Нов отворен пазар за град Струмица / Клековска, Стојковска

Наслов: Нов отворен пазар за град Струмица и југоисточен регион на Република Македонија

Студенти/автори : Елена Клековска,Тијана Стојковска

Архитектонско студио 7/2 – Архитектонски факултет, Скопје

Предметен професор:  Проф. Д-р Михајло Зиноски

Локација: Струмица

Година: 2018/2019

ЛОКАЦИЈА:

Локацијата на објектот се наоѓа во градот Струмица,во непосредна близина на централното градско подрачје.Земјиштето за градење е дел од некогашната воена касарна која со години не е во употреба и целото подрачје во последно време е предмет на пренамена и реурбанизација.Како сегмент од претходната намена,на локацијата постојат три хангари кои решивме да ги отстраниме за да генерираме поинакви волумени кои со меѓусебната поставеност ќе се надоврзат на урбаното ткиво и на постоечките и новопредвидени улици.

КОНЦЕПТ:

Целта беше да се создаде пазар кој нема да биде типичен трговски објект,туку простор за социјализација кој освен основната намена нуди и други јавни и комерцијални услуги.Сите предвидени дејности ги сместивме во поединечни волумени.Нив ги обединивме околу една пешачка улица која е екстензија на главната комуникација со центарот на градот.

Таквиот распоред на волумени оформи линеарна типологија на пазар и своевидна реинтерпретација на Струмичката стара чаршија.Основната намена на објектот-продажба се одвива на приземјето и нуди различни типови на продажни простори од обични тезги,до продажни простори со посебни магацини и продажни простори за занаетчии со свои работилници.Пред влезот на главниот волумен на отворениот пазар, позициониравме големо плато кое нуди можност за изнесување на пазарот на отворено,а во останатиот дел на парцелата  зеленило и простор за седење и рекреација.

 

На катот се поставени угостителските содржини кои со приземјето се поврзани со брзи и кратки комуникации,но и со исценирана патека на корисниците која нуди различно доживување на објектот.Уште еден важен сегмент во оформувањето на пазарот,беше сегрегација на комуникации за вработени и корисници, сегрегација на движењето на камионите за дотур на стока до магацините  и движењето на колите за пристап до паркинг место.

 

 

 

КОНСТРУКЦИЈА:

Особен акцент е ставен на конструкцијата која воедно е и главниот обликовен елемент на објектот. Освен типичната скелетна конструкција со челични столбови и греди или челични греди и челични решетки за совладување поголеми распони ,користевме и челични мостови кои се потпираат на армиранобетонски платна со поголеми димензии.

 

Нивната поставеност овозможува совладување на поголем распон и слободна циркулација по пешачката улица без попречување од никакви конструктивни елементи.Поголемиот дел од обвивката е целосно застаклен за да овозможи поголема отвореност и протекување на просторот.