкурси, не дај Боже да ги реализираме, работиме визија за градот зад затворени врати, имаме узурпација на градската управа со самобендисани власти скарани со сите и 4 годишно градско скапување во ѓубре, не грижа и суетно инаетење. Една управа против сите, една управа пред се против своите граѓани.
Новите височини во Тирана
Таму новите табли на градилиштата ветуваат архитектонско-инженерски предизвици и визија, додека Скопје го троши земјиштето на населби како онаа во фабриката Треска, дозволува инвеститорите да рушат делови од Старата Железничка Станица и Музејот на Град Скопје, го раситнува амбиентетот на Дебар Маало, создава тажни урбанистички планови за Маџар маало, дозволи рушење на Скопскиот саем и така до бескрај.
Додека Скопје прета 4 години, Тирана високо се издигнува.

Автор на статија: Filip Koneski