Откривањето на заборавениот туризам: Архитектурата на хотели и одморалишта во Социјалистичка Македонија / Лековска

Автор: Ангела Лековска

Предмет: Магистерски труд

Наслов: Откривањето на заборавениот туризам: Архитектурата на хотели и одморалишта во Социјалистичка Македонија

Универзитет: Политехнико Милано

Година: 2022/2023

Ментор: Лука Сканси

 

Модернистичката архитектура од времето на Југославија, има цела засебна гранка на објекти наменети за туризам, кои го материјализираат специфичниот концепт на „одмор“ во оваа социјалистичка држава. Во прилог е магистерскиот труд на Лековска кој ги истражува хотелите и одморалштата изградени во периодот на СР Македонија.

Преку теоретска анализа и студии на низа примери, авторот го презентира временскиот контекст, главните архитектонски карактеристики и моменталната состојба на овие донекаде заборавени градби.

Истражувањето, насловено “Откривањето на заборавениот туризам: Архитектурата на хотели и одморалишта во Социјалистичка Македонија” го следи туристичкото планирање и архитектонскиот развој во Македонија за време на социјалистичкиот период. Обемната тематика е обработена низ неколку аспекти, почнувајќи од историска, социјална и политичка анализа на Југославија во нејзините почетоци, како земја со уникатна политичка структура која коегзистирала помеѓу комунистичкиот Исток и капиталистичкиот Запад.

 

 

 

 

 

 

Оваа стратешка „помеѓу“ позиција била целосно прифатена по одвојувањето од Советскиот Сојуз во 1948 година, клучен момент кој го поттикнал отварањето на југословенските граници и воведот на меѓународниот туризам. Туризмот бил брзо препознаен, не само како катализатор за модернизација, туку и како мост кон западниот свет. Меѓутоа, во почетниот период на туристичкиот развој посебен акцент бил ставен на домашниот туризам како важна алатка во создавањето на новото југословенско општество. Еден од неговите основачки столбови бил системот на „социјален туризам“, претставен преку широка мрежа на работнички и детски одморалишта. Бројот на домашни туристи растел паралелно со зголемувањето на бројот на нови туристички локалитети, па така вниманието полека почнало да се пренасочува кон развојот на меѓународниот туризам, заменувајќи ги скромните туристички структури со масивни хотелски агломерации.

 

 

Анализа на туристичкиот развој на Јадранскиот брег

 

 

 

Како релативно нов сектор чии потенцијални опасности за животната средина биле препознаени, контролираниот развој на туризмот бил од огромна важност за зачувувањето на обемното културно и природно наследство. Па така бил формиран југословенски модел за туристички развој, заснован на интегрирано регионално планирање, вклучувајќи повеќе хиерархиски пристапи, меѓу кои националниот, регионалниот и архитектонскиот размер. Како заклучок за првото поглавје кое дава поширока слика за туристичкиот развој во Југославија, анализирани се најкарактеристичните типологии кои се развиле за време на експерименталниот период на туристичкиот развој на Јадранскиот брег, кои ги следат стилските правила развиени во Западна Европа, преку употреба на прецизни, рационални форми, како и различната топографија, која предизвикала формирање на структурален принцип на фрагментација на целосниот габарит во неколку ќелии, кои биле мултиплицирани за да создадат комплексни форми следејќи го стрмниот терен. Како комбинација помеѓу функционалниот пристап на модернистичките хотели од 1950те и формалната артикулација на мега-структурите од 1960те, во подемот на туристичкиот развој, односно во почетоците на 1970те години, овие два принципи биле разгледувани паралелно, предизвикувајќи пост-модерни тенденции преку модернистички интерпретации на традиционални, регионални елементи, инспирирани од Медитеранското културно наследство.

 

 

 

 

Каталог на туристички активности во Социјалистичка Македонија

 

 

 

Следејќи ја анализата на најзначајните туристички активности во Југославија, истражувањето потоа влегува во поблизок размер додека го следи развојот на туризмот во едно поразлично опкружување, односно во претежно земјоделски регион кој нема пристап на море. За разлика од туристичкиот развој на Јадранското крајбрежје, туризмот во Македонија почнал да се развива многу подоцна, почнувајќи со бавен и скромен развој, главно претставен преку објекти наменети за домашни посетители, како работничките и детските одморалишта.

Првиот официјален туристички објект изграден во социјалистичка Македонија било одморалиштето во Отешево на Преспанското Езеро, кое претставувало ран типичен пример павилјонската типологија. Одморалиштето, дизајнирано од хрватските архитекти Антон Улрих и Драгица Перак, вклучувало неколку павилјони за сместување поставени во близина на централната колективна зграда, и вила со неколку апартмани, поставена на стрмна карпа. Изградено во 1948 година, 2 години по воведувањето на 2-неделниот платен одмор, ова одморалиште претставувало вистинска почетна точка на развојот на туристичка активност, не само на Преспанското Езеро, туку и на сите езерски брегови низ Македонија. Неколку години подоцна, на Охридското Езеро биле изградени значајни хотели кои ги отелотворуваа чистите модернистички принципи: Хотел Палас, дизајниран од Едо Михевц, изграден во 1955 година и хотел Црвена Застава, дизајниран од Пантелеј Митков, изграден во 1956 година.

 

 

 

 

 

Анализа на одморалиштето во Отешево

 

 

 

Покрај овие рани примери на македонски туристички структури, поинтензивна туристичка активност може да се забележи по креирањето на просторниот регионален план од 1972 година за регионот на Охридското и Преспанското Езеро. Тука можат да се забележат големи сличности со развојните планови на Јадранскиот брег, особено преку ослободувањето на целосното крајбрежје, чувајќи 100 метри недопрен брег, кој бил за јавно користење, како и одделувањето на хотелските комплекси, зачувувајќи ја природата помеѓу нив дива и недопрена. Меѓутоа, главна особина која ја дефинирала туристичката архитектонска дејност во Македонија, била потрагата по архитектонски идентитет. Голем број македонски архитекти биле импресионирани од напорите за архитектонско себепрепознавање, што се одразува и во архитектурата на туристичките локалитети. Во повеќето случаи, традиционалните мотиви се доста влијателни во архитектонската форма, изразени на апстрактен начин како во случајот на Хотел Метропол, или буквално преку постмодернистичко мултиплицирање на регионални карактеристични елементи, како што може да се забележи во Хотел Десарет и Хотел Бисер.

 

 

 

Анализа на Хотел Метропол во Охрид 

 

 

Анализа на Хотел Дрим во Струга 

 

 

 

Освен развојот на туристичките градби покрај езерата, истражувањето ја следи и разновидноста на хотелската архитектура која се појавува и во планинските предели, каде често архитектонската форма била целосно интегрирана во планинските ридови, што може да се забележи во некои доцни примери на социјалистичка архитектура – Хотел Макпетрол во Маврово, изграден во 1980 г. и Детското одморалиште во Пелистер, изградено во 1985 година. Како завршен аргумент за развојот на социјалистичката туристичка дејност во Македонија, каталогот на туристичките објекти што се откриени до овој момент служи како момент на рефлексија и разбирање на опсегот на оваа истражувачка тема, преку која голем број на овие заборавени структури се откриени, меѓутоа уште многу сѐ уште чекаат да бидат пронајдени.

 

 

 

Трудот вклучува три детални студии на Хотел Палас во Охрид, Детското одморалиште на Пелистер и Хотел Европа во Отешево 

 

 

 

Каталогот формира премин од минатото во сегашноста, како што истражувањето навлегува во третото и последно поглавје, каде што се анализирани три објекти во поголем деталност, од кои секој претставува различен пристап во однос на стилскиот јазик, типолошката референца, манипулацијата со теренот, опкружувањето, како и различни нивоа на занемарување и напуштеност.

 

 

 

 

 

Целиот магистерски труд е достапен на следниот линк.